Фото: Фејбук профил

Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски оцени дека кривичната пријава поднесена од СВР Куманово против него и двајца вработени во општината е правно неоснована.

– Наводите во кривичната пријава се однесуваат на, наводно „невалидност на одобрение за градење“ и „промена на инвеститор“. Дозволете ми да ги разјаснам фактите: правото на градба не може да се одземе без исполнување на законски услови, а надлежноста е на инспекторатот. Одобрението за градење престанува да важи само доколку градбата не започне во законски предвиден рок. Меѓутоа, контролата на оваа важност, како и на усогласеноста на градбата со проектната документација, е исклучива надлежност на градежниот инспекторат, општински или државен, согласно член 101 од Законот за градење. Во конкретниот случај, постапено е врз основа на изјава за промена на инвеститор, процедура јасно регулирана во член 70 од Законот за градење, без издавање на ново одобрение. Кривичната пријава, оттука, е правно неиздржана. Јас како градоначалник, општинската администрација и сите одговорни лица кои учествуваат во процесот на подготвување и потпишување на актите се водиме сторого и исклучиво по закон. До сега не постои случај на погрешно или незаконски водена постапка- рече Митовски на прес-конференција.

Како што наведе, промена на инвеститор е законски дозволен и администриран процес, а член 70 од Законот за градење експлицитно дозволува промена на инвеститор до моментот на издавање употребна дозвола.

– Оваа постапка е чисто административна, базирана на доставени валидни документи и изјави од странките. Општината постапила исклучиво по барање на странките и во согласност со законски пропишаните услови, без да издаде ново одобрение. Оттука, во овој процес нема ниту еден правно спорен елемент, ниту пак докази за умисла, лична корист или пречекорување на овластувања. Имено, одобрението за градење е правосилен акт и сите права што произлегуваат од истото остануваат во сила, без оглед на рокот за започнување со градба, сè додека не се издаде употребна дозвола или не се утврдат други законски основи за негово поништување, што е надлежност на инспекциските служби, а не на општинската администрација – рече Митовски.

СВР Куманово поднесе кривична пријава против градоначалникот на Крива Паланка Сашко Митовски, поради тоа што, според МВР, дозволил доизградба на објект без важечко одобрение и со тоа ја злоупотребил службената положба. Кривична пријава заработија и двајца службеници од општината .

Сега јавноста е во очекување на јавното обвинителство со нивна оценка дали има елементи во крвичната пријава на СВР Куманово, за да се поднесе обвинение, а потоа и да се процесуира во рамките на надлежниот суд.