Она што беше пракса при воспоставувањето интернет-инфраструктура не се примени при изградбата на другата инфраструктура, пред сѐ патната и железничката, која остана на нивото од пред три децении, со некои пробиви последните години, особено околу довршувањето на автопатската делница од Демир Капија до Гевгелија. Сите други работи тапкаа во место. Ниту по 30 години нема добра инфраструктурна поврзаност со Охрид, лоша е конекцијата и кон Битола, а дури пред некоја година профункционира автопатот од Скопје кон Штип. Од друга страна, патот кон бугарската граница е во лоша состојба, слично како и делницата од Струга кон Ќафасан
Македонија е лидер во регионот според брзината на интернетот, но во многу други клучни сектори допуштивме да се позиционираме на дното на табелата
Добрата инфраструктура е клучна за напредокот на една земја и до неа се доаѓа преку континуирано инвестирање и надградба, но, за жал, Македонија изминативе три децении може да се пофали со малку примери преку кои се доближила до некакви европски стандарди. Последен убав пример за тоа дека земјава може да држи чекор со развиените земји, па дури и да предничи, е брзината на интернетот, што во време кога дигитализацијата зема сѐ поголем замав во светот е исклучително достигнување, но и предност.
Имено, Македонија има најбрз интернет во регионот, а е меѓу подобро рангираните земји и во Европа, покажува истражувањето на „Кејбл“, кое го објави статистичкиот портал „Ландгеист“. Со брзина на интернет-конекциите од 97,9 мегабајти во секунда (мб/с), Македонија е пред Словенија 97 мб/с, Србија 60,5 мб/с, Косово 57,3 мб/с, Грција 53,9 мб/с, Црна Гора 49,5 мб/с, Босна и Херцеговина 44 мб/с и Бугарија 40,4 мб/с. Најбрз интернет во Европа има на островот Џерси (264 мб/с), кој е лоциран меѓу Велика Британија и Франција, во Лихтенштајн 246,8 мб/с и во Исланд 229,4 мб/с. Најбавен интерен во Европа имаат Хрватска 25,7 мб/с, Албанија 25,4 мб/с и Турција 24,8 мб/с.
Податоците на британската страница „Кејбл“ се базираат на анализата на над 1,5 милијарда теста за брзина на широкопојасен интернет во 229 земји, во текот на 12 месеци, завршувајќи на 30 јуни 2024 година.
Инфраструктурната развиеност е показател и за подготвеноста на државата за членство во ЕУ
Овие податоци од истражувањето на водечкиот британски оператор покажуваат дека кога навремено и континуирано се вложува во инфраструктурата, тогаш и резултатите доаѓаат до израз. Факт е дека дел од таа инфраструктура државата градеше со децении, а новите телекомуникациски оператори во земјава само ја продолжија практиката за инфраструктурна надградба со примена на сите нови светски технологии, што придонесе Македонија како држава да биде препознаена на светската мапа на дигитални достигнувања карактеристични за најразвиените земји.
Сепак, она што беше пракса при воспоставувањето интернет-инфраструктура не се примени при изградбата на другата инфраструктура, пред сѐ патната и железничката, која остана на нивото од пред три децении, со некои пробиви последните години, особено околу довршувањето на автопатската делница од Демир Капија до Гевгелија. Сите други работи тапкаа во место. Ниту по 30 години нема добра инфраструктурна поврзаност со Охрид, лоша е конекцијата и кон Битола, а дури пред некоја година профункционира автопатот од Скопје кон Штип, со што за првпат источниот дел од земјата доби автопат. Од друга страна, патот кон бугарската граница е во лоша состојба, слично како и делницата од Струга кон Ќафасан.
И додека дури сега се прават некакви интервенции на патната инфраструктура, особено по почетните активности околу изградба на коридорите 8 и 10-д, кои треба да се градат во следниот период, крајно загрижувачка е состојбата во железничката инфраструктура. Пругата кон Бугарија се гради веќе три децении без никакви надежи за скоро завршување, додека внатрешната железничка мрежа е во состојба на пропаѓање, за што сведочи неодамнешното оштетување мост на реката Црна, кое резултираше со повеќедневен целосен прекин на железничкиот сообраќај, што за земја претендент за членство во ЕУ е недозволиво. Дека сѐ поголем број европски држави акцентот го ставаат врз железничкиот транспорт говори и фактот за изградба на брзи пруги низ повеќе европски земји, а помош за ваквите активности пристигнува директно и од ЕУ.
Имено, неодамна Европската Унија одобри уште 1,2 милијарда евра преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (ВБИФ) за подобрување на железничката инфраструктура и управувањето со водите во регионот. Сумата е главно наменета за модернизација на железницата за да се зголеми брзината на возовите во Србија, но и за проекти во Црна Гора и во БиХ. Србија веќе изгради брза пруга од Белград до унгарската граница, а плановите се таква пруга да се изгради и до Скопје, за што веќе српските власти разговарале со нивните македонски колеги.
Во меѓувреме во земјава е отворена дебата околу потребата дел од средствата за пругата кон Бугарија да се пренаменат за изградба на брза пруга кон Грција, со што Македонија би се поврзала поквалитетно железнички со солунското пристаниште и на тој начин би се забрзал транспортот на стоки и луѓе. Она што е повеќе од јасно, тоа е дека актуелната железничка инфраструктура во земјава во никој случај не може да биде компатибилна со европската инфраструктура, што значи дека се потребни сериозни инвестиции, кои Македонија како држава тешко ќе ги обезбеди сама, па затоа е важно овие проекти да се реализираат во соработка со ЕУ, онака како што прави Србија.
Потребни се постојано инвестирање и осовременување на инфраструктурата
Експертите во областа на инфраструктурата се согласни дека многу малку е инвестирано во патната и железничката инфраструктура и затоа земјава заостанува далеку зад сите други во регионот.
– Косово за десет години направи многу повеќе во патната инфраструктура отколку Македонија во овие три децении. Да го земеме примерот со Албанија, погледнете ја земјата во 1990-тите години, погледнете ја сега. Таму државата масовно гради инфраструктура во согласност со новите барања за поврзување со Европа и затоа нејзината економија е во постојан раст. Кај нас е недозволиво 30 години да нема автопат до Охрид, да не можеме градот сериозно да го етаблираме на светската туристичка мапа. Ако се пресмета колку пари се потрошени за пругата кон Бугарија, со тие пари досега ќе изградевме нова брза железница до Гевгелија и ќе се зголемеше брзината на возовите – велат експертите.
Според нив, ако се инвестира во инфраструктурата, ќе добие државата, бидејќи бенефицијата ќе биде за сите, како за граѓаните, така и за компаниите.
– Поранешен „Телеком“ уште од времето имаше пристојна мрежа, а со приватизацијата на компанијата, инфраструктурата само се надградуваше и сега имаме една од најдобрите мрежи во Европа. Истото тоа се случува и со воздушниот сообраќај. Од еден лет неделно, сега имаме повеќе летови во денот кон повеќе дестинации низ Европа и обратно. Охридскиот аеродром летово потсетува како аеродромите во европските туристичките центри, постојано слетуваат и полетуваат авиони со туристи. Со модернизација и на електродистрибутивната инфраструктура системот е постабилен и е веќе дел од европската енергетска мрежа. Дури сега се прави примарната гасификација, се конектираме на повеќе гасни јазли за да не зависиме само од едно место. Сето тоа е добро, но е задоцнето, требаше да се направи многу порано, кога ќе чинеше помалку пари – прецизираат експертите.
За нив, примерот со лидерството на Македонија според брзината на интернетот во однос на другите земји од регионот, па и Европа, говори за модалитетот како се постигнуваат европските стандарди.
– Инвестициите во инфраструктурата се круцијални, тие подоцна се оплодуваат и го помагаат економскиот развој. Се пропушти многу време, но не треба да се губи дополнително, туку сериозно да се зафатиме со модернизација како на патната така и на железничката инфраструктура, следејќи го примерот со интернетот. Македонија е мала земја, зошто да нема брза пруга преку која брзо ќе излегува на море и брзо ќе доаѓа до енергенти, а граѓаните ќе можат брзо и безбедно да стигнуваат насекаде. Добрата инфраструктура ќе придонесе и за заживување на целата држава, односно наместо сите работи да се концентрирани само во Скопје, да се распределат и низ другите делови на државата. Зошто министерствата и администрацијата да не бидат дисперзирани? Таков е примерот со Словенија, каде што рамномерно се развива секое населено место, а не само еден град. Значи, инвестиции во инфраструктурата со постојана надградба се клуч за идниот развој на државата и нејзино адаптирање на европските текови – заклучуваат соговорниците.