Фото: Игор Бансколиев

Голем број извештаи на највисоки меѓународни тела и органи покажуваат дека Бугарија флагрантно ги прекршува правата на македонското малцинство.
Сите овие документи на Обединетите нации, Советот на Европа, Судот за човекови права од Стразбур, но и на Стејт департментот на САД, со кои се осудува политиката на Бугарија и од неа се бара да ги почитува сите права на Македонците, се моќна алатка што македонската дипломатија мора да ја искористи во наша полза. Но како да се направи тоа

​Извештаите на највлијателните меѓународни институции – моќна алатка што Mакедонија треба да ја искористи

Независен експерт на Обединетите нации уште во јули 2011 година презентирал извештај во Советот за човекови права на Светската организација, во кој Владата на Бугарија се повикува да ја заштити слободата на изразување и здружување на припадниците на македонското малцинство.
Повеќе од 10 години по овој извештај, Бугарија се оглушува на повиците од ОН, но и на Советот на Европа и на Судот за човекови права од Стразбур, најдрско погазувајќи ги сите меѓународноправни норми воспоставени од меѓународните институции и за тоа останува и натаму неказнета.
Имено, ако ОН уште пред повеќе од 10 години во извештај констатирале дека малцинските права на Македонците во Бугарија не се почитуваат, тогаш очигледно македонската дипломатија не направила доволно да ги искористи овие извештаи изработени од независни експерти за да влијае врз меѓународната заедница и институциите да извршат притисок врз Бугарија да го почитува меѓународното право, на што впрочем се обврзала во моментот кога ја прифатила Конвенцијата за заштита на човековите права.

Силни аргументи што Македонија мора да ги користи

Но ваквите извештаи, кои се во голем број и од различни независни меѓународни тела, треба да се користат и како цврст аргумент од македонска страна пред Брисел, Вашингтон и другите меѓународни институции, на кои јасно треба да им се укаже дека овие констатации за нарушени малцински права се дадени од независни експерти на ОН, Советот на Европа и други релевантни тела, па затоа треба да се инсистира на нивно спроведување.
Впрочем, ако Бугарија си зема за слобода да поставува задачи и обврски за Македонија, кои се спротивни на секаква здраворазумна логика, тогаш македонската страна може да излезе со задачи и обврски за Софија што се темелат врз меѓународното право и Повелбата на ОН.
Во тие обврски кон Бугарија прво на што треба да се инсистира е воведување европски критериуми во преговорите на земјава со ЕУ, без никакви „француски предлози“ и протоколи во преговарачката рамка, кои ги наметна Софија.
Меѓу задачите и обврските што Македонија треба да ги наметне кон Бугарија е и спроведувањето на пресудите на Меѓународниот суд на правдата и овозможување на македонското малцинство во Бугарија да ги оствари малцинските права во согласност со меѓународните конвенции.
Овие задачи што би ги поставила Македонија кон Бугарија се веќе прецизно нотирани уште во извештајот што во 2011 година бил презентиран во ОН, така што тие се во целосна согласност со меѓународноправните обврски на секоја земја, вклучувајќи и за Бугарија.
Но се чини дека долгогодишното прогледување низ прсти ѝ дава на Софија ветер во грб да продолжи со дискриминаторските политики кон македонското малцинство на своја територија, наметнувајќи ги ваквите дискриминаторски практики дури и надвор од бугарските граници, односно врз македонскиот народ во неговата сопствена држава.

Извештајот на ОН наметнува јасни обврски за Бугарија

Независен експерт во јули 2011 година, во Советот за човекови права на Обединетите нации, презентирал извештај, во согласност со кој, Владата на Бугарија се повикува да ја заштити слободата на изразување и здружување на припадниците на македонското малцинство.
Како што наведуваат од Канцеларијата за човекови права на Обединетите нации за Гласот на Америка, Бугарија има обврска да ги почитува правата на малцинствата и да осигури дека никој нема да биде дискриминиран врз основа на слободно избраниот идентитет.
Во петтото поглавје на извештајот, насловено „Признавање и права за македонската и помачката заедница“, јасно се наведува дека Бугарија постојано ги погазува правата на малцинствата. Се забележува дека Владата на Бугарија „негира постоење на етничко македонското малцинство“, тврдејќи дека припадниците на оваа заедница се, всушност, етнички Бугари.
– Членот 54 од бугарскиот устав наведува дека „секој има право да ги искористи националните и универзални културни човечки вредности и да развива сопствена култура во согласност со неговата етничка самоидентификација, што треба да биде препознаено и гарантирано со закон“. Но Владата негира постоење на етничко македонско малцинство, не ги признава ниту Помаците како различни малцинства, тврдејќи дека двете групи се, всушност, етнички Бугари – се констатира во извештајот на независниот експерт.

Понатаму во него се бара од бугарската влада да почне да ја признава реалноста и да ги обезбеди и заштити правата на македонското малцинство.
– Извештајот ја повикува бугарската влада да ги обезбеди и заштити правата загарантирани во уставните одредби на земјата за почитување на правото на етничко самоопределување, вклучувајќи ги и правата на слободата на изразување и слободата на здружување на припадниците на македонското малцинство. Извештајот, исто така, нагласува дека политиките што се однесуваат на признавањето и правата на малцинските групи мора да се проценат во однос на обврските на државата, во согласност со меѓународниот закон за човекови права – велат од Канцеларијата за човекови права на ОН.
Во извештајот уште се нотира и дека „македонскиот јазик не се признава, ниту се учи во училиштата, а Македонците не се застапени во Националниот совет за соработка на етничките и интегративните прашања“.
Канцеларијата за човекови права на ОН вели дека правата на малцинствата се заштитени со различни договори за човекови права, вклучувајќи го и Меѓународниот пакт за граѓански и политички права и Меѓународната конвенција за елиминација на сите форми на расна дискриминација, а како потписник на двата договора, Бугарија има обврска да ги почитува обврските што произлегуваат од нив.
– Националниот закон треба да ги признае правата на малцинствата и да осигури ниту еден поединец или група да не страдаат од неповолна положба или дискриминаторски третман врз основа на слободно избраниот идентитет како припадност (или не) на етничка, верска, јазична или која било друга група – посочуваат од канцеларијата.
Од таму уште додаваат дека исполнувањето на ваквите обврски од страна на Бугарија го следат Комитетот за човекови права и Комитетот за елиминирање на расната дискриминација.

– Македонците ги остварија своите легитимни очекувања и права пред Европскиот суд за човекови права, Советот на Европа преку своите институции ги легитимира и афирмира правата на Македонците, остана само обврската на Бугарија да ги имплементира, а таа засега одбегнува да го направи тоа. Сите извештаи за малцинствата во Бугарија постојано покажуваат дискриминација на тамошните малцинства, особено Македонците. Има 18 пресуди на Судот за човекови права во Стразбур и Бугарија не ги спроведува. Потоа заклучоци на Советот на Европа, на Европскиот парламент, во кој се констатира дека Бугарија ги прекршува правата на македонското малцинство – е ставот на Тони Менкиноски, адвокат, борец за човекови права и правен застапник на Македонците од Бугарија пред Судот за човекови права во Стразбур.


И Стејт департментот констатира нарушување на правата на македонското малцинство во Бугарија

И Стејт департментот во последниот извештај за човекови права, забележа дека бугарските власти „продолжија да негираат регистрација на етничкомакедонски активистички групи, како што се Обединета македонска организација – Илинден, Друштвото на угнетените Македонци – жртви на комунистичкиот терор, Здружението за одбрана на индивидуалните граѓански права и Македонскиот клуб за етничка толеранција во Бугарија, и покрај 14 претходни одлуки на Европскиот суд за човекови права дека негирањето ја нарушува слободата на здружување на групите.
Во еден пример, на 31 мај, Апелацискиот суд во Софија ја потврди одлуката на Агенцијата за регистрација од ноември 2020 година, со која се негира регистрацијата на Здружението на угнетените Македонци – жртви на комунистичкиот терор, со образложение дека групата ќе спроведува политичка агенда што ги загрозува единството и безбедноста на нација и би ги прекршиле правата на другото население во земјата што не се идентификува како македонско“.
Извештајот пишува и дека „Обединетата македонска организација – Илинден наведе случаи во Благоевград, во кои националните пописни шалтери им кажувале на поединци што ги посетиле дека ’Македонец‘ не е достапна опција за етничка идентификација“.