Познат е филмот „Рим отворен град“ на режисерот Роберто Роселини, работен според сценарио на Серџео Амедеи и Федерико Фелини, со маестралната Ана Мањани во главната женска улога. Филмот „Рим отворен град“ е снимен во 1945 година, со тема од Втората светска војна, има добиено многу признанија, а со најважната награда се стекна на Филмскиот фестивал во Кан, некаде во педесеттите години од минатиот век.
Во овој век, во оваа 2024 година се случуваат Летни олимписки игри во Париз и вестите од Градот на Светлината кажуваат дека Париз се претвори не во отворен град, туку Париз стана отворен стадион! За овие Олимписки игри многу се кажуваше и се зборуваше и, за среќа, или, за несреќа, сѐ уште се зборува и мислам дека добро е што е така, бидејќи игрите сѐ уште траат, а спортските јунаци и херои што учествуваат на игрите со сите сили се борат на спортски начин да освојат некој од трите медали, златен, сребрен или бронзен. Франција не би била Франција ако за некој важен настан нема спротивставени мислења и дебати, бидејќи тоа е една од историските и културните карактеристики на оваа држава.
Веднаш по чудесната програма понудена за свеченото отворање на овие Летни олимписки игри беше направена анкета за квалитетот на свечената програма, 80 отсто од Французите се изјаснија дека програмата била совршена, со што на некој начин граѓаните на Франција рекоа, мерси ла Франс.
Во овој случај јас не сум ниту битен ниту важен, но ќе си дозволам да кажам дека настанот ми се допадна, со исклучок на малите грешки, превртени кругови, амблемот на игрите и зошто тој ден или таа ноќ во Париз врнело! Сведок сум дека во Париз често врне и тоа не може никој да го спречи! Ама рековме, Франција нема да биде таа, ако нема дебати и различни мислења, па така, уште игрите непочнати почнаа да се прецизираат наводни грешки во програмата. Прв на удар беше Томас Жоли, автор и реализатор на програмата, кому му беше забележано зошто повторно ја декапитира (ѝ ја отсече главата) Мари Антоанет или зошто го навредува славниот Леонардо? Малите забелешки раѓаат големи и така од другата страна на Атлантикот се јави Трамп, кој рече Франција направи резил, слично се слушна и од Истокот, како врхушка се јави папската династија од Рим, тврдејќи, со оваа програма се навредува католичкиот свет! Социјалните мрежи почнаа да вријат, употребувајќи навреди за физички мани и умствени слабости за дел од учесниците во програмата. Од тие причини Томас Жоли поднесе тужба, против не знам кого, исто и една пополничка дама, која учествуваше во сцената со подзнак на „Тајна вечера“ од Да Винчи, извесна Барбара Буч, си најми адвокат и отворија судски процес против „сајбер-навреди“ изречени за нејзиниот физички изглед.
Кога сме кај оваа тема, кај ликовната дејност, пред десетина години во салата „Гранд пале“ се случи изложба насловена „Копие-Крее“ (Копирање-Творење) каде што беа изложени дела, копии од други дела. На таа изложба беа изложени слики на стотина познати творци што инспирацијата ја најдоа во туѓо дело, како што има изјавено еден од учесниците на изложбата дека повод, инспирација за слика може да биде пејзаж, човечка фигура или друга, туѓа слика. Така, Пикасо беше претставен со четириесет слики, од помал формат, изработени, инспирирани од сликата на Еужен Делакроа, „Жените од Алжир“. Дали со тоа Пикасо го навредил или потценил Делакроа? Секако не, напротив, тоа е ода и почит на еден автор кон друг.
Во 1915 година, во Париз се случија немили терористички настани. Во редакцијата на неделникот „Шарли ебдо“ група терористи влегоа и убија десетина новинари, уредници и илустратори, бидејќи во една карикатура беше претставен Мухамед, во позитивна насока, дека и Мухамед е против насилството и тероризмот. Со овој настан не само Франција туку и светот беше потресен, по што спонтано излезе повикот дека сите сме Шарли! Ваквиот глас беше потврда дека на творците никој нема право да им ја одзема слободата на творење, карикатурата е творештво, и имаат право да посочуваат на грешки и неправилности направени од личности, од политички системи, верски лидери и заедници, се разбира со културна, творечка и позитивна насока, имајќи предвид дека низ вековите целта токму на таквите личности била и е прогрес, хуманост и човекова доблест.
Ако сѐ уште сите сме Шарли, не гледам каде се поводот и местото во програмата за отворање на Олимписките игри, за некој да се почувствува повреден, било како јавна личност или верска заедница!
Било како било, во овие игри имаме и ние наши претставници, кои се појавија на дефилето со нашето знаме на Република Македонија и со таа додавката што ни ја пролепија типовите што отсекогаш биле од другата страна на медалот, Заев и Димитров. Да ги заборавиме овие двајцата, туку да им кажеме на нашите претставници дека тие се таму да извикаат, благодариме Македонија! Толку, ништо повеќе, за медали да не се грижат, ако можат и сега, ако не ќе донесеме другпат!
Многу важно е додека се случуваат Олимписките игри во Париз и ние овде имаме што да славиме. Не знам по која случајност или нечија намерност, во овој период не знам по кој пат ги споменуваме заедничките историски случувања што ги имаме со Франција.
Имено, нѐ врзуваат две Републики, таа француската од 1789 година и нашата од 1903, која е втора Република во Европа, Крушевска Република! Нашата иако траеше кратко, сепак таа си остави значајно место во нашиот и во европскиот потсетник, како политички процес со кој се гарантираат слобода, еднаквост и братство за сите граѓани во Републикава.
Покрај Илинден и сѐ што е поврзано со овој верски и историски празник, во оваа 2024 година славиме и 80 години од Првото заседание на АСНОМ, од 1944 година. Во разговор со пријател, ми спомена, во овие празнични денови што изминаа, дека можеби требаше повеќе да го нагласиме овој датум од 80 години, со што би рекле „ти благодариме Македонија за хероите и прогресивните идеи што ни ги нудиш“.
И кај нас се случуваат забелешки, грешки и извитоперени состојби. Овој нашиов „рамковен договор“ почнува да заличува на бунар без дно! Кому нешто му треба ќе ја спушти празната кофа во бунарот, ќе извади што сака, може вода или кал! Сега на удар е МАНУ, велат таму треба да има дваесет проценти етнички Албанци! Да не заборавиме, во секоја Република, прво сме граѓани на истата таа, потоа на некоја етничка припадност! Но да не си го валкаме времето со вакви етнички будалаштини!
Коле Манев