Во главниот град на Албанија, Тирана денеска се одржува самитот за Западен Балкан – Европска Унија на кој ќе се разговата за миграцијата, како и за соработката и последиците од руската војна врз Украина.
Премиерот Димитар Ковачевски, заедно со лидерите од Западен Балкан, денес ќе учествува и ќе говори на самитот. Учесниците на самитот ќе ги пречека премиерот на Албанија Еди Рама, а присуство е најавено н а високите европски претставници Шарл Мишел и Фон Дер Лајен, како и премиерите на Белгија, Луксембург и други европски земји. На Самитот е предвидено земјите од Западен Балкан со ЕУ да потпишат декларација за зајакнување на соработката во повеќе сегменти со што се обезбедува подобри услови и бенефиции за граѓаните од земјите од Западен Балкан.
Ковачевски ќе учествува и на две панел-дискусии на кои фокусот ќе биде европската перспектива на земјите од Западен Балкан, обезбедувањето демократија, мир и слобода, како и тесната соработка помеѓу земјите во заедничкото справување со предизвиците наметнати од економската и енергетската криза.
Во состав на владината делегација предводена од премиерот Ковачевски во Тирана се и вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Според податови на Агенцијата за заштита на границите на ЕУ (ФРОНТЕКС) во првите 10 месеци од годината регистрирани се повеќе од 120.000 нелегални гранични премини долж така наречената мигрантска западнобалканска рута.
Европската комисија вчера побара засилување на граничните проверки во регионот, депортирање и воведување на визи за државјаните кои доаѓаат од земји кои не се членки на ЕУ.
На Самитот во Тирана ќе се разговара и за последиците од војната во Украина, вклучително и санкциите на ЕУ кон Русија и интеграцијата на регионот во внатрешниот пазар на ЕУ, на пример, со намалување на таксите за роаминг на мобилни телефони.
Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Косово, Албанија и Црна Гора имаат аспирации за влез во ЕУ. Пристапните преговори со Македонија и Албанија официјално почнаа во јули, откако првпат аплицираа во 2004 односно во 2009 година, а Босна и Херцеговина во 2016 година.
Земјите-членки на ЕУ неодамна го поддржаа безвизниот режим за Косово од 2024 година, и се чека одлуката да биде одобрена од Европскиот парламент.