Одбележување 150 години од раѓањето на македонскиот филолог и 80 години од кодификацијата на македонскиот јазик

Крсте Петков Мисирков не е само македонски лингвист, тој е и европски лингвист и е нашиот цивилизациски влог во развојот на филолошката, на лингвистичката мисла од тој период. Тој ни оставил национална програма како се сакаат и се почитуваат татковината и мајчиниот јазик. Афирмацијата на неговото дело и академски профил е потребна и денес, особено кога од некои соседи, за жал, сѐ уште се оспорува посебноста на македонскиот идентитет и јазик. Ова беше истакнато вчера по повод одбележувањето 150 години од раѓањето на Крсте Мисирков со тркалезна маса „Академскиот профил на Крсте Мисирков“, што се одржа на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.
– Мисирков навистина оставил огромно наследство. Тоа наследство не може да се брои со страниците што ги испишал, затоа што секој збор е извонредно значаен, затоа што Мисирков, едноставно, ни оставил една национална програма, и во книгата „За македонцките работи“, но и со севкупното негово дело. Ни оставил национална програма како се сака и се почитува татковината, како се сака и се почитува мајчиниот јазик, каков однос треба да имаме кон сето она што нѐ прави нас Македонци, различни од другите. Тој секогаш бил со почит кон другите, секогаш бил да ги почитува културата историјата, идентитетот на другите народи, на другите луѓе. Но затоа и барал и нам Македонците да ни се признае правото како одделен народ со свој јазик и свој идентитет, и целиот свој живот тој доследно го работел тоа како македонски интелектуалец – наведе професор д-р Лилјана Гушевска од Институтот за национална историјa.
Основните постулати на стандардниот македонски јазик се смета дека се поставени од Крсте Петков Мисирков, во неговото дело „За македонцките работи“, издадено во 1903 година. Мисирков, роден во 1874 година, остави длабока трага во македонската историја и култура како автор на делото „За македонцките работи“, кое е клучно за афирмацијата на македонскиот јазик и писмо. Тој во македонската историја останува запаметен како бележит филолог, лингвист, фолклорист, публицист, политички деец и еден од најзначајните заштитници на македонските национални особености – јазик, историја и култура. Идеите на Мисирков за создавање единствен литературен македонски јазик и неговата борба за признавање на јазикот претставуваат темели на сегашната македонска јазична норма.
По повод 150 години од раѓањето на Крсте Петков Мисирков, „Македонски пошти“ издадоа поштенска марка со номинална вредност од 36 денари и тираж од 6.000 примероци. Дизајнер на марката е Лоран Куфало. Н.М.