Фото: Влада

Премиерот Христијан Мицкоски преку социјалните мрежи објави дека Граѓанскиот суд Скопје донел правосилна пресуда со која се утврдува дека поранешната министерка и актуелна пратеничка од СДСМ, Славјанка Петровска, јавно ширела лаги и клевети против него.

– Уште една потврда дека на лагата ѝ се кратки нозете. Граѓанскиот суд во Скопје донесе правосилна пресуда со која се утврдува дека поранешната министерка и сегашна пратеничка од СДСМ, Славјанка Петровска, јавно ширела лаги и клевети против мене. Судот ѝ наложи не само да ми се извини, туку и да ја објави пресудата во медиумите, затоа што вистината мора да излезе на виделина – пишува Мицкоски во објавата на Фејсбук.

Со оваа пресуда, како што наведува, се потврдува дека СДСМ не само што лажат, туку и не се промениле.

– Продолжуваат да го потценуваат народот, верувајќи дека со клевети и манипулации ќе фрлат дамка врз мојата работа, и дека народот ќе се разочара. Но нашиот народ е мудар. Има искуство со политичари како овие од СДСМ, чии кариери се изградени врз измами, несовесност и недостиг на одговорност. Ова не е моја лична битка, ова е битка за принципи, за вистината, за достоинството на секој поединец кој не дозволува неказнето да му се лепат лаги. Продолжуваме посветено, чесно и со крената глава. Лагите ќе паднат. Вистината победува – стои во објавата на Фејсбук.