Фото: „Нова Македонија“

Македонците во Албанија како дел од македонскиот народ својот национален и културен идентитет го негуваат и афирмираат на повеќе начини. Еден од нив е преку медиумите. Во Албанија, пред сѐ, во местата каде што живеат Македонци се издаваат повеќе медиуми на македонски јазик во печатена форма, но има и медиуми во електронска форма (локални радија и телевизии). Со демократизацијата на албанското општество и воведувањето на политичкиот плурализам во Албанија беа регистрирани неколку НВО од страна на Македонците, кои пред сѐ имаа мисија за унапредување на правата на Македонците во таа држава, меѓу кои и во областа на информирањето

Група граѓани со македонско потекло што живеат во Тирана, на 30 декември 2008 година во Тирана, ја одржаа првата седница на основачите на македонското друштво „Илинден“ – Тирана. На таа седница беше одлучено да се изготват статут и други акти на друштвото, а по нивното финализирање, статутот се поднесе во Основниот суд во Тирана. На барањето за регистрирање на друштвото беше позитивно одговорено и на 6.2.2009 година во Тирана се регистрира со решение од суд бр.2473.
Македонското друштво ­„Ил­и­н­ден“ со седиште во Tирана ги избра за претседател Никола Ѓурѓај, за потпретседател Васил Стерјовски и за секретар Микета Мечa. По завршувањето на првиот мандат на раководството на друштвото се одржаа редовни избори. На 9.2.2013 година се избра ново раководство за 2013 – 2016 година, а за претседател на друштвото беше избран Никола Ѓурѓај, за потпретседател Незир Меча, за секретар Ерлин Мазнику и за генерална координаторка Ерјона Танај. По оставката што ја поднесе генералната координаторка Ерјона Танај на 1.11.2013, за генерална координаторка е означена Стојанка Палко.
Во документите на друштвото, како негови основни задачи се утврдени заштитата и афирмацијата на македонскиот етнички, јазичен, културен, верски, историски и државен идентитет, континуитетот и наследството на Македонците во главниот град на Република Албанија, како и интеграција на Македонците во политичкиот систем и институциите на власта во градот Тирана и областа Голо Брдо. Македонското друштвото „Илинден“ – Тирана донесе одлука на 15.10.2012 година со која се формира огранок на друштвото во областа Голо Брдо.
Неговото раководство го сочинуваа: претседател Ули Халилај, потпретседател Тоди Марку и секретар Флорид Уручи. Поради сопствени причини оставки поднесоа потпретседателот и генералниот секретар и беа назначени нови лица за тие функции по препорака на огранокот, и тоа за потпретседател беше именуван Алфед Садики, а за генерален секретар Агрон Фетаху. На 4.4. 2019 година беше избрано ново раководство за мандатниот период 2019 – 2023 година. За претседател на македонското друштво „Илинден“ – Tирана е избран г. Никола Ѓурѓај, за потпретседател г. Незир Меча, за секретарка г-ѓа Естела Карамешиноска.

Македонското друштво „Илинден“ – Tирана работи на заштита на етничкиот, јазичниот, културниот и верскиот идентитет на македонското национално малцинство во Република Албанија, како и во насока на целосна интеграцијата на Македонците во политичкиот систем и институциите на власта во Република Албанија.
На 4.4.2019 година се избра ново раководство. Во македонското друштво „Илинден“ – огранок Голо Брдо е избран г. Или Халилај, за потпретседател г. Фатри Фетаху, во периодот од 2019 до 2023. Целта на огранокот е борба за признавање на Македонците во областа Голо Брдо од страна на албанската држава, воведување на македонскиот јазик во училиштата во областа Голо Брдо, зачувување на македонски идентитет, култура, традиција, јазик, фолклор и обичаи. Покрај своите активности во Република Албанија, македонското друштво „Илинден“ – Тирана е присутно и на меѓународен план. Како ревносен борец за човековите права, македонското друштво „Илинден“ – Тирана од 16.5.2015 година стана член на Федералната унија на европските националности (ФУЕН). Работата и ангажманите на македонското друштво „Илинден“ – Тирана продолжуваат со несмален интензитет.

Печатни медиуми:регионални и национални

Со воспоставувањето на демократијата во Република Албанија се создадоа услови за формирање разни невладини здруженија и организации, како што се оние за заштита на човековите права, како и многу други малцинства во нашата земја, организации како „МИР“ во Тирана за заштита на македонското малцинство, здружението „Друштво Преспа“ во Пустец за заштита на правата на македонското малцинство во нашата земја со филијали во Тирана, Корча, Елбасан, Берат. За нивно најдобро функционирање беше потребно да се имаат свои медиуми.
Така, во јули 1993 год. излезе првиот број на весникот „МИР“, како орган на политичкото друштво „МИР“. Во првиот број, редакцијата ќе запише: „Денес на пат тргнува весникот на Политичкото друштво ‘МИР’. Да му посакаме се најубаво на тој пат, во тоа толку тешко и толку прекрасно пространство за изразување на зборот. Чувствуваме дека овој весник е многу стара желба во вознемирената душа на македонското македоноговорно население и како таков, тој ќе го изразува тоа што било длабоко потиснувано во неговото битие. Затоа и весникот ќе го искаже својот збор за маките и вознемирувањата на интелегенцијата за разрешување на економските проблеми и на оние развојните, ќе ги отслика обичајте, законите, јазикот и специфичните карактеристики, на еден стар мирољубив етникум. Тој ќе се претвори во фактор на пријателство и добрососедство меѓу Албанија и Македонија“. Од него излегле одвај неколку броја, а како причина за неговото згаснување се наведувало немањето финансии. Сепак, излегувањето на другите македонски весници во Република Албанија го ставаат под прашање ваквото објаснување.
Само неколку месеци подоцна се појавил првиот број на весникот „Преспа“, кој датирал уште од април 1994 година. Весникот почнал да излегува по иницијатива на Управниот комитет на „Друштво Преспа“, кој гледајќи ги околностите и правата на Македонците во Албанија и споредувајќи ги со правата на Албанците во Македонија се одлучил да побара од албанските власти да им се дозволи правото на медиум на македонски јазик. Весникот ги обележува своите почетоци како месечник, каде што секој Преспанец можел да ги искаже своите чувства, да ги искаже својата среќа и несреќа.
Во него се поставувале прашања што со години ги мачеле нивните души и срца, и со гордост го искажувале својот македонски идентитет и никогаш не се плашеле од ништо, кога зборувале за својата култура и своите традиции. Но по неколку излезени броеви како месечник, весникот почна да се соочува со проблеми, кои не му овозможуваа да се издава редовно. Така, тој почна да излегува еднаш на неколку месеци, сè до неговиот петнаесетти број, кога и ќе престане да излегува, во ноември 1994 година. Со именувањето на господинот Ристо Никовски за нов амбасадор на Република Македонија во Република Албанија, во големиот облак што го имаше покриено преспанското небо се појави само еден зрак од сонцето. Со негова помош се овозможи издавањето на шеснаесеттиот број на „Преспа“. Тој беше шеснаесеттиот зрак на сонцето од Кутлеш, кој го огреа преспанското поднебје.
Весникот „Преспа“ има голема вредност за функционирањето на здружението за зачувување, збогатување и употреба на македонскиот мајчин јазик, зачуван со векови и генерации. Значајно е што текстовите во овој весник се објавуваат на кирилица. Редакцијата и весникот презедоа важни задачи, не само за зачувување на мајчиниот јазик туку и за културно и образовно издигнување на важноста на македонската традиција сред македонските млади поколенија.

Не помало влијание, текстовите во весникот „Преспа“ извршија и на економскиот живот сред македонското малцинство за справување со проблеми поврзани со земјоделството, сточарството, риболовот, за тековните и историските настани, проблемите со инфраструктурата итн. Весникот „Преспа“ влезе во секој дом и институција на малцинствата каде што живеат Македонци во Република Албанија. Тоа отиде во рацете на наставниците и учениците итн.
Уште посветен на заедницата и нејзиниот развој и напредок, главниот уредник, незаборавен писател, еден од основачите на весникот е Спасе Мазенковски, се занимаваше со разни теми на квалитет, ги рефлектираше неговите литературни творби и многу други прозни писатели и писатели на поезија. Неговиот говор од новинар и уметник импресионираше генерации. Многу негови приказни се убави и вредни, неговите песни за деца и млади се вредни и едукативни. Сега главен и одговорен уредник на весникот „Преспа“ е Ефтим Митревски.
Во март-април 2011 година, како двоброј за март и април, беше отпечатен првиот број на весникот на македонското друштво „Илинден“ од Тирана. Имајќи го предвид фактот дека весникот предизвика голем интерес кај читателската публика во Република Македонија, веруваме дека истата реакција е предизвикана и сред македонското население во Република Албанија, како и сред македонската дијаспора низ светот.

Никола Ѓурѓај

Крај