Дневник по 40 години (4)

Со Драмата на Македонскиот народен театар во Пиринска Македонија

Пред 40 години, во октомври 1982-та, ансамблот на Драмата на Македонскиот народен театар од Скопје оствари долга и успешна турнеја низ сите поголеми места во Пиринска Македонија. Од претходното гостување во овој крај беа поминале шеснаесет години. На репертоарот на МНТ овој пат беа култната, „Зајдисонце“ од Исак Бабељ и незаборавниот „Кенгурски скок“ од Живко Чинго, обете во режија на Бранко Ставрев. Турнејата ја следеше и новинарот и писател Ристо Лазаров.

Пишува: Ристо Лазаров

Понеделник, 18 октомври
1982 година

Me разбудува снимателот на ТВ Скопје, Јордан (Франц) Томовски, со веста за некои компликации за хотелските сметки. Недоразбирањето околу статусот на новинарите што ја следат турнејата трае кратко. Околу 10 часот тргнуваме кон Разлог. Од автобусот, со Петар Костовски се префрламе во црвената „лада“ на Бошко Нацевски. Застануваме на десетина километри пред Разлог во месноста Предел. Овде ќе ноќеваме. Застануваме, пред тоа, на местото каде што во деветстотини и првата Јане Сандански ја организирал дотогаш најкрупната акција на македонската левица – грабнувањето на Мис Стон. Како да го слушаме славејот од грлото на Манданата овде во Предел, каде што завршува Рила и започнува Пирин. Еве ја, значи, и долгоочекуваната прва средба со песните на Ботев. Ајдучката Ирин-Пирин Планина. Планината од која, според записот на Иван Вазов, „ќе видиш надалеку и нашироко други долини и планини; и Струма, и Вардар и красните предели на Македонија; а на југ врвовите светогорски, зад нив Бело Море; а погледнеш ли нагоре – ќе го видиш Бога…“.

Тука, на подножјето на Пирин, Живко Чинго, дикатлија, ни подарува здравец цвеќе. Проработува полароидниот фотоапарат на Бошко Нацевски. Здравица, среде бел ден, на подножјето на Пирин. Тука, каде што има пирински и рилски чист воздух во неограничени количества. Со таква мисла вечерта ќе ни наздрави претседателот на Општинскиот совет. Во дворот на објектот во кој ќе преспиеме (некој вид планинарски дом, куќа за одмор) седнат на едно отсечено стебло, Киро Ќортошев си спомнува на поранешните гостувања, на средбата со мајка му на Вапцаров.

Наместо пладневна починка, претпочитаме прошетка. Преку Разлог и Банско – до Неврокоп (сега Гоце Делчев). По долината на Места. Планината горделиво молчи. Ни ја слуша ли песната, ни ја слути ли мислата? А бре, Кољо, мамин Кољо…
Sвонци во Неврокоп. За секоја прилика посебен ѕвонец. Бијат неврокопските камбани. Надалеку. До бескрајот. И се одгласуваат на тие камбани осумстотини седумдесет и осмата неврокопските востаници во Кресненско-Разлошкото востание. Ќе најдат тука заслон и Гоце Делчев, и Пеју К. Јаворов, и Јане Сандански и мнозина други. Слободољупци. Со македонска мечта во погледот.

На пазарот: дуњи, ореви, спанаќ, грав. Емиши и зарзавати. Високи јавори во центарот на градот. Купуваме ѕвонци: милозвучни и бунтовнички. А камбаните бијат ли, бијат. Се довикуваат со пиринските стада.

Стигнуваме во Разлог токму кога другите го разгледуваат градот. Во Разлог течат три реки: Бела, Јазот и Црна. Убаво езерце во центарот на градот. Во срцето на градот востаник. Родно место на Никола Парапунов, организатор и раководител на првата партизанска чета во пиринскиот крај. Си го плаќа градот сега данокот на современата цивилизација: тука има фабрика за целулоза и хартија, керамички завод. И смог. Магла од смог. Има и фабрика за детски играчки, ако веќе инсистирате на нешто што не ја загадува околината. А има и една „опашка“ пред месарницата во центарот на градот.

Има овде и убав и нов Дом на културата во кој скопскиот ансамбл го игра „Кенгурски скок“. Многу старци во публиката. Со бастун во едната рака, со рачето на внучето во другата. Претставата како да се прима неочекувано, некако позамислено, па и со помалку аплаузи. „Кенгурскиот скок“ овде прозвучува како изненадување.

Незаборавна вечер во Предел. По барање на сите, Жоро Божиков се согласува да ја испее „Ајде жалај ме Малино моме“. Гоцевата песна. Овде, под Пирин. Ечи планината. Го гледам Жоро: дали му се подисправа кадравата коса? Секогаш е така кога ја пее оваа песна. И сега, се разбира. Еден од готвачите во ресторанот на гостите артисти им изведува мал скеч. Искрени аплаузи за драмскиот аматер, Дамјан се вика готвачот артист. Таа вечер долго се убедуваа со Чинго кој вари поубава домашна ракија: никој не си ја даваше мајсторијата.

Нема брзо да се заборави и шегобијната страна на оваа ноќ: полноќната ревија на машки пижами во хотелскиот ходник. „Ексклузивниот“ модел на Душко Костовски…

(Продолжува)