Станува сè поочигледно дека седиштето во Мала Речица не е доволно атрактивно за партиските активности, па затоа првиот вицепремиер широко ги отвори вратите на Министерството за политички систем за своите сопартијци, гости итн., дозволувајќи тоа да функционира де факто како партиско седиште на ДУИ во Скопје. Едноставно недозволиво е вакво поведение, со ваква (зло)употреба на државните институции и ресурси да се испраќа порака во јавноста од страна на Демократската унија за интеграција како партнер во власта дека објектот на министерството е нејзина „освоена територија“ и дека во него ќе прави што сака, вклучувајќи и дека ќе ја спроведува партиската агенда
Државните институции се претворија во партиски седишта
Една од клучните забелешки на меѓународната заедница во однос на Македонија е да се прекине процесот на партизација на институциите, но се чини дека домашните политичари не само што се оглушуваат на ваквите добронамерни совети од страна туку уште повеќе ги приватизираат институциите за партиски цели.
Оваа негативна појава се интензивира последните неколку години, за сега да го достигне тоа ниво што веќе граѓаните немаат впечаток дека влегуваат во државна институција, туку во партиски штаб.
Најнов ваков случај е злоупотребата на зградата на Министерството за политички систем и односи со заедниците, раководено од првиот вицепремиер Артан Груби, кој дозволува неговиот партиски шеф Али Ахмети во овој објект да врши партиски функции, да има партиски средби со разни личности, да се држат партиски состаноци, да се играат фудбал и кошарка, па дури и да се слават родендени. Најнов ваков пример е регистриран неодамна, кога во кабинетот на вицепремиерот Груби, лидерот на интегративците се сретна со поранешниот пратеник на Доналд Трамп за дијалог меѓу Косово и Србија, Ричард Гренел.
Со ваквата злоупотреба на институциите, пораката што ја испраќа Демократската унија за интеграција како партнер во власта е дека објектот на министерството е нејзина освоена територија и дека во него ќе прави што сака, вклучувајќи и дека ќе ја спроведува партиската агенда. Очигледно седиштето во Мала Речица не е доволно атрактивно за партиските гости, па затоа првиот вицепремиер широко ги отвори вратите на Министерството за политички систем за своите сопартијци, дозволувајќи тоа да функционира де факто како партиско седиште на ДУИ во Скопје.
Станува збор за чиста јавна демонстрација за тоа како се партизираат институциите, не само преку партискиот кадар што е вработен таму туку и со бескрупулозното инвазивно влегување во државен објект за да се остварат разни партиски или приватни активности, без оглед што тој објект е во владение на друг субјект.
За партиски цели, ДУИ не се воздржува ниту да ги користи и службените возила, кои редовно можат да се забележат на партиски митинзи, свадби и други настани од партиски карактер.
Станува јасно дека на терен веќе се случува маркирање на територијата од страна на интегративците, кои наместо во државните институции да бидат репрезенти на државата Македонија, тие се однесуваат како објектите да се нивен партиски штаб.
Антикорупциската комисија постојано констатира дека Артан Груби ги користи службените простории на Министерството за партиски состаноци, една реакција за злоупотреба на државните ресурси стигна и од вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска, но таквите забелешки воопшто не го тангираат првиот вицепремиер, а уште помалку неговите сопартијци.
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски резигнирано констатира дека не очекува поинакво однесување од министрите и претседателот на ДУИ бидејќи тие во овие 20 години од нивното партиципирање во власта од државата направија исклучиво партиска територија и така ги третираат и институциите.
– Државата е всушност партиска територија, не постои држава туку постои партија и партиска територија на која владеат партиските закони, всушност законите на лидерот. Така што не може да зборуваме за злоупотреба кога тоа де факто е партиска територија, измислено министерство со измислен министер за партиски потреби – вели разочарано Пекевски.
Според него, вака како што е структуирана државата со партиски кадри, тешко е да се очекува да се расчисти со ваквата практика на злоупотреба на државните институции за партиски цели.
– Искрено се сомневам дека имаме капацитет за департизација на овие институции или да му се забрани на ДУИ да го прави тоа што го прави со државните институции, со оглед дека судството е роднинско-партиски испреплетено низ сите нивоа – истакнува Пекевски.
Неговиот песимизам оди дотаму што смета дека државава е буквално зрела за надворешен управник што ќе стави крај на ваквото партиско дерогирање на институциите.
– Единствен излез да се запре ова партиско узурпирање на државните ресурси го гледам во носење некаков управник од Европската Унија, кој би управувал со земјава сè додека не се воспостави ред. Самостојно сме неспособни да решиме што било – крајно песимистички констатира Пекевски, повеќе во насока да алармира за актуелната состојба отколку да даде решение.
Повеќе експерти во областа на јавната администрација се согласуваат дека не само што институциите се партизираа со партиски вработувања туку и самите објекти и ресурси се присвојуваат за партиски цели, што е недозволиво.
– Се доведовме во таква ситуација, наместо државни, да имаме партиски институции. Се измислија функции, министерства, се изградија посебни објекти за таа намена, а сега во тие објекти се слават родендени, се игра фудбал и се пречекуваат партиски гости. Како што стојат работите во нашава држава, ништо чудно ДУИ утре и легално овој објект да го претвори во партиско седиште. И онака купија сè, така што нема да имаат проблем и овој објект во кој се одомаќинија да стане нивен – посочуваат соговорниците.
За нив трагично е што македонските граѓани веќе ги препознаваат институциите како партиски и така ги ословуваат.
– Никој повеќе не вели Министерството за политички систем, велат министерството на Груби. Тоа е поразително, не само што општеството е вака поделено, сега се дели и преку институциите. Се прави еден вид означување на територијата, што е наше, а што е ваше. Мора еднаш да се стави крај на ваквото однесување и ако веќе имаме вицепремиерка за добро владеење, нека направи нешто во таа насока, или нека ги натера добро да се однесуваат или, пак, нека не се трошат непотребно народни пари и за нејзината плата – заклучуваат нашите соговорници.