Фото: МИА

Власта уште од февруари најавува дека уставните измени ќе влезат во Собрание, па потоа кажуваа дека ќе биде март, па мај, за да конечно кажат дека ќе ги испратат за две недели до Собрание. Желбата на ВМРО-ДПМНЕ е што побрзо власта да ја поднесе иницијативата, за да видат самите дека нема уставни измени и дека таа иницијатива нема да успее, истакна пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски во вечерашното гостување во Дневникот на телевизија „Сител“.

Тој додаде дека навремено ја предупредиле власта дека ваквата обврска за измена на Уставот која ја прифатиле нема да помине и апелираме власта што побрзо власта да ја внесе оваа иницијатива за да може што побрзо да се види дека нема да помине.

– Ние гледаме дека Владата е исплашена од зборот предвремени избори. Власта не може да избега од избори бидејќи и редовните доаѓаат за брзо време и единствено темата за уставни измени ја држи Владата во живот затоа што нема друга тема – кажа Милошоски.

Тој потенцираше дека власта се обидува да избегне од темата инфлација, намалување на животен стандард, незадоволство на пензионерите, немање учебници, не функционирање на системот, делегитимиран републички судски совет и преку темата Уставни измени Владата се одржува во живот која ќе ги покрие реалните теми на граѓаните.

– ВМРО-ДПМНЕ во изминатиот период имаше сериозна комуникација во Брисел, Берлин, Вашингтон и други места и нашата порака е дека ние нудиме план за надминување на овој проблем и тој план и го понудивме и на власта. Тој план е да направиме Влада без ДУИ, да одиме со одложено дејство на Уставни измени за да имаме гаранција дека нема повеќе блокади и да ги поврземе со датумот за членство во ЕУ за да Бугарија наместо да блокира да биде дел од евроинтегративниот процес. Понудивме исто така да одиме на предвремени избори и победникот кој ќе победи на тие избори да има обврска да формира Влада без ДУИ и опозицијата да му даде поддршка и подобра перспектива за евроинтеграциите – дециден е Милошоски.

Тој истакна дека за разлика од Владата која ова не го прифаќа, меѓународните соговорници имаат поголемо разбирање иако јавно не секогаш тоа го објавуваат сепак гледаат дека опозицијата има реален план кој ќе значи надминување на проблемот создаден од Бујар Османи, Бојан Маричиќ и Ковачевски.

– Доколку има политичка волја во рамки на Европската Унија и национален консензус во Република Македонија тогаш е возможно Македонија да го следи примерот на Словенија и Хрватска каде тие се договорија нивната меѓународната арбитража да важи по влезот во Европската Унија – заклучи Милошоски.