Професор д-р Стојко Стојков

Професор д-р Стојко Стојков е автор на повеќе научни трудови и книги, а последното негово дело е книгата „Многуимените други – Македонија како пресечна точка на другоста на средновековниот Балкан (идентитетски студии)“. Со Стојко Стојков разговараме за споменатата книга и за повеќе сегменти од нејзината суштина

Проф. д-р Стојко Стојков – потпретседател на ОМО „Илинден“ – Пирин во бугарија

Проф. д-р Стојко Стојков е потпретседател на ОМО „Илинден“ – Пирин, како и еден од најангажираните Македонци во борбата за остварување на човековите и малцинските права на македонскиот народ во Република Бугарија. Тој е вонреден професор при Факултетот за образовни науки и предава од областите на средновековната историја и византологија, а специјализира и во етничките и идентитетските прашања. Автор е на повеќе научни трудови и книги, а последното негово дело е книгата „Многуимените други – Македонија како пресечна точка на другоста на средновековниот Балкан (идентитетски студии)“. Со Стојко Стојков разговараме за споменатата книга и за повеќе сегменти од нејзината суштина.

Од каде произлезе оваа книга, како се роди идејата за неа?

Уште додека растев во Пиринска Македонија, во градот Сандански во Бугарија, се најдов пред следната дилема. Дома татко ми ме учеше дека ние сме Македонци, а во училиште нѐ учеа дека сме Бугари. Тоа ми го разбуди интересот, кон историјата и идентитетските прашања, инаку, ме интересираше повеќе биологијата. Уште во средно училиште најдов случаи за свесна манипулација од страна на бугарски историчари по тоа прашање. Тоа ме доведе во Скопје каде што се запишав на историја, но и тука не најдов одговори на сѐ што ме интересираше, така што полека започнав самостојно истражување. Тоа започна во доцните студентски денови, на крајот на минатиот милениум и трае повеќе од четвртина век. Оваа книга ги собира во себе голем дел од резултатите од повеќето мои истражувања по темите за идентитетот во Македонија и на Балканот во средниот век. А и истражувањата по темата нема да завршат со оваа книга.

Која е тематиката што се обработува?

Темата се идентитетските прашања во средниот век. Не сите – една книга не може да ги опфати. Но овде се обработени неколку клучни идентитетски „јазли“. Едниот се однесува на Словените – поим, појава, потекло, населување, однос и сооднос со староседелците, употребата на поимите Словени, словенски, етноси, Склавинии, излегувањето од употреба на поимот Словени во византиските текстови, употребата на поимите словенски народ и јазик во старословенските текстови во текот на средниот век. Вториот јазол се однесува на поимот Бугари и тука се разгледани повеќе прашања поврзани со карактерот на бугарското царство, хипотезите за создавање словенско-бугарски народ или бугарско средновековно етние, судбината на оригиналните етнички Бугари. Третиот јазол се однесува на прашањето за Самуиловото Царство и византиската реалност креирана врз неговите рушевини и поспецијално Охридската архиепископија и административната единица Бугарија, како и промените во перцепциите и употребите на поимите Словени и Бугари во византиските и латинските извори предизвикани од оваа нова административна реалност. Како контраст се дадени паралели од современите словенски извори, кои покажуваат на пример дека нема себеидентификација со поимот Бугари (има ретка со Словени), напротив поимот Бугари дури и се третира негативно. Четвртиот јазол е прашањето за лојалноста и разбирањето на тоа што е етнос во средниот век. Петтиот е прашањето за другоста и различноста во средновековниот Балкан, што се јавува и како заклучок на целата книга. Освен тоа, како вовед е направена паралела во развојот и ставовите на бугарската и македонската медиевистика по идентитетските прашања дадени во контекст на промена на конкретната политичка ситуација. Обратено е внимание и на важни теоретски прашања за идентитетот, за промената во употребата на различни поими во средниот век и денес или феноменот – ново вино во стари мешини, на несвесното манипулирање на историјата преку префрлање модерни разбирања во минатото кога тие не постоеле и многу други.

Дали може да им го објасните насловот на читателите?

Насловот ги сумира книгата и нејзините резултати. Се забележува една доследна тенденција во историските извори, кои во најголем дел се настанати во големите политички центри како Константинопол, Преслав, Трново или во Србија и се продуцирани од и за соодветните елити на византиското и бугарското царство и српската држава, за да биде третирано населението во поголемиот дел од Македонија како друго, различно, не свое, туѓо. Луѓето овде редовно се поставувани во некаква зона на „другост“ од спомнатите политички центри. Таквите зони на другост се пошироки од Македонија и се различни по опфат, но поголемиот дел на Македонија секогаш е во некаква таква зона. Зоните на другост се пресекуваат во Македонија и ако ги комбинирате информациите за нив, се оформува еден поголем специфичен регион што бил перципиран постојано како туѓ од елитите на Србија, Бугарија и Византија. Таквата другост била означувана однадвор со најразлични имиња и од тука доаѓа ова „многуимените други“ во насловот. На пример во 11–12 век во Византија гледале на дел од Македонија и цела денешна Србија како зона на другост именувана како Бугарија или Нова Мизија и сл. Од таа зона била исклучена речиси цела денешна Бугарија (освен Софија) и соодветно во овој период поимите „цела Бугарија“ и „сите Бугари“ се однесуваат само на земјата и населението во современите Србија, Косово, Република Македонија и делови од Грција и Албанија. Уште појасно е видно тоа во 13–14 век кога во Бугарија и Србија гледале на луѓето во Македонија и Тракија како на „Грци“, додека во Византија на истите тие гледале како на други. Имињата се менуваат, нивното значење – исто. Константна е само другоста и тоа што поголемиот дел од Македонија постојано е гледан како различен, друг.

Што поспецијално би можело да ја заинтересира пошироката читателска публика?

Многу од горните прашања може да изгледаат комплицирани или премногу теоретски и неактуелни за читатели што не се силно загреани или кои не се имаат задлабочено во средновековната историја. Повеќе научни прашања што добиваат свои одговори во книгата беа направени општествено и политички актуелни од политиката во последната деценија и тие би ги заинтересирале мнозинството читатели. Такви се на пример оние за Словените и нивното потекло и доаѓање, за соодносот Словени – староседелци, за значењето на употребата на поими како Словени, Бугари, Грци и други. Можеби некои читатели ќе бидат разочарани што книгата не се занимава со докажување на постоењето на македонскиот народ во средниот век – употребата на поимот Македонец заедно со други поими е оставен за понатамошно истражување. Но за да ја направиме книгата дневно актуелна може да се каже и така: читателот може да најде во неа многу аргументи дека мнозинството од населението во Македонија во средниот век не му припаѓало на грчкиот, српскиот или бугарскиот народ, ниту во средновековна, а уште помалку – во современата смисла на овие зборови. Се разбира она што би можело да се најде во книгата е многу, многу повеќе од тоа.
Што понатаму? Темата не е завршена. Таа ниту започнала со мене, а ниту завршува со оваа книга. Истражувањата продолжуваат и мислам дека ќе има потреба за уште една книга од овој размер. Само што за неа ќе треба да се почека од пет до десет години. Потребна е многу работа.