Во партијата се води силна дебата, мнозинството од структурите не се согласуваат со одлуката на Арбен Таравари да ја напушти Владата и повторно да им се приближи на ДУИ и Европскиот фронт, рече вечерва првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити.
Меџити во интервју за централниот дневник на Алсат М ја оцени како необјаснива и нетранспарентна одлуката на Таравари, алудирајќи дека можеби е донесена под притисок или уцена и дека не го претставува вистинскиот став на членството на Алијансата за Албанците.
– Во рамки на Алијансата на Таравари има жестока дебата, огромното мнозинство не се согласува со својот лидер за да се вратат во канџите на ДУИ и Европскиот фронт, туку ќе останат во Владата – рече Меџити.
Тој го спомна и заменик-претседателот на Владата задолжен за добро владеење Арбен Фетаи, за кого рече дека и е потребен на Владата. Воедно изрази надеж дека ќе остане на својата функција зашто „покажа транспарентност и капацитет за да управува соодветно“.
Меџити најави промени во Собранието, четворица пратеници од Европски фронт, како што рече, ќе и се приклучат на Владата. Изјави и дека политичките случувања во земјава се дури на почетокот, како и дека промените во парламентарниот состав многу брзо ќе станат видливи.
– Коалицијата Вреди нема да остане само со девет пратеници, четворица пратеници од Европскиот фронт се на прагот да го напуштат тој блок и да и се приклучат на владејачкото мнозинство. Движењата почнаа. Вреди нема да биде со девет пратеници. Точно е дека четири пратеници ќе го напуштат Фронтот и ќе и се приклучат на Владата – потенцира Меџити.
Според него, позициите на Вреди во Владата се загарантирани и не зависат од бројот на пратениците.
– Застапеноста на Албанците во Владата не е условена со бројот на пратеници, туку со политичкиот договор што го има склучено коалицијата Вреди. Сите позиции што и припаѓаат на Вреди во владеењето ќе останат таму, без разлика на можните промени во парламентарниот состав. Она што е на Вреди, ќе остане на Вреди. Кога ја формиравме Владата, не се водевме од бројките, туку од уделот на Албанците. Независно колку пратеници има Вреди, сите позиции ќе останат на Вреди – подвлече Меџити.