Анкета на „Фигаро“: Мнозинството Французи се за заминување на претседателот Макрон од политиката
- Низата од негативни бројки дополнително го ослабува наследството на макронизмот. Покрај тоа, големо мнозинство од земјата (86 отсто) не верува дека оваа школа на размислување ќе го преживее заминувањето на Емануел Макрон од претседателската функција, бидејќи, според Уставот, тој не може да се кандидира за трет последователен мандат. Претседателот, кој нема да има ниту 50 години кога ќе ја напушти Елисејската палата, нема намера да исчезне од политичката сцена бидејќи не ја исклучува можноста повторно да се кандидира во 2032 година. Но Французите (89 отсто од нив) сакаат да свртат нова страница и се надеваат дека тој повеќе нема да игра значајна улога на националната сцена откако ќе заврши неговиот втор мандат
Далеку од буџетските превирања што ја потресуваат француската политичка сцена, Емануел Макрон изминативе денови уживаше во прошетка по улиците на Бразил по повод отворањето на климатскиот самит КОП30, што беше добредојдено за францускиот претседател, чиј имиџ продолжува да се влошува во Франција, како што откри анкетата на „Одокса-Бакбон консалтинг“ за „Фигаро“. Политичкиот проект што го застапува Макрон, според 89 отсто од Французите, претставува неуспех, по осум години на власт. Тоа го сметаат дури 77 отсто од неговите гласачи од првиот круг на изборите во 2017 и 2022 година. Истото тоа важи и за неговите постапки и политики чии резултати се остро отфрлени од големо мнозинство од земјата (79 проценти). Ова е особено точно во однос на куповната моќ (88 отсто), пензиите (86) и имиграцијата (85), здравствената политика, екологијата, борбата против тероризмот, образованието… Шефот на државата не успева да ја убеди домашната јавност ниту во политиките поврзани со прашањата што тој ги означи за клучни. На пример невработеноста (73 отсто), која вети дека ќе ја намали до постигнување целосна вработеност до 2027 година. Односно само 11 отсто од испитаните велат дека политичкиот проект носен од Емануел Макрон е успешен.
Низата од негативни бројки дополнително го ослабува наследството на макронизмот. Покрај тоа, големо мнозинство од земјата (86 отсто) не верува дека оваа школа на размислување ќе го преживее заминувањето на Емануел Макрон од претседателската функција, бидејќи, според Уставот, тој не може да се кандидира за трет последователен мандат.
Претседателот, кој нема да има ниту 50 години кога ќе ја напушти Елисејската палата, нема намера да исчезне од политичката сцена, бидејќи никогаш не ја исклучува можноста повторно да се кандидира во 2032 година. Но, Французите (89 отсто од нив) сакаат да свртат нова страница и се надеваат дека тој повеќе нема да игра значајна улога на националната сцена откако ќе заврши неговиот втор мандат. Можноста за присилно повлекување е охрабрена од две третини (68 отсто) од неговите поддржувачи од 2017 или 2022 година. Наспроти оваа заднина на широко распространето отфрлање на шефот на државата, ниту еден кандидат од претседателскиот табор не се чини соодветен за да ја преземе макронистичката мантија. Дури ниту премиерот и лојалист Себастијан Лекорну, кој се смета за потенцијален наследник за само 35 отсто од анкетираните. И покрај неговата потрага по независност, поранешниот премиер Габриел Атал останува перципиран како најдобро олицетворение на макронизмот (39 отсто), особено меѓу гласачите на претседателот (50 отсто). Тоа е далеку повеќе во однос на уште еден поранешен премиер, Едуар Филип (26 отсто), кој, од своја страна, формализираше неповратен раскин со повик до шефот на државата за да ја испланира својата оставка.
Коментар на париски „Фигаро“:
Макрон веќе е минато за Франција
Напуштен од неговите, оцрнет од оние што му должат сè, омразен од јавноста, царот е гол. Таков е крајот на владеењето на Емануел Макрон, пишува париски „Фигаро“. За него веќе се зборува во минато време. Распуштањето на Парламентот на 9 јуни 2024 година го симна Јупитер (прекарот што Французите му го дадоа на Макрон) од неговиот пиедестал. Јасно е дека, како и некои од неговите претходници во Елисејската палата, тој си беше свој најголем непријател. Јасно е дека вторите претседателски мандати се безвредни за нивните носители.
Падот на Емануел Макрон е уште поспектакуларен со оглед на ласкавите ветувања што ги даде на почетокот. Франција требаше да влезе во нова ера, свртувајќи му го грбот на стариот, збрчкан и застарен свет. Со него, францускиот политички живот требаше да биде украсен со „нови практики и нови лица“. Години подоцна, за жал, Франција е зафатена во мијазма на нестабилност, со обесхрабрувачко враќање кон практиките на Четвртата Република. Што се однесува до младите надежи на движењето на Макрон, зачудувачки аматерски, тие изгледаат крајно исцрпено.
И со Емануел Макрон, земјата требаше да се трансформира во пробизнис, стартап-нација. Додека почетоците беа охрабрувачки, она што следуваше повеќе личеше на социјалистички кошмар, со јавни финансии што излегуваа од контрола. Дното на јавниот долг не се гледа на повидок. На меѓународната сцена, претседателот на Франција зборуваше многу, но совладувањето на англискиот јазик, првпат за француски шеф на држава, не е доволно за да се гарантира успех. Досието не е брилијантно. Протерана од Африка, исмејувана од Алжир, понекогаш неорганизирана на Блискиот Исток и во односите со Москва, разочарувачка во Европа и покрај одличните говори, Франција се бори да биде слушната. А што е со основните суверени прашања за безбедноста и имиграцијата? Бројките вртоглаво растат без соодветен одговор.
– Нашата грешка веројатно беше во тоа што бевме премногу паметни, премногу суптилни, рече своевремено пратеник на макронистите, сега надвор од игра. Меѓу другото, проблемот е токму во тоа што можевме да размислуваме на тој начин и да истраеме во таа грешка. На Франција не ѝ треба комплексно размислување, туку уредно размислување – пишува Ив Треар, коментаторот на „Фигаро“. Т.Г.
Акцент
Краток осврт на односот на Макрон кон Македонија
Наметнати неприфатливи услови и непринципиелни ветувања
И ние, од наша страна, можеме да ги разгледаме примерот и односот на францускиот претседател Емануел Макрон кон Македонија.
– Тој стави вето за преговорите, објаснувајќи дека треба да бидеме издвоени од Албанија, која тогаш не беше подготвена за преговори, како и дека Европската Унија треба да се реформира пред да се проширува.
– Потоа ни следуваа и бугарското вето и францускиот (Макронов) предлог еден ден по крајот на француското претседателство со ЕУ, што само нѐ претвори во споменик во чекалницата на ЕУ. Подолго од нас чека само Турција.
– Никој не го заборави видеообраќањето преку социјалните мрежи на францускиот претседател за да ги убеди македонските гласачи да гласаат за промена на името, со ветување дека потоа ќе започнат преговорите со ЕУ. Но тоа не случи, токму по негова одлука.
– Многумина заборавија дека неговата поранешна министерка за европски прашања, Натали Лоазо, се фалеше на француските медиуми дека девет часа ги убедувала своите европски колеги да не ги почнуваат преговорите со Македонија!
Сето тоа создаде чувство на анимозитет кај Македонците кон Макрон и Франција, се разбира не кон Французите, што го чувствувам и кога доаѓам во Македонија и кога разговарам со пријатели и познаници. Сите обиди на француските претставници од Македонија и многубројните проекти за помош и соработка на сите полиња со Франција се ставени во сенка на одлуките на Макрон што ни предизвикаа доцнење во евроинтеграциите и ни наметнаа за најголемиот број од Македонците неприфатливи услови. Затоа Макрон треба да направи сѐ за да ги деблокира евроинтеграциите, за да го подобри угледот на Франција во Македонија како што се надева претседателката на Македонија, Гордана Силјановска-Давкова. Не знае што точно тие си рекле при неодамнешната средба, но Макрон знае да зборува убаво и да им угодува на своите соговорници, а потоа да го направи спротивното од она што се очекува.
Неговите сонародници, Французите, не му веруваат многу, бидејќи исполни значително малку од сѐ што им вети. Па, зошто ние Македонците да му веруваме повеќе од Французите ако веќе еднаш нѐ измамил.
Тони Гламчевски, наш постојан дописник од Франција


































