Фото: Маја Јаневска-Илиева

Активностите за отворање на граничниот премин Маркова Нога се за поздравување и претставуваат чекор во вистинска насока бидејќи Македонија одамна го бара тоа од Грција, како добра можност граѓаните, но и економиите уште поблиску и полесно да соработуваат. Дилемата со која се соочуваат македонските граѓани е дали ова не е уште еден обичен грчки блеф, односно добро осмислена пиар-стратегија со која Грција сака да ги покаже својата кооперативност и грижа за добрососедските односи додека зад сцената продолжува со ниски удари и опструкции кон земјава. Токму за ова имаме добра причина да ја запознаеме домашната и надворешната јавност

Повод: По повеќе од 50 години започнува ревитализацијата на граничниот премин Маркова Нога, преспа

Отворената соработка меѓу две соседни држави во повеќе области од заемен интерес е повеќе од важна за благосостојбата на нивните граѓани, но само доколку се остварува врз основа на чесни и искрени намери, без притоа во заднина да се влечат потези спротивни на добрососедството.
Во тој контекст може да се посматра и почетокот на градежните активности за повторно отворање на граничниот премин Маркова Нога на македонско-грчката граница, кој е затворен повеќе од половина век. Проектот опфаќа изградба на административна зграда на Царинската управа со површина од околу 360 квадратни метри, како и изградба на канцеларија за осигурителна компанија, резервоар за вода, армирано-бетонски пропусти, водоснабдување и канализација, потпорни ѕидови, три новопланирани улични делници и јавни тоалети. Изградбата на овој граничен премин е во рамките на проектот „ЕУ за Преспа“.
Постојаниот претставник на Програмата за развој на ОН (УНДП), Армен Григорјан, смета дека со отворањето на овој граничен премин се очекува да се отвори простор за економска и туристичка соработка и за културна размена меѓу двете држави.

Грчкото добрососедство е оптичка илузија во розовите европски очила

Несомнено ова е чекор во вистинска насока и е за поздравување, но не треба да се заборави фактот дека преминот можеше да се стави во функција уште многу порано да не беа опструкциите од грчка страна.
Екипа на „Нова Македонија“ две години по потпишувањето на Преспанската спогодба беше во посета на овој премин, кој од македонска страна на границата речиси целосно е во функција, но веднаш по граничната рампа, она што можеше да се забележи на грчката страна беше тесен земјен пат обраснат со бујна вегетација, делумно зафатена од пожар што никој не го гаснеше и кој без контрола се движеше кон македонска територија додека грчките граничари лежерно уживаа на пролетното сонце. Овој премин не беше во функција ниту во времето на поранешна СФРЈ, што јасно говори за грчките намери да се опструира секаква потенцијална комуникација меѓу македонското население од обете страни на границата.
Сега одново се најавува отворање на овој граничен премин, иако прашање е дали воопшто ќе се реализира, имајќи го предвид грчкиот пристап кон другите обврски од Преспанската спогодба, кои официјална Атина упорно ги игнорира и ги држи во фиока.
Сето ова најдобро говори за една перманентност на грчката политика (во негативна конотација) кон Македонија, односно преку класично блефирање и пиар-стратегија Грција пред очите на Брисел и целата поширока европска јавност да се прикажува како земја што сака да гради добрососедски односи со земјава, да ѝ помага во евроинтеграциите, во меѓуграничното инфраструктурно поврзување, а во суштина да го прави спротивното.
Еве еден најсвеж пример. Имено, без оглед што во Преспанската спогодба јасно стои дека Македонија може да ја употребува придавката „македонски“ за производи произведени во земјава, грчкото лоби засилено работи да го блокира учеството на македонските винарници на престижниот вински саем во Дизелдорф, Германија, само затоа што промовираат „македонски вина“, кои се омилени на европскиот пазар. Освен грчката највисока цел за присвојување на името Македонија (и сето она што е поврзано со името), целта на ваквите грчки опструкции е да ѝ се направи и – економска штета на земјава! Слични активности пред извесно време имаше и во рамките на ОН, каде што грчки лобисти даваа инструкции од документите да се истиснува називот – македонски јазик.
Пред извесно време беше отворен Центарот за македонски јазик во Лерин, потег што беше поздравен од пошироката македонска јавност, за многу кусо потоа грчки суд да го оспори работењето на овој центар и да го затвори. Грција не ги ратификува ниту трите меморандума што се нејзина обврска од Преспанската спогодба, туку ги користи како алатка за дополнителни уцени на земјава. Тоа ли е „грчката помош“ за нашите евроинтеграции?!
Што се однесува на грчката поддршка на македонските евроинтеграции, освен тргањето на ветото, нема никаква друга грчка активност што би асоцирала на некаква помош во делот на евроинтеграциите, туку напротив, Грција е сосема задоволна од ветата што ги наметнаа најпрво Франција, а потоа и Бугарија. Нема никакви назнаки и за скоро железничко поврзување меѓу двете земји, без оглед што пругата од Битола до грчката граница е целосно обновена, но од грчка страна нема никаква иницијатива за железнички сообраќај, како патнички така и товарен.

Двете грчки лица – едно пред меѓународната заедница, другото за Македонија

Сите овие примери ја откриваат дволичноста на грчката официјална политика, односно „едно лице на сесрдна кооперативност и соработка“ што сакаат да го прикажат преку вакви проекти како „Маркова Нога“ пред европската јавност, но и другото лице со кое постојано се соочува Македонија, нанесување економски штети, неспроведување на обврските од договорите, монополизирање на историјата, на придавката „македонски“, затворање на јазичните центри, неможноста на граѓаните да се декларираат како Македонци и слично. Дури одбиваат и да ги постават сообраќајните знаци со новото име на соседната држава, под изговор дека тоа побудувало непријатни чувства кај локалните власти на северот на Грција.
– Започнувањето на активностите за повторно ставање во функција на граничниот премин Маркова Нога треба да се поздрави и е чекор во вистинска насока. Тоа ќе овозможи населението од обете страни на границата подобро да комуницира, заеднички да се аплицира за проекти што би биле финансирани од ЕУ, заеднички да се работи на спасот на Преспанско Езеро, размена на идеи и слично. Посакувам ова да се реализира и да не заврши како многуте претходни најави. Паметам дека пред нешто повеќе од 15 години и тогашниот грчки премиер Јоргос Папандреу најавуваше заживување на овој премин, но ништо од тоа. Потегот е добар, но не треба никој да има илузии дека нешто ќе се промени во односот на грчката политика кон Македонија. Очигледно Грција ги користи ваквите настани за пиар-цели, односно да се прикаже пред меѓународната јавност дека таа сака соработка и искрено ѝ помага на соседната земја, а во заднина прави сѐ што може да им го загорчи животот на нејзините граѓани и да ја загрози нејзината економија. Прво го оспори името, па знамето, па наметна блокада, па ја принуди на промена на името, на идентитетот, свесна дека тоа ќе води кон создавање нов идентитет различен од македонскиот. Тоа го прави цело време со децении , а повремено изигрува добар сосед поради личниот имиџ пред Европа. Тоа не е добрососедство, туку лицемерство – коментираат дел од аналитичарите.