Дипломатска игра на зборови на самитот за ВИ и роботика во Вашингтон
- Случајот со Меланија Трамп, без оглед на неговата фактичка вистинитост, е парадигма за идните односи. Грција покажува дека будно ќе го следи секој јавно изговорен збор, користејќи ги своите позиции во Вашингтон и Брисел како лост за притисок. Од друга страна, македонската дипломатија се соочува со предизвикот да ги зачува достоинството и идентитетската посебност во услови кога „Преспа“ се толкува сè порестриктивно
- Според нашите соговорници, доколку Грција има проблем со „конфузија“ на идентитетите или, пак, има проблем со самоидентификацијата сакајќи да биде „голема држава“ со повеќе идентитети, тоа значи, кажано со една аналогија, дека Атина има „политичко-дисоцијативно растројство на идентитетот“ (ДИД). Имено, ваквиот атински политички ДИД е комплексна ментална состојба, каде што носителот на ваквата состојба има два или повеќе различни релативно трајни идентитети (национални алтер идентитети), кои наизменично ја преземаат контролата врз неговото однесување. Оваа состојба може слободно да се идентификува како патолошка дисоцијација на носителите на државните функции кај нашиот јужен сосед, честопати поврзана со сериозна национална траума врзана за историјата… Тоа е сериозна работа, коментираат нашите соговорници, додавајќи дека од друга страна, пак, на Македонија ѝ е наметнат егзистенцијален проблем со негирањето на нејзиното право на самоидентификација
Глобалниот самит „ Заедно ја градиме иднината“, кој неодамна се случуваше во Белата куќа, наместо само како платформа за вештачка интелигенција и хуманитарни иницијативи, во регионалната јавност одекна како ново бојно поле на македонско-грчкиот дипломатски спор. Наводната интервенција на грчкиот амбасадор во САД, Андонис Александридис, врз говорот на првата дама Меланија Трамп отвори серија прашања дали Атина навистина има толкава моќ да ги „цензурира“ говорите во Белата куќа или, пак, станува збор за внатрешен политички маркетинг наменет за грчката јавност.
Грчката верзија: „Победа“ на превентивната дипломатија
Според извештаите на грчката телевизија Стар и порталот „Грик репортер“ грчката амбасада во Вашингтон извојувала „дипломатска победа“ спречувајќи го пропустот на Меланија Трамп да ја ослови земјата како Македонија, без придавката. Грчките дипломати тврдат дека навремената реакција го осигурила користењето на уставното име „Северна Македонија“, со што се избегнале тензии во присуство на гости од 45 земји.
Аргументацијата на Атина била дека употребата на името без додавката создава „конфузија“, ја подрива рамката на Преспанскиот договор и, што е најважно, влијае врз перцепцијата за „грчкиот културен идентитет“. Со овој потег, Грција испраќа недвосмислена порака дека ќе ги искористи сите достапни алатки за да врши притисок врз доследното спроведување на принципот ерга омнес.
Мицкоски: „Неуспешна играна серија“ или безбедносен пропуст?
Од своја страна, македонскиот премиер Христијан Мицкоски со скептицизам гледа на овие тврдења. Според него, приказната за рецензија на говорот на првата дама на САД од страна на странски дипломат е нереална.
– Ако тоа навистина се случило, тогаш САД имаат сериозен проблем со безбедносниот протокол – изјави Мицкоски, оценувајќи ги написите како обид на грчките дипломати да се направат „интересни“ пред своите медиуми преку „неуспешна играна серија“.
Сепак, присуството на сопругата на премиерот, Рози Мицкоска, на самитот и нејзината директна комуникација со Меланија Трамп покажуваат дека македонската страна се обидува да гради директни релации на највисоко ниво, со што се зголемува нервозата кај јужниот сосед.
Атина со „политичко-дисоцијативно растројство на идентитетот“ (ДИД)
Додека Грција се повикува на заштита на својот културен идентитет како аргумент за бришење на придавката „македонски“ во меѓународната комуникација што се однесува на нас, тогаш се поставува прашањето каде е тука нивниот прокламиран македонски идентитет, при што постојано се повикуваат дека „македонското е нивно“?! Или дека македонскиот супстрат е дел од хелинистичкиот и е еден негов дел, како втор идентитет?! А тезата на Атина дека името „Македонија“ им припаѓа исклучиво на Грците се чини дека оди рака под рака со поекстремните барања во Европскиот парламент. Имено, неодамнешните амандмани поднесени од страна на грчки европратеници за Извештајот на ЕП за напредокот на Македонија, со кои се бара државата да се нарекува „Скопје“, а граѓаните „скопјани“, укажуваат на тоа дека целта не е само спроведување на договореното туку целосна деноминација и идентитетско поништување.
– Според нашите соговорници, доколку Грција има проблем со „конфузија“ на идентитетите или, пак, има проблем со самоидентификацијата сакајќи да биде „голема држава“ со повеќе идентитети, тоа значи, кажано со една аналогија, дека Атина има „политичко-дисоцијативно растројство на идентитетот“ (ДИД). Имено, ваквиот атински политички ДИД е комплексна ментална состојба, каде што носителот на ваквата состојба има два или повеќе различни релативно трајни идентитети (национални алтер идентитети), кои наизменично ја преземаат контролата врз неговото однесување. Оваа состојба може слободно да се идентификува како патолошка дисоцијација на носителите на државните функции кај нашиот јужен сосед, честопати поврзана со сериозна национална траума врзана за историјата… Тоа е сериозна работа, коментираат нашите соговорници, додавајќи дека од друга страна, пак, на Македонија ѝ е наметнат егзистенцијален проблем со негирањето на нејзиното право на самоидентификација.
Дипломатски офанзиви во „новата ера“
Случајот со Меланија Трамп, без оглед на неговата фактичка вистинитост, е парадигма за идните односи. Грција покажува дека будно ќе го следи секој јавно изговорен збор, користејќи ги своите позиции во Вашингтон и Брисел како лост за притисок. Од друга страна, македонската дипломатија се соочува со предизвикот да ги зачува достоинството и идентитетската посебност во услови кога „Преспа“ се толкува сè порестриктивно.
Во ера на вештачка интелигенција и хуманоидни роботи, како оној претставен на самитот во Вашингтон, дипломатиите од соседството се чини дека сè уште најдобро работат на „рачен погон“ кога станува збор за македонскиот идентитет.
Посматрано низ една таква призма, тогаш и не треба да зачудуваат пораките што Македонија ги добива од повеќе пријателски земји, да се води од сопствените национални интереси и да не ја идеализира премногу Европската Унија.
Експерти: Институционална офанзива како одговор на нападите
Според повеќе експерти за евроатлантски интеграции, македонската дипломатија веќе не смее да биде само дефанзивна и да се потпира на „гаснење пожари“ по секој грчки амандман или бугарско вето. Наместо тоа, тие предлагаат стратегија на четири столба.
– Прво, Македонија мора да престане да се објаснува за својот идентитет и треба да почне да го манифестира преку меѓународни институции. Нападите од Грција во Вашингтон и амандманите од Бугарија во Брисел се дел од координирана стратегија за „замор на материјалот“. Нашиот одговор треба да биде институционална офанзива, секој обид за негирање на македонскиот јазик или идентитет во официјални документи на ЕП или САД треба да биде проследен со правна и дипломатска контрааргументација базирана на Повелбата на ОН и европските конвенции за човекови права.
Второ, мора да изградиме сопствен лоби-систем во Вашингтон, кој ќе биде побрз од грчкиот. Ако грчкиот амбасадор навистина интервенирал кај Меланија Трамп, тоа е доказ дека тие имаат пристап до канали што ние ги занемаруваме. Трето, кон Бугарија мора да се настапи со реципроцитет на европските вредности, не може да се бара заштита на малцинските права во Скопје додека се кршат пресудите на судот во Стразбур за македонското малцинство во Бугарија.
И четврто, најважно: внатрешното единство. Кога премиерот зборува за „играна серија“, тој мора да има зад себе консензус од сите политички чинители. Грција и Бугарија победуваат тогаш кога нашата дипломатија е партиски поделена. Нашата цел не е да ги убедиме нив дека постоиме, туку да го убедиме светот дека нивното негирање е анахроно и антиевропско. Само со проактивен пристап, каде што ние ги диктираме темите за културното наследство и дигиталната иднина, можеме да излеземе од оваа идентитетска стапица – објаснуваат експертите.
Сашо Таневски
































