Фото: „Нова Македонија“

Регистрирани три нови форми за разгорување антимакедонска кампања во бугарските медиуми

Антимакедонската кампања во Република Бугарија не стивнува, а потврда за тоа се обидите на некои бугарски медиуми да ги релативизираат посетата на македонската делегација на Вашингтон и поканата за инаугурацијата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, во ситуација кога не е поканет ниту еден бугарски официјален претставник.
Второ, повторно се актуализира невистината дека во македонското општество се дискриминираат мајки со бугарско потекло, нешто што само по себе е опасно бидејќи се шири и предизвикува омраза против Македонија.
И трето, изминатиов период исто така можеше да се забележи уште една негативност во бугарските медиуми, односно обиди да се релативизира состојбата на човековите и малцинските права во македонското општество, без притоа да се претстави реалната состојба.


Форма бр. 1: Обиди за релативизирање на македонскиот дипломатски успех

Во радарот на антимакедонската кампања во Република Бугарија редовно се и членовите на македонската влада, особено премиерот Христијан Мицкоски. Во обид да се релативизира дипломатскиот успех на Република Македонија, односно владината посета на Вашингтон и поканата за инаугурацијата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, некои од бугарските медиуми објавија дека станува збор за посетата од приватен карактер. Според добро упатени, во услови кога ниту еден официјален претставник од Република Бугарија не добил покана, вклучувајќи ги и бугарскиот претседател Румен Радев, бугарската претседателка на Народното собрание, Наталија Киселова, бугарскиот премиер Росен Жељазков и бугарскиот министер за надворешни работи Георг Георгиев, се прават обиди за релативизирање на македонскиот дипломатски успех, но и обиди за прикривање на слабите бугарски дипломатски односи со новата американска администрација во Вашингтон.
Гостите од европскиот континент се исклучително малку, но станува збор за сериозен собир, нешто што се потврдува од присуството на светската бизнис-елита, како што се Илон Маск, Џеф Безос, Марк Закерберг и Тим Кук, како и многу влијателни личности во американскиот политички живот. Според нашите соговорници, македонската владина посета на Вашингтон е совршена можност да се продлабочат политичките и економските односи помеѓу Скопје и Вашингтон, но и да се образложи апсурдната политика на Софија кон македонската држава и нација, нешто што беше потврдено и од Тимчо Муцунски, македонскиот министер за надворешни работи, според кого доаѓањето на новата американска администрација дефинитивно е значаен настан за македонската држава.
– Ние како држава имаме историска позиција во новата администрација, но умешноста е да привлечеме внимание за да го добиеме заслужениот фокус што ние како држава и регион го заслужуваме – рече Муцунски за посетата на Вашингтон.
Очигледно е дека македонската влада има добри релации со новата американска администрација, оттука на дневен ред ќе бидат повеќе прашања, како што се безбедноста, посветеноста на НАТО и европската интеграција, како и блокадите и апсурдните барања на официјална Софија кон нашата држава. Може да очекуваме дека македонските претставници ќе се обидат да ја подобрат нашата позиција во спорот со Република Бугарија, претставувајќи ја реалноста, притоа барајќи гаранции дека нема да има нови уцени кон нас. Оттука и произлегува негативната кампања против претставниците на македонската влада околу инаугурацијата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп.


Форма бр. 2: Фабрикување невистинити информации дека во Македонија „се дискриминираат мајки со бугарско потекло“!?

Во обидите да се дискредитира Македонија како држава и општество, одредени центри шират невистини дека во нашата држава се дискриминираат мајки со бугарско потекло и не им се даваат национални права. Според добро упатени во оваа проблематика, неодамна на социјалните медиуми се појавија невистинити содржини дека во македонското општество се дискриминираат мајки поради нивната бугарска национална свест. Вакви појави нема во Македонија, а содржините имаат цел да предизвикаат омраза и се во контекст на антимакедонската кампања што се спроведува во Република Бугарија, велат нашите соговорници.
Одредени центри во Бугарија го злоупотребуваат стариот случај со Спаска Митрова, македонска граѓанска со бугарско државјанство. Конкретно станува збор за банална семејна кавга, која беше злоупотребена во Бугарија за наводно нарушување на човековите и малцинските права. Спаска Митрова во бугарските медиуми беше претставена како невина жртва на антибугарските чувства, нешто за кое немаше основа, а конкретно стануваше збор за семејни недоразбирања. Меѓутоа апсурдот со Спаска Митрова не заврши тука. Наскоро, „заради своето достоинство на Бугарка и мајка“, таа беше удостоена со одликувањето „Св. Злата Мегленска“ за Бугарка на 2009 година од Државната агенција за Бугари во странство.
– Долги години по случајот со Спаска Митрова, одредени центри и понатаму шират невистини и лаги дека во македонското општество се дискриминираат мајки со бугарско потекло, сѐ со цел да се оцрни Македонија пред бугарската јавност – велат нашите соговорници.


Форма бр. 3: Не се говори вистината за човековите и малцинските права во македонското општество

Бугарија како држава и општество не ги почитува човековите и малцинските права, а тоа е особено очигледно во примерот со македонското национално малцинство. Дека правата на припадниците на македонскиот народ во бугарското општество не се почитуваат повеќепати потврди Eвропскиот суд за заштита на човековите права со седиште во Стразбур. Официјална Софија неколкупати беше повикана да дозволи регистрација на ОМО Илинден-Пирин, бидејќи на најдиректен начин се прекршува правото на здружување, нешто што не е исполнето до ден-денес. Од друга страна, во македонското општество не постојат ограничувања за малцинските права, а тоа е потврдено од повеќе релевантни институции.
Дека Македонија како општество е насочена кон унапредување на човековите и малцинските права беше потврдено неколкупати од македонските владини претставници. Во таа насока беше и искажувањето на Тимчо Муцунски, македонскиот министер за надворешни работи, дека почитувањето на демократските принципи, човековите права и достоинството, како и владеењето на правото, се единствените универзални вредности што треба да бидат почитувани од сите.
Во ситуација кога Македонија е пример за почитување на човековите и малцинските права, одредени центри во Бугарија се обидуваат да ја релативизираат реалноста. Не случајно во некои од бугарските медиуми имаше злоупотреба со извештаите на Советот на Европа, како што беше информацијата дека Советот на Европа во моментов го следи спроведувањето на 40 пресуди на Европскиот суд за човекови права во врска со Македонија, вклучувајќи и 18 главни случаи.
Во обид да се оцрни Македонија и да се релативизираат човековите и малцинските права во нашето општество, некои бугарски медиуми не ја претставуваат суштинската разлика помеѓу двете општества – македонското и бугарското.
– Во случајот со Република Бугарија станува збор за директно прекршување на човековите и малцинските права, бидејќи на бугарски граѓани им се прекршува правото на организирање и здружување. Од друга страна, проблемите со човековите права во Македонија се од друг тип, односно станува збор за недостиг од законска регулатива за условите и процедурите за промена на полот на трансродовите лица во изводите на родените или условите во затворите, но во извештаите не е констатирано непочитување или прекршување на малцинските права во нашата држава – велат добро упатени во оваа проблематика. Д.Ст.