Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот за воведување една изборна единица, со можност за гласање на дијаспората, во рамки на разговорите за новиот Изборен законик.
– Ние сме за една изборна единица и не ги менуваме ставовите. Тоа го кажав и на лидерската средба, но треба да има праг што ќе се договори со останатите политички партии. Во таа една изборна единица логично е да гласа и дијаспората – изјави Мицкоски.
Тој посочи дека клучниот проблем со гласањето во дијаспората е слабата достапност на дипломатско-конзуларните претставништва, особено во Австралија и Северна Америка, каде растојанијата се големи и интересот е низок.
– Доколку се најде законско решение да се отворат гласачки места и надвор од дипломатските конзуларни претставништва (ДКП), процесот би бил многу поуспешен – додаде премиерот.
Мицкоски појасни дека ќе биде потребна и законска регулација за привремена екстериторијалност во земјите каде што би се организирало гласање, што би важело исклучиво за изборниот процес, посочувајќи дека ваква практика постои во Австралија.



































