Брифинг на кинеската амбасадорка Џианг Сиаојан со медиумите: Размена на мислења за продлабочување на односите помеѓу Македонија и НР Кина
- Првенствено беа дискутирани можности за продлабочување на политичката, економската и културната соработка, што беше нагласено и преку заложбите искажани од страна на амбасадорката на Кина во Македонија, Џианг Сиаојан, како и од претставникот од Министерството за надворешни работи на НР Кина, Џијан Ли. Меѓу главните теми и области во кои постои простор за унапредување на соработката беа посочени туризмот, трговијата и иницијативата „Појас и пат“, во поглед на инфраструктурата
Предлози и идеи за зајакнување и проширување на врските и соработката помеѓу Македонија и Кина беа изнесени на панел-дискусија во хотелот „Мериот“ во Скопје во неделата, организирана од кинеската амбасада во земјава, во присуство на делегација од Народна Република Кина и претставници на медиумите.
Првенствено беа дискутирани можности за продлабочување на политичката, економската и културната соработка, што беше нагласено и преку заложбите искажани од страна на амбасадорката на Кина во Македонија, Џианг Сиаојан, како и од претставникот од Министерството за надворешни работи на НР Кина, Џијан Ли. Меѓу главните теми и области во кои постои простор за унапредување на соработката беа посочени туризмот, трговијата и иницијативата „Појас и пат“, во поглед на инфраструктурата. За таа цел беше најавена и претстојна посета на експерти од Кина, кои ќе разменат знаења и искуства во Македонија.
Посочувајќи го фактот дека македонските граѓани оствариле речиси 8.000 патувања во Кина за време на изминатите 12 месеци, откако Кина го укина визниот режим за Македонија, амбасадорката изрази надеж дека и Македонија ќе одговори реципрочно и ќе ги укине визите за кинеските граѓани, притоа укажувајќи на примерот на Албанија, која исто така е усогласена со политиките на Европската Унија, како земја кандидат за влез во ЕУ, а веќе го сторила истото тоа. Во дискусијата беше истакнат интересот на кинеските туристи за посета на Македонија, односно на економските и културолошките придобивки, земајќи ги предвид историските симпатии на Кина кон народите од просторот на поранешна СФР Југославија.
Беше разговарано и за иницијативата „Појас и пат“ како важен дел од соработката помеѓу двете држави поврзана со активностите за унапредување на инфраструктурата. Тука беше спомнато завршувањето на проектот за експресниот пат Миладиновци-Штип, како и ангажманот на компанијата „Синохидро“ за изградба на автопатот помеѓу Кичево и Охрид како важен проект, односно работата на кинески компании на стратешки важните коридори 8 и 10.

– Соработката за иницијативата „Појас и пат“ беше потпишана во 2015 година и таа чека обнова. Ние сме отворени, подготвени и чекаме. А нашата порака до вас по тоа прашање е да останете практични и флексибилни – порачаа амбасадорката Џианг Сиаојан и претставникот на кинеското МНР, Џијан Ли.
Во однос на меѓусебната трговија беше наведен пример на кинеска компанија од Нингбо, градот збратимен со Битола, која увезла електронски компоненти од Македонија, како и учеството на македонски компании на годинашниот саем Кина-ЦИЕК во кинескиот град Нингбо одржан во мај. Исто така беа напоменати подготвеноста и интересот на Кина за увоз на македонско вино, мермер, кондиторски производи…
Амбасадорката Џианг Сиаојан и во претходни обраќања потсети дека Кина е трет најголем трговски партнер на Македонија надвор од Европа, нагласувајќи дека македонските производи бележат значителна побарувачка на кинескиот пазар. Како клучни области за идна соработка таа ги посочи инфраструктурата и дигиталната економија, истакнувајќи дека Кина е подготвена да увезува повеќе македонски производи и охрабрува што повеќе кинески претпријатија тука да инвестираат, да ја прошират соработката во инфраструктурата, трговијата, зелениот развој, дигиталната економија, паметните технологии, е-трговијата и градењето капацитети.
Амбасадорката на средбата информира за нејзините активности по стапувањето на функцијата и за средбите што досега ги остварила со претседателката на Македонија, Гордана Силјановска-Давкова, со вицепремиери и со министри од македонската влада, како и за посетите на научни институции и универзитети, односно на повеќе градови низ Македонија – Охрид, Битола, Куманово, Кавадарци, Тетово и Свети Николе.
Присутните претставници на македонските медиуми, од кои некои претходно престојуваа во Кина во рамките на работни посети и програми за размена на новинари во организација на Амбасадата на Кина во земјава, ги искажаа и своите впечатоци и искуства од престојот и работата во азиската држава. М.Ж.
































