Максим Димитриевски ќе биде кандидат за претседател на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, соопшти денеска партискиот портпарол Никола Мемов. Како што соопшти партискиот портпарол Никола Мемов на прес-конференција, од утре почнува постапката за собирање потписи.
Според него, граѓаните првпат ќе имаат можност да гласаат за одредена опција, а не како досега, да гласаат против.
– Очекуваме победа. Нашата анализа покажува дека Димитриевски ќе влезе во вториот круг, за потоа да имаме и конечна победа. Ги повикуваме граѓаните да ја поддржат кандидатурата на Димитриевски во општинските канцеларии на ДИК – нагласи Мемов.
На Македонија ѝ е потребен претседател којшто ќе го даде максимумот за неа, нагласија од ЗНАМ.
– По завршената внатрепартиска постапка Извршниот одбор на движеното ЗНАМ за наша Македонија донесе одлука да му предложи на првиот конгрес кандидат за претседател на Македонија од редовите на ЗНАМ да биде Максим Димитриевски. На Македонија ѝ е потребен татко на нацијата, чувар на идентитетот и заштитник на историјата. На Македонија ѝ е потребна предвидливост, надеж, стабилност, сигурност, правда, иднина. На Македонија ѝ е потребен претседател којшто ќе го даде максимумот за неа. На Македонија ѝ е потребен Максим Димитриевски – се вели во партиското соопштение.