Фото: Макфакс

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, тврди дека на денешниот протест, при инцидентите кај „Мавровка“, се случила класична монтажа, како и оти веќе извесно време добива неформални информации за негова елиминација.

– Се случи тежок ицидент. Класична монтажа. Убиство на некого, мајка со дете, мое убиство, недолжен човек. Ова требаше да личи на меѓуетнички конфликт, а не е ништо повеќе од борба за власт. Подолго време добивам неформални информации за моја елиминација. Денеска видовме две лица со оружје за тоа да го направат. Полицијата ја немаше и се појавија 10 луѓе кои беа вооружени. Тие имаа и неколку истрели. Ваквото сценарио го најави власта – вели Мицкоски.

Тој истакна дека нема да отстапи, ниту да се повлече, како и дека протестите продолжуваат.

– Порака до Албанците. Борбата е заедничка, како што било во минатото и како што ќе биде во иднината. Порака до Македонците, да останеме достоинствени и да се бориме. Сакам да ве уверам дека и покрај тоа што има хушкачи помеѓу Македонците, нема да отстапам, ниту да се повлечам. Уште побројни и помасовни продолжуваме утре во 19 часот пред Владата. Јас заедно со вас ќе го предводиме победничкиот марш. Нема чекор назад. Одиме напред – додаде Мицкоски.


МВР ги демантира тврдењата дека полицијата не била присутна при инцидентот

Министерството за внатрешни работи (МВР) целосно ги демантира тврдењата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, дека полицијата не била присутна и не реагирала при инцидентот кај споменикот „Скендербег“.

Напротив, како што посочуваат од МВР, полицијата беше на лице место, во истиот момент реагираше и го спречи насилството, а едно лице веднаш беше приведено кое е осомничено за пукање од огнено оружје.

– За време на протестите полицијата е целосно на ниво на задачата и апелираме партиите да престанат да со дезинформации – наведуваат од МВР.