фото: Влада

ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија, но и самата влада која што ја предводам прави се што може да испорача резултати. Ќе продолжиме со борбата против криминалот и корупцијата, затоа што само така можеме да ја вратиме надежта кај граѓаните, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски од Гевгелија, прашан за коментар во врска со бројките од последните анкети.

Сѐ останато, потенцираше, е само гола и празна политика, која не носи додадена вредност.

– ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија и коалицијата но и самата влада која што ја предводам, прави се што може во овој момент да испорача резултати, да покажеме дека не сме исти како другите. Јавноста е објективна и таа преку ваков тип на јавно мерење кажува реално какви се состојбите во државата. Задоволен сум, но секогаш може подобро. Ќе работиме жестоко, немаме друг избор – рече Мицкоски.

Тој појасни дека првичната цел беше да го сопрат слободниот пад и да ја консолидираат состојбата во државата. Како што рече, очекува на пролет да дојдеме до точка нула и да почне да се развива државата.

– Првична наша главна цел беше да го сопреме слободниот пад, по што успеавме. Ја консолидиравме состојбата. Уште не сме дојдени до точка нула, очекувам на пролет, месец март или април, да дојдеме до точка нула и потоа да почнеме да ја развиваме државата онака како што имаме намера. Жестоко ќе работиме како влада, напорно и чесно, за да покажеме дека може да биде поинаку – додаде Мицкоски.