Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во разговор за „Дојче веле“ се осврна на неговата неоодамнешна посета на Будимпешта, каде што заедно со потпретседателот на партијата Александар Николоски се сретнаа со унгарскиот премиер Виктор Орбан, а зборуваше и за критиките од еврокомесарот Оливер Вархеи, како и за консултациите за референдумското изјаснување и за други актуелни прашања.
– Сметам дека единствените црвени линии кои беа поминати беа тие на распродажбата на македонскиот идентитет, грубата трговија со нашите историски наследства и културни обележја врз кои како народ ја градиме нашата држава и го негуваме нашиот идентитет. Познавајќи ја европската бирократија, го разбирам господинот Вархеи кој како политичар во ЕУ сака уште едно завршено поглавје на своето биро, уште едно затворено прашање. Единствената црвена линија која се помина е таа на здравиот разум, на идентитетското распознавање на Македонија и народот, како и бескрајната толеранција на Европската Унија на неразумните блокади и тапкањето во место. Воедно и Европската Унија го троши својот кредибилитет кога се удоволуваат мегаломанските барања на поединечни држави. Единствено што сакам и на што опстојувам е доследно почитување на вредностите врз кои почива ЕУ, а тоа е почитување на различностите, на силно вреднување на солидарноста – истакна меѓудругото Мицкоски.
Мицкоски го посочи Орбан како поддржувач на стратешките интереси на Македонија.
– Тој е пријател на Македонија и голем поддржувач на стратешките интереси. Одблиску го запознав со деталите околу преговарачката рамка, и тоа што нам ни пречи, а тоа е правото кое се дозволува на земја членка на Унијата да ги менува нашите учебници, нашиот Устав, да го негира нашиот јазик, а за возврат ние сѐ уште да сме пред портите на ЕУ, сѐ додека некој од Бугарија не рече – доволно е обезличување, сега можете да влезете. Разговаравме и за состојбите во регионот, енергетската криза и ред други теми и прашања. Пријателска и средечна средба – откри Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ беше запрашан за тврдењата на политичките противници според кои со партијата сѐ уште раководи Никола Груевски, како и за сомнежите дека на средбата со Орбан биле заедно со поранешниот премиер што избега во Будимпешта.
– Смешни се тие обвинувања и само ја покажуваат немоќта на СДСМ и нивните инсталации наменети да ја шират нивната невистинита пропаганда. Таквите дезинформации се и дефокус од реалните теми кои ги интересираат граѓаните, како што е инфлацијата, енергетската криза и асимилација преку прифаќање на протокол кој јавноста го виде откако се потпиша. Додека јас сум претседател ВМРО-ДПМНЕ ќе биде народна партија која ќе се темели на чест, работа и напредок, нема таков полусвет да крои политики во ВМРО-ДПМНЕ – нагласи Мицкоски.
Тој напомена дека во тек се и консултациите за референдумското изјаснување во однос на францускиот предлог.
– Во тек се консултациите за сите детали околу самото прашање за референдум и во втората половина на наредниот месец ќе излеземе со прецизни решенија кои ќе значат плебицитарно изјаснување на народот и давање на можност да се срушат овие штетни политики и очигледни блокади – заклучува Мицкоски.