Со последните одлуки за скалесто ограничување на бруто-профитната маржа, Владата очекува просечно намалување на цените од 10 отсто. Во разговор со заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески, тој за јавноста направи споредба помеѓу последната и претходните потрошувачки кошнички, се осврна на нивните ефекти и ги истакна целите и долгорочните стратегии на Владата за намалување на цените. Истовремено, Ристески најави и иновативни законски решенија за регулација на цените што ќе овозможат заштита на животниот стандард на граѓаните
за владините зафати за ограничување на бруто-профитната маржа и за замрзнување на дел од цените на прехранбените производи
„Со одлуките и мерките на Владата се изостри фокусот кон ограничување на бруто-профитната маржа, односно на оној екстра-профит што некои го остваруваат врз грбот на граѓаните“! Со оваа констатација заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески многу јасно стави до знаење дека Министерството и Владата направиле еден рафиниран пристап на социјални мерки што се специјално и директно насочени кон заштита на животниот стандард на сите граѓани во државата.
– Ова се социјални мерки, бидејќи сакаме да ги заштитиме граѓаните во однос на нивниот животен стандард, со најосновните производи што секојдневно ги употребуваат во нивниот живот. Мислам дека тоа ќе даде ефект во заштита на животниот стандард – испрати порака во јавноста заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески, по повод стапувањето во сила на одлуките на Владата за ограничување на бруто-профитната маржа и за замрзнувањето на дел од цените на прехранбените производи, со кои од вчера се очекуваше поевтинување на повеќе од илјада производи.
Одлуките за ограничување на бруто-профитната маржа и за замрзнување на дел од цените на прехранбените производи беа донесени на седница на Владата во вторникот, а ќе траат до 30 април. Со нив се опфатени производи од 102 групи. Трговците се должни да имаат најмалку 70 проценти на рафтовите од овие производи. Со одлуката за утврдување највисоки цени на осум групи основни прехранбени производи, пак, како највисока цена треба да се земе цената од 1 февруари годинава.
Скалеста одлука на ограничување на бруто-профитната маржа
Ристески ги објасни последните одлуки за скалесто ограничување на бруто-профитната маржа, со кои се очекува просечно намалување на цените од 10 отсто.
– Направивме скалеста одлука на ограничување на бруто-профитната маржа, која оди скалесто 5, 10 и 15 отсто, и ограничувањето на цените е во однос на големината на маржите со која производите доаѓаат во маркетите, врз базична анализа. Има две одлуки, покрај одлуката за ограничување на бруто-профитната маржа, втората е за утврдување највисоки цени на одредени производи за трговијата на големо и мало, односно бруто-профитната маржа на оние производи што се со ограничување од пет отсто да биде на тие основни осум производи на таа листа. Тука влегуваат млеко, леб, брашно тип 400 и 500, јајца, јогурт и масло за јадење. Ограничувањето на маржата ќе се земе на трговијата на мало и големо од цената на 1 февруари. Со оваа комбинација на одлуки и мерки очекуваме некаде, во просек, сите основни производи, кои ги има во 102 групи на производи или над илјада производи, во зависност од асортиманот на маркетите, така што мислам дека просекот на намалување на цената би бил околу 10 отсто според она што можеме да го претпоставиме. Оваа мерка е проширена, има не само прехранбени туку и непрехранбени производи, во кои влегуваат производи за хигиена и дополнителни производи, како бебешка храна и пелени, кои имаат навистина енормни цени. Сметаме дека овие 102 групи производи се најосновни за егзистирање на едно просечно македонско семејство – посочи заменик-министерот за економија и труд.

Споредба помеѓу последната и претходните потрошувачки кошнички
Заменик-министерот за економија и труд Ристески направи и споредба помеѓу последната и претходните потрошувачки кошнички, истакнувајќи ги нивните ефекти, како и методологиите врз кои се донесени.
– Оваа одлука на Владата за ограничување на бруто-профитните маржи е многу различна од есенската кошничка, бидејќи да напоменам дека сите кошнички досега или ограничување на маржите беа различни. Во училишната кошничка имавме ограничување на оперативно-профитната маржа и навистина постигнавме добар успех, бидејќи заштедата на едно семејство по ученик изнесуваше од 1.500 до 2.000 денари. Имавме есенска кошничка со ограничување на бруто-профитната маржа во трговијата на мало и големо, каде што ефектот го потврди и ДЗС и наредниот месец имавме намалување на инфлацијата и заштеда од 1.200 до 1.500 денари по семејство. Наредна беше новогодишната кошничка, многу различна од другите две. Тоа беше акција што произлегуваше од самиот бизнис-сектор. Ние не се мешавме во нивната намера да покажат општествена одговорност, да ги намалат цените и видовме каква беше реакцијата на граѓаните, како помина кошничката. Мислам дека имаше одреден ефект, меѓутоа беше многу мал. Иако беа вклучени многу производи, на почетокот не беа вклучени клучните производи за подобрување на животниот стандард на граѓаните, основни производи за прехрана на просечно семејство. И дури по реакцијата на премиерот и Министерството за економија и труд, се коригираа маркетите, понудија уште 15-20 основни производи за исхрана и имаше намалување на цените на храната, по што беше почувствувано малку кај граѓаните. Оваа мерка е направена многу поинаку. Видовме дека треба да се направи една голема детална анализа на целиот синџир на снабдување храна до маркетите, тргнувајќи од производителите, дистрибутерите, увозници, па до самиот маркет, односно цената на производот со која граѓанинот се сретнува. Пазарната инспекција направи историска анализа бидејќи следеше како се движеле цените и каде има најголеми маржи, како и која од нив најмногу влијае врз цената – објаснува Ристески. Е.Р.
Во иднина да не зависиме од вакви мерки, туку со иновативни законски решенија, но и пуштен слободен пазар, каде што ќе се регулираат цените, да можеме навистина да го заштитиме животниот стандард на граѓаните и да ја држиме инфлацијата на стабилно ниско ниво, ни изјави заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески
Најава за скорашни нови законски решенија за заштита на животниот стандард на граѓаните
Закони за стабилна и долгорочна регулација на пазарот
Заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески најави нови законски решенија за регулација на цените на пазарот за заштита на животниот стандард на граѓаните. Тој притоа апелираше и на почитување на Законот за забрана на нефер трговски практики, нагласувајќи ја неговата важност.
– Овој закон нема да даде решение веднаш, но на долг рок ќе овозможи стабилизирање на цените. Донесен е по европска директива и сите партии го гласаа. Затоа сакам и во оваа пригода да ги повикам сите што учествуваа во неговото носење да го почитуваат законот за забрана на нефер трговски практики. Да не го изигруваат. Не само што ќе бидат казнети туку и го нарушуваат целиот процес што влијае на животниот стандард, на економскиот раст, на инфлацијата итн. Набрзо ќе понудиме и ново законско решение што ќе овозможи добра и стабилна регулација на цените на пазарот. Да не зависиме во иднина од вакви мерки, туку со тоа законско решение и пуштен слободен пазар каде што ќе се регулираат цените да можеме навистина да го заштитиме животниот стандард на граѓаните и да ја држиме инфлацијата на стабилно ниско ниво – заклучува Ристески. Е.Р.