Кинеската управа за сајбер-простор (ЦАС) со предлог-правила со кои сака да ги заштити младите
Кинеската управа за сајбер-простор (ЦАС) предложи правила со кои ќе се ограничат лицата под 18 години на максимум два часа дневно користење на нивните паметни телефони, со цел борба против зависноста кај малолетниците.
За најмладите само осум минути дневно
Според предложените правила, корисниците на возраст од 16 до 18 години би можеле да поминуваат два часа на ден на своите телефони, од осум до 16 години би можеле да добијат еден час, додека децата под осум години би имале само осум минути.
Покрај тоа, на малолетниците ќе им биде забранет пристап на интернет преку телефони од 22 до 6 часот наутро.
Предлогот доаѓа во време кога кинеските власти сѐ повеќе се загрижени за зависноста од интернет кај младите луѓе.
Ограничувањата, доколку бидат одобрени, ќе бидат продолжување на постојните мерки воведени во последните години од Пекинг за да се намали времето на екранот на децата и да се намали нивната изложеност на општествено девијантни влијанија.
Според нацрт-прописите, кои се отворени за јавно коментирање до 2 септември, децата и тинејџерите што користат уреди поставени во режим за малолетници, автоматски ќе добиваат известувања дека онлајн апликациите се затвораат кога ќе истечат временските ограничувања. Ним би им била понудена и „содржина соодветна на возраста“. Во нацртот, исто така, се наведува дека провајдерите на мобилниот интернет треба активно да создаваат содржина што формира чувство на припадност кон кинеската нација. Дополнително, сите возрасти би добивале потсетник за одмор по користење на уредот подолго од 30 минути.
Поддршка од родителите
Во изјава за Си-ен-ен, родители изразија условна поддршка за предлогот.
– Мислам дека е добро. Од една страна, ваквата одлука може да го заштити и нивниот вид бидејќи многу деца не можат да престанат да гледаат нешто што им се допаѓа – вели мајката на две деца од провинцијата Жеџијанг во источна Кина, која не сакаше да биде именувана.
– Од друга страна, нам родителите ќе ни е полесно да го контролираме времето што децата го поминуваат на екранот. Најважно е содржината во режимот за малолетници да биде попозитивна и поздрава – додаде таа
Миопијата стана национален здравствен проблем во Кина, при што некои експерти ја поврзуваат зголемената стапка на кратковидост кај младите луѓе со недостиг од изложеност на сончева светлина или прекумерно време минато пред екранот.
Доколку предлогот биде усвоен, тоа може да влијае на компаниите, како што е сопственикот на Тикток, Бајт Денс, бидејќи ЦАС наведува дека давателите на услуги ќе треба да наметнат временско ограничување според предложените правила.
Сепак, ЦAC додава дека на родителите ќе им биде дозволено да ги укинат ограничувањата за нивните деца.