Успеавме, успеавме. Победи Македонија, историска победа на народот, кажа вечерва на прес-конференција, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
– Криминалот, корупцијата, неспособноста, тендерите, одземената држава, непотизмот и уште стотина други последици кои направија државата да страда, а народот да е резочаран. Вечерва конечно се поразени. Поразени се предавствата и поделбата. Тие стотина луѓе од ДУИ и СДСМ кои мислеа дека се господари на нашите животи, нив денеска ги боли главата, има и зошто, ќе одговараат до последниот. Секој кој направил криминал и спровел корупција, мора да има одговорност која што ќе се темели на правда и закони. Поразен е и бојкотот на ДУИ – кажа Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека ова на нивната победа дава посебно задоволство.
– Народот покажа дека нема да дозволи поединци да создаваат кризи и преку институции да се штитат себеси, а ДУИ покажаа дека се најмалку партија која се грижи за Македонија и станаа силно криминализирана структура. Сѐ им се удри од глава и на крај се избојкотираа самите себеси, време е да одат заедно со СДСМ во опозиција. Народот ја одржа најважната лекција кон власта и си ја спаси државата – додаде Мицкоски.
Тој кажа дека нема да ги повтори грешките на претходната Влада кога се однесувала самобендисано и неодговорно.
– Ние имаме намера со сите опозициски партии, кои настапија на овие избори, да разговараме и да видиме што е тоа што може да биде наша точка на поврзување. Тоа не значи дека сите тие би биле дел од идната влада – кажа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.