Основачот на Телеграм, Павел Дуров, тврди дека ДГСЕ (француската надворешна безбедносна служба) го замолила да ги цензурира „конзервативните гласови во Романија“…
Основачот на Телеграм ја обвини Франција дека преку својата разузнавачка служба влијаела на изборите во Романија
Деновиве, додека Романија гласаше за избор на нов претседател, основачот на Телеграм, Павел Дуров, објави серија пораки во кои ја обвинува Франција, поточно обвинува висок функционер на француската разузнавачка служба, имено директорот на Генералниот директорат за надворешна безбедност (ДГСЕ), Николас Лернер, дека „го замолил да ги цензурира конзервативните гласови во Романија“. Обвинувањата на Дуров инстантно беа демантирани од Кеј д’Орсеј, а потоа, што е вистинска реткост, официјално и од разузнавачката служба на Франција – ДГСЕ.
Од анализата на париски „Ле монд“
Париски „Ле монд“ се обидува да анализира што го навело овој руско-француско државјанин да постапи така. Во својата анализа, париски „Ле монд“ се прашува „зошто ако Дуров навистина бил подложен на притисок (што го смета за нелегално поведение од службите) оваа пролет, чекал до самиот последен ден од вториот круг од романските претседателски избори, кога првите анкети за одзивот и резултатите ја објавија победата на проевропскиот кандидат, за да го открие неговото постоење?
Имено, најпрвин тајмингот на Дуров е проблематизиран од страна на париски „Ле монд“… Второ, париски „Ле монд“ понатаму прашува кои „конзервативни гласови“ можел Дуров да ги „цензурира“, доколку тоа било побарано од него.
Париски „Ле монд“ тврди дека ниту поранешниот кандидат Калин Џорџеску ниту Џорџ Симион немаат официјален профил на Телеграм – Симион до неодамна го претпочиташе Ватсап (сервисот за пораки што наводно го мрази Дуров), објаснува парискиот дневен весник.
Иако поддржувачите на двајцата суверенистички кандидати ја користеа апликацијата за да се организираат, вклучувајќи го и координирањето, Симион ја водеше својата онлајн кампања токму на Фејсбук и на Тикток: на секоја од овие две платформи, многу попопуларни одошто е апликацијата Телеграм во Романија, тој има 1,7 милион претплатници, што е значајна бројка во земја со околу дваесет милиони жители.
Децениски напори на Дуров да се дистанцира од Кремљ
Павел Дуров на 20 мај му предложи на романскиот претседателски кандидат Симион да сведочи во постапката со која бара поништување на вториот круг од претседателските избори.
„Подготвен сум да дојдам и да сведочам ако тоа ѝ помогне на романската демократија“, напиша Павел Дуров на 20 мај, како одговор на пораката на Симион во која се објавува дека тој бара поништување на претседателските избори.
На 22 мај барањето беше одбиено од страна на романските судови.
Но за издвојување е дека Павел Дуров во текот на изминатите десет години посвети многу енергија на обидите „светот да го заборави руското потекло на Телеграм“ и на тоа да се осигури дека тој самиот е „можеби не политички противник, но барем жртва на прогон од страна на рускиот државен апарат“…
„Не разбирам зошто медиумите пишуваат дека Телеграм е со седиште во Русија. Немаме сервери, немаме програмери, немаме банкарска сметка, немаме канцеларија во таа земја“, напиша Дуров во 2023 година.
Во 2011 година Дуров јавно поднесе барање од Федералната служба за безбедност (ФСБ) на Русија за блокирање неколку групи за разговор на неговата претходна социјална мрежа Вконтакте, само за да каже дека нема да се согласи. Три години подоцна, тој ја напушти Русија откако ја изгуби контролата врз Вконтакте, по сложена операција зад која Дуров рече дека ја видел раката на Кремљ. Во 2018 година Телеграм беше делумно блокиран во Русија, наводно поради несоработка со ФСБ.
Но неговите критичари ја осудуваат фасадата на опозицијата: Телеграм беше деблокиран во 2020 година во Русија по отстапките од компанијата за „борба против тероризмот и екстремизмот“, според руската државна агенција Тасс, Дуров бил во Русија најмалку педесет пати од 2014 година, како што откри списанието „Историес“, и неговиот брат Николај, дизајнер на алгоритамот за шифрирање на Телеграм, и понатаму беше наведен меѓу вработените на Универзитетот во Санкт Петербург до 2023 година.
Дуров близок со Илон Маск?
Според аналитичарите, Павел Дуров е политички играч, кој е тешко да се класифицира. Тој се нарекува себеси либертаријанец, верува во максималистичка верзија на слободата на изразување и „има аверзија кон државата и даноците“.
Во 2023 година портпарол на Телеграм изјави за „Ле монд“ дека Дуров ги цени политиките што ги спроведува Емануел Макрон од 2017 година – Макрон призна, во 2024 година, дека го потврдил доделувањето француски пасош на Дуров. Но основачот на Телеграм има врски и со крајната десница. Во 2015 година, по нападите во Париз, тој ја нападна социјалистичката влада од тоа време во порака, која оттогаш е избришана, обвинувајќи го дека ја направил Франција „паразитски социјален рај за имигрантите од Северна Африка“.
Европската и американската десница го обожаваат, почнувајќи од Илон Маск – што може да биде добро за бизнисот. Маск и Дуров кон крајот на март објавија дека вештачката интелигенција Грок на Маск сега ќе биде достапна на Телеграм – деталите за финансискиот договор меѓу двајцата самопрогласени шампиони на транспарентноста не беа откриени, пишува „Ле монд“. Дуров го даде своето последно интервју за протрамповски ориентираниот новинар Такер Карлсон, во кое увери дека Телеграм треба да остане неутрална платформа, а не да стане „геополитички актер“. Изјава што е тешко да се помири со неговите неодамнешни интервенции во романската политика.
Дуров во Франција сѐ уште е под „благ судски надзор“
Но Дуров не е само шеф на Телеграм: тој е под истрага во Франција од 2024 година за низа прекршоци поврзани со неуспехот на Телеграм да соработува со правосудниот систем и наводните неуспеси во модерирањето на платформата. Дуров, за кого јавноста смета дека е невин, е предмет на „релативно благ судски надзор, но кој му забранува да патува во странство без дозвола од судија“.
Сепак, како што откри „Политико“, на 12 мај му била одбиена дозвола да патува во Соединетите Американски Држави, каде што требало да се сретне со инвеститори. Претходно годинава му беше дозволено да патува во Дубаи, во Обединетите Арапски Емирати, каде што се наоѓа седиштето на Телеграм.
Несомнено во оваа светлина треба да ја прочитаме и онаа друга порака објавена на 20 мај, според „Ле монд“, во која тој јавно ја прифати поканата да оди во Осло за да учествува на конференција за човековите права организирана од американска невладина организација. Одбивањето би му дало можност на Дуров да се пожали дека е цензуриран; прифаќањето би било победа. Петка победувам, круна губам: маневарот е паметен, но, според аналитичарите, Дуров сигурно знае дека неговите тековни правосудни постапки нема да се решат преку јавни провокации. Но, секако, на јавноста ѝ станува забавно, а тој и неговите бизниси добиваат на популарност.
Тони Гламчевски, дописник на „Нова Македонија“ од Франција