фото: ВМРО-ДПМНЕ

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се обрати на вечерашниот митинг одржан во општина Берово, во рамки на изборната кампања под слоганот „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“, за претстојните локални избори на 19 октомври, истакнувајќи дека програмата е прецизна со јасни рокови и мерки насочени кон потребите на граѓаните, а воедно се осврна и на опозицијата која нема конкретни проекти и чија кампања се темели на нивниот учител и гуру, Зоран Заев.

– Ние на овие избори излеговме со прецизна програма, со рокови, за прецизни работи неопходни за граѓаните, а од нив не слушнавме буквално ниту еден проект. Но слушнавме затоа за нови подароци кон нашиот источен сосед, слушнавме за непринципиелни коалиции, слушнавме за соработка и ишарети со ДУИ, слушнавме дека судиите и обвинителите, оние истите со 2% рејтинг биле професионалци, но не само што слушавме туку и гледаме како кампањата им се потпира исклучиво на политичкиот гуру на нивниот претседател Венко Филипче, а тоа е Зоран Заев. Тој велеше дека ќе одел во политичка пензија, а гледаме како буквално грчевито се бори да си ја одбрани инвестицијата во СДСМ, исто како што ги брани инвестициите во Дубаи. За овие луѓе политиката е бизнис, а за нас е начин како да им помогнеме на граѓаните. И она што е толку очигледно е нивното разбирање за домот. Нивниот дом никогаш не бил нашиот дом, а тоа се маалата, улиците, игралиштата, парковите, срдечноста во погледот, во ракувањето и поздравот со секој еден од вас, во искрениот напор да направиме повеќе за Берово, повеќе заедничко за нашата татковина и преубава Македонија – рече Мицкоски.

Мицкоски изјави дека СДСМ се бори само за бизниси, тендери, зделки и профитирање на нечесен начин, а не за интересите на граѓаните, како и дека се гледа нивниот политички крај и соочување со правдата.

– Нивниот дом за кој се борат се бизнисите, тендерите, зделките во четири очи, фабриките за марихуана, желбата да се профитира на нечесен и криминален начин. И знаат дека со секој глас повеќе, со секоја поддршка повеќе за нас, тие се готови, а така го гледаат во очи нивниот политички крај. А политичкиот крај значи и соочување со она од што најмногу се плашат, а тоа е правдата. Сето ова за што ви зборувам, драги мои, можевте да го видите на филмска лента во изминативе две и пол недели од оваа кампања за првиот круг на овие локални избори. Сосема извесно е дека со еден избор одите напред, а со друг се враќаме назад. Сетете се само на оние 7 години кога влада беа СДСМ и ДУИ. Со еден избор се борите за твоето маало, за твојата општина и заедничката иднина, а со другиот се борите за нивните лични интереси. Затоа на овие избори е пресудно и клучно најпрвин да излезете да гласате – рече Мицкоски.

Мицкоски упати порака за излезеност на 19 октомври и поддршка за градоначалникот, Петар Ружински, за големи проекти и развој на општина Берово.

– Затоа ве замолувам излезете на изборите на 19 октомври за неколку дена од денес, остварете го своето право, затоа направете го вистинскиот избор, а вистинскиот избор, убеден сум длабоко во себе овде во Берово е Петар Ружински. Петар е искрен и домаќин човек кој му треба на Берово – да се направат промени и големи проекти кои ќе ги решат дел од проблемите на овој преубав град на истокот – заклучи Мицкоски.