Дали стручноста и компетентноста не живеат на македонска адреса? Европа во неодамнешниот извештај за напредокот на Македонија јасно порача дека на земјава ѝ се потребни департизирани институции, во кои стручноста и мерит-системот ќе бидат единствените услови за напредок. Но сè додека ЕК испорачува политички нашминкани и нереални извештаи за напредокот на земјава, всушност ни прави само мечкина услуга, односно уште повеќе ги стимулира партиите наместо да го подобруваат, дополнително да го урнисуваат системот и да уништуваат секаква надеж дека работите конечно може да тргнат на подобро
Сериозна ли е ЕУ кога тврди дека има наш напредок кон посакуваните европски стандарди
Јалови ќе бидат сите уставни измени за кои деновиве толку широко се дискутира наоколу ако Македонија системски не се ресетира однатре, односно ако конечно во оваа држава не почне да се воспоставува систем на вистински вредности втемелени врз знаење, компетенции и сето она на што инсистира Европа кон која тежнееме.
Дури и по некаква случајност да почнеме наскоро да ги отвораме преговарачките поглавја со Европската Унија, уште веднаш ќе застанеме, не поради нечие ново вето, туку поради годините системска деградација што самите си ја направивме вработувајќи исклучиво партиски послушници без никакви компетенции, кои немаат ниту знаење, ниту, пак, капацитет, да ги исполнат и основните работни задачи за кои се ангажирани, а не, пак, да го понесат товарот на преговорите со Унијата врз свои плеќи.
Последен еклатантен пример за најбезобѕирна партизација е неодамнешната обука за вработување контролори на летови во М-НАВ. Имено, откако за време на обуката инструкторите под надзор на Данска издвоиле неколку кандидати што покажале одлични резултати во работата, веднаш почнале притисоците за поништување на огласот, бидејќи избраните кандидати не биле тие што партиите имале намера да ги вработат. Ете до каде оди партизацијата, дури и по цена да се загрози безбедноста на авионите над Македонија, некој упорно ќе пика партиски кадри и синови и ќерки во контролата на летање само затоа што таму се платите екстремно високи.
И тоа не е случај само во М-НАВ, туку оваа практика ни се случува со години, кога во многу други државни институции, разни агенции, во управни одбори на моќни компании, се вработуваа исклучиво луѓе предложени од некој партиски лидер, министер или друг функционер. За сите нив единствен критериум за вработување е да е „наше дете“, да не биде случајно заталкан само затоа што покажал најдобри резултати на обуката.
Затоа и не треба да изненадуваат сè поголемата фрустрираност и разочараност меѓу младите, кои многу добро гледаат што се случува во оваа држава и веќе немаат никаква дилема што да прават понатаму во животот.
Очигледно во Македонија ниту небото, ниту земјата, ниту институциите, не се граница за партизацијата, која целосно го запоседна системот и веќе ја претвори државата во партиска испостава. Нема процедура, нема критериуми, едноставно работите се тераат само на сила.
А истата таа Европа во неодамнешниот извештај за напредокот на Македонија јасно порача дека на земјава ѝ се потребни департизирани институции, во кои стручноста и мерит-системот ќе бидат единствените услови за напредок. Но сè додека ЕК испорачува политички нашминкани нереални извештаи за напредокот на земјава, всушност ни прави само мечкина услуга, односно уште повеќе ги стимулира партиите наместо да го подобруваат, дополнително да го урнисуваат системот и да уништуваат секаква надеж дека работите конечно може да тргнат на подобро.
Универзитетскиот професор Борче Давитковски подолго време ја застапува тезата дека во оваа земја квалитетот и стручноста едноставно не можат да дојдат до израз, а поради тоа најмногу трпи државата, која наместо да напредува, тоне подлабоко во партизираност и нефункционалност во секоја сфера.
– Во изминативе 30 години никогаш не се водело сметка за стручноста и компетентноста во нашава држава, од избор на портир до министер. Сето тоа е споил-систем, оној што победува, дали е министерство, дали е јавно претпријатие, установа, целосно ги запоседнува раководните функции – вели универзитетскиот професор Борче Давитковски.
Според него, кај нас единствен репер за избор е политичката подобност на некое лице.
– Останува само политичкиот критериум за избор и на највисоко и на најниско ниво. Тоа е повеќе од очигледно, а за тоа постојано нè предупредува Европската Унија преку секој свој извештај – напомнува професорот Давитковски.
Тој во неколку наврати истакна дека воопшто не се почитува мерит-системот, а државата се претвори во најголем работодавец, што им оди во прилог само на партиите.
И професорката Билјана Ванковска слично размислува во однос на ова прашање, јасно посочувајќи дека расипаниот систем е тој што го овозможува ваквото однесување.
– Не е ова проблем на обичен политички пазар, туку иманентен дел на функционирањето на консоцијацискиот политички систем во кој етничките елити нетранспарентно се договараат за поделбата на моќта и привилегиите. До системот е – порачува професорката Ванковска.
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски оди и чекор понатаму, предвидувајќи целосен колапс на државата, која со вака метастазирана партизираност во секоја пора повеќе не може да функционира.
– И ова што се случува во М-НАВ, но и во други институции, како и ова што се случи неодамна со изборот на прв човек на Обвинителството за гонење организиран криминал без да појаснат обвинителите како гласаат за човек без да му ја знаат програмата, сето ова говори дека во суштина ние сме партократија. Нашата Македонија, за жал, ги нема сите постулати што треба да ги има една нормална држава – вели Пекевски.
Според него, она што ни се случува со партизацијата е реалност и тоа ќе доведе до целосно исчезнување на државата.
– Очекувам во следните пет години бројот на населението во земјава да се сведе на милион, затоа што луѓето повеќе не можат да го трпат ова што се случува и ќе си заминат. Ќе нема народ, ќе нема кој кому да му изигрува држава. Политичарите гледаат како да ја исцицаат државата што повеќе. Не постои систем, нема функционирање на правниот систем, во делови од земјата раководат партиски органи. Едноставно, разговараме за територија што во одредени делови е контролирана од партиите, а не институциите. Затоа е апсурдно да зборуваме за квалитет при вработување, за стручност, компетентност. Мора решително да му се стави крај на тоа – заклучува со изразена доза на песимизам Пекевски.