Фото: „Нова Македонија“

Неколку интересни моменти поврзани со телефонскиот разговор меѓу Трамп и Путин

Двочасовниот телефонски разговор меѓу американскиот и рускиот претседател Доналд Трамп и Владимир Путин беше еден од најочекуваните телефонски разговори. Наедно, и содржините, па и деталите од тој разговор, вклучувајќи ги и заклучоците и заемните согласувања, односно несогласувања, беа нештата што светската јавност со нетрпение ги очекуваа. И конечно, разговорот меѓу американскиот и рускиот претседател Доналд Трамп и Владимир Путин се реализира на 19.5.2025 година, понеделник, со почеток во 16 часот по централноевропско време, а траеше цели два часа.
Рускиот претседател Путин за време на разговорот беше во Сочи, Русија, каде што престојува поради други службени обврски, а претседателот на САД, Доналд Трамп го водеше разговорот од Белата куќа од Вашингтон.

Неколку карактеристични изјави на релевантни политичари од САД и од
Русија пред телефонскиот разговор Трамп-Путин

Пред повикот, потпретседателот Џ.Д. Венс рече дека „претседателот Трамп е повеќе од отворен и решен дури и да се откаже од обидите за завршување на војната доколку смета дека Путин не е сериозен во врска со преговорите“.
Потпретседателот Џ.Д. Венс во пресрет на телефонскиот разговор Трамп- Путин нагласи дека „Трамп се замори и се фрустрира од двете страни во конфликтот“ (мислејќи и на Киев и на Москва). Потпретседателот Џ.Д. Венс во својата изјава во јавноста им стави до знаење на двете страни дека сака мирно решение и прекин на огнот што е можно поскоро.
Венс рече дека Трамп јасно ставил до знаење дека САД „нема да работат тука предолго“.
– Сакаме да видиме резултати – порача потпретседателот на САД, Џ.Д. Венс.
Во истиот контекст, претставникот на Трамп, Стив Виткоф, пред да се реализира телефонскиот разговор, изрази силен оптимизам во јавноста.
– Мислам дека ќе биде многу успешен повик – рече Стив Виткоф, додавајќи дека „чувствителноста на Трамп е во содржините за кои би требало да разговара со претседателот Путин по телефон, а тоа ќе реши дел од застојот и ќе нè однесе таму каде што треба да бидеме“.
Од страна на Русија, во пресрет на телефонскиот разговор Трамп-Путин, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, го нарече тој разговор исклучително важен, со оглед на разговорите што се одржаа минатата недела во Истанбул како вовед, меѓу руски и украински претставници, кои беа и први вакви преговори од март 2022 година.

Коментари и впечатоци на претседателите Трамп и Путин во врска со нивниот дијалог „преку жица“

1. Впечатокот на претседателот на Русија за телефонскиот разговор, пренесен за медиумите:

Путин го опиша разговорот како „информативен, искрен и многу корисен“.
„Прекин на огнот во ситуацијата во Украина е можен во одреден временски период доколку се постигнат соодветни договори“, наводно рекол рускиот претседател (објавено во руски медиуми). Руските медиуми пренесуваат и дека рускиот претседател му рекол на Трамп и дека „Русија е подготвена да соработува со Киев за меморандум за иден мировен договор“!
Русија поддржува мирно решавање на конфликтот, и покрај тоа што Москва еднострано ја започна специјалната воена операција, а сега испратила само делегација од понизок ранг на помлади политичари на мировните преговори во Истанбул. Путин исто така резимирал дека причините за конфликтот мора да бидат елиминирани.
Рускиот претседател Владимир Путин му рекол на американскиот претседател Доналд Трамп дека руските безбедносни служби спречиле терористички напади во Кремљ и Црвениот плоштад непосредно пред Денот на победата на 9 мај.

2. Впечатокот на претседателот на САД за телефонскиот разговор со Путин, пренесен за медиумите:

Американскиот претседател Доналд Трамп по двочасовниот телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин објави дека „Русија и Украина веднаш ќе започнат преговори за прекин на огнот и, што е уште поважно, за крај на војната“.
„Условите за тоа ќе бидат договорени меѓу двете страни, бидејќи тоа е единствениот начин на кој е можно, затоа што тие ги знаат деталите од преговорите што никој друг не би ги знаел“, изјави Трамп дека било речено од негова страна за време на телефонскиот разговор, додавајќи дека „тонот и духот на разговорот биле одлични“.
„Русија сака да има одлична трговска размена со Соединетите Американски Држави кога ќе заврши ова катастрофално крвопролевање“, рекол Трамп. Тој се согласил дека постои огромна можност Русија да создаде огромни количества работни места и богатство.
„Нејзиниот потенцијал е неограничен“, изјави за јавноста Трамп во врска со телефонскиот разговор со Путин.
Трамп исто така рече дека Украина „би можела да има голем бенефит во врска со таа трговија“.
Во врска со реализираниот разговор, претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека веднаш по завршувањето на повикот ги информирал следните лидери за содржината:
– украинскиот претседател Володимир Зеленски,
– претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен,
– францускиот претседател Емануел Макрон,
– италијанската премиерка Џорџа Мелони,
– германскиот канцелар Фридрих Мерц и
– финскиот претседател Александар Стуб.
За издвојување е информацијата дека американскиот претседател Трамп не му се јавил на британскиот премиер Кир Стармер, како и позицијата на Ватикан, претставуван од папата, кој изјави дека „би бил многу заинтересиран да биде домаќин на преговорите“! Р.С.


Италија е подготвена да придонесе за мирот во Украина

Италијанската премиерка веќе подготвена за – добредојде за Трамп и Путин

Италијанската премиерка Џорџа Мелони изјави по телефонскиот разговор на американскиот претседател Доналд Трамп со европските лидери дека Италија е подготвена да придонесе за мирот во Украина.
– Работиме на итно започнување преговори меѓу страните што можат да доведат до прекин на огнот што е можно поскоро и да создадат услови за праведен и траен мир во Украина. Во таа смисла, подготвеноста на светиот отец да биде домаќин на разговорите во Ватикан беше оценета како позитивна. Италија е подготвена да го направи својот дел за олеснување на контактите и за работа во мир – се наведува во соопштението на италијанската влада. Р.С.


Кој во Европа сака да ги саботира мировните напори на Трамп?

Велика Британија и Европа најавија големи санкции против Русија откако излегоа со став дека тие не се задоволни од телефонскиот разговор меѓу Трамп и Путин. (?!) Тие дури најавија и воведување нови санкции кон Русија.
Имено, Велика Британија соопшти дека нејзините санкции ќе бидат насочени кон десетици субјекти „кои ги поддржуваат воената машинерија на Русија, извозот на енергија и информациската војна, како и кон финансиските институции што помагаат во финансирањето на Путин во Украина“.
И шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, изјави дека „ЕУ одобрила санкции насочени кон руската флота во сенка од околу 200 брода и дека се во тек повеќе санкции“.
– Се подготвуваат нови и повеќе санкции против Русија – изјави Калас и додаде воинствено дека „колку подолго Русија води војна, толку е построг нашиот одговор“. Р.С.


Некои европски политичари ги попречуваат мировните преговори меѓу завојуваните страни

Воинствени европски либерали сакаат продолжување на воениот конфликт

Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто ги предупреди европските политичари што го напаѓаат промировниот тренд, како и мировната позиција на унгарската влада, да не го попречуваат успехот на мировните преговори меѓу Русија и Украина.
Иако Унгарија се залага за прекин на огнот и мировни преговори повеќе од три години, Брисел и Европејците ја напаѓаат Унгарија поради тоа. Токму ова го изјави министерот за надворешни работи на Унгарија, Сијарто, а потоа беше лиферувано и соопштение на унгарското Министерство за надворешни работи.
– Изборот на Доналд Трамп донесе со себе надеж за мир. Благодарение на Доналд Трамп, сега има директни разговори меѓу Американците и Русите и меѓу Русите и Украинците. Ова веќе го направи светот побезбедно место – рече Сијарто.
Тој додаде дека сите се свесни дека мировните преговори ќе бидат тешки, поради што ги повика Брисел и европските политичари да не го попречуваат успехот на мировните преговори. Унгарската влада, како што рече тој, ќе продолжи да прави сè што може за да ги поддржи мировните напори на американскиот претседател.
Сијарто додаде дека се надева оти разговорите ќе доведат до прекин на огнот и на крајот до сеопфатен мировен договор што е можно поскоро. Р.С.