Од 56 обвинети за убиство или обид за убиство, шест биле малолетни, а 51 отсто биле на возраст од 18 до 21 година. Криминалците почнуваат да регрутираат млади мажи додека сѐ уште се тинејџери, до нив стигнуваат преку социјалните мрежи и им ветуваат плата од 100 евра дневно
Франција: Моќните наркобанди врбуваат деца да убиваат за дневница од сто евра
Пристанишниот град Марсеј стана епицентар на криминални активности преку кои се регрутираат, обучуваат и испраќаат на терен низ Франција, а и во Европа, малолетници што физички го ликвидираат лицето што бандите го одбираат.
Според наши соговорници, во градот Марсеј, две наркобанди, Јода и мафијата ДЗ, се борат за превласт над градот и во тој процес сеат страв и трепет кај локалното население. Само во 2023 година, 49 лица загинаа, а 123 беа повредени во вториот по големина град во Франција, што е зголемување за 50 отсто во споредба со претходната година.
Пораст на сите облици на криминал
Освен најновите тенденции на регрутирање и тренинзи на малолетници за да бидат професионални убијци, всушност, забележан е пораст на сите видови криминал. Минатата година полицијата заплени 740 парчиња оружје, вклучувајќи и повеќе од 60 автоматски пушки, што е за 24 отсто повеќе во однос на претходната година. Полицијата, исто така, уапси повеќе од 1.140 дилери на дрога во градот (26 отсто повеќе отколку во 2022 година).
Јода и мафијата ДЗ се борат за контрола врз протокот на дрога низ пристаништето и над територијата на градот на која се продава дрога. Податоците од локалните власти покажуваат дека овие две банди се одговорни за најмалку 80 отсто од сите убиства во изминатата година. Овие наркобанди привлекуваат сѐ повеќе млади мажи во своите редови, кои се и најголемите жртви на насилство меѓу нив.
Малолетничкиот криминалитет прераснува во најбрутален и најкрвав облик на насилство
Од 56 обвинети за убиство или обид за убиство, шест биле малолетни, а 51 отсто биле на возраст од 18 до 21 година. Криминалците почнуваат да регрутираат млади момчиња додека сѐ уште се тинејџери. Според нашите соговорници, криминалните банди до нив стигнуваат преку социјалните мрежи и им ветуваат плата од 100 евра дневно.
Некои од нив многу брзо напредуваат и за неколку години стануваат професионални убијци, заработувајќи по неколку илјади евра дневно. Наглото зголемување на бројот на малолетни жртви и сторители на кривични дела во моментов е главниот проблем со кој надлежните не можат да се справат.
Криминалните активности на бандите претежно се одвиваат далеку од деловните и туристичките области што ги посетуваат туристите, иако понекогаш и невини случајни минувачи се убиваат во судири на бандите. Бандите главно дејствуваат во сиромашните северни квартови на градот, кои се полни со барикади за да ѝ отежнат на полицијата да ги спречи криминалците во бегство.
Жителите на населбите во кои дејствуваат бандите им рекоа на локалните новинари дека не сакаат да соработуваат со полицијата поради страв од одмазда и дискриминација. Имено, овие области се населени со луѓе што припаѓаат на верски и етнички маргинализирани групи. Невработеноста кај младите во тие населени места е двојно поголема од националниот просек.
Емануел Макрон оваа година двапати го посети Марсеј за да ја покаже волјата на властите за борба против растечкиот проблем
Светските медиуми почнаа поинтензивно да пишуваат за проблемот со насилството на бандите во Марсеј кога маскирани напаѓачи вооружени со автомати убија двајца затворски чувари во напад на комбе во северозападниот дел на земјата претходно овој месец.
Напаѓачите удриле со својот автомобил во возило што превезувало затвореници и го ослободиле Мохамед Амра, познат како Муха, кој бил поврзан со наркобандите во Марсеј. Наркобандите очигледно станаа понервозни по неодамнешните операции за чистење низ целата земја, имено големи полициски рации. Од почетокот на акцијата, пред околу два месеца, уапсени се повеќе од 80 лица осомничени за припадност кон наркоорганизации. Водачот на наркобандата Јода, Феликс Бинги, исто така беше уапсен во Мароко.
Францускиот претседател Емануел Макрон оваа година двапати го посети јужното пристаниште за да ја покаже волјата на властите за борба против проблемот со дрогата. Инвестирани се милијарди во ангажирање дополнителни полицајци и судски службеници. Сепак, неодамнешниот извештај на француските сенатори предупредува дека тоа не е доволно и дека може да дојде до зголемување на насилството и корупцијата меѓу полицијата и државните службеници доколку не се зголемат средствата за борбата против наркотиците. Сенаторите велат дека Марсеј наскоро би можел да биде „запален“ од нелегални наркотици. Дилерите на дрога во Франција заработуваат меѓу три и шест милијарди евра годишно.