Емануел Макрон / Фото: ЕПА

Нацијата е „на работ на бездната“, констатира на социјалната мрежа Икс шефот на партијата Хоризонти, Едуар Филип. Владата падна во средата откако ја презеде одговорноста за проектот за буџетот за социјално осигурување. За предлогот гласаше големо мнозинство од 331 пратеник. Трагичен неуспех за Емануел Макрон, кој продолжи да го оправдува своето распуштање на 9 јуни со желбата да се избегне владината цензура „наесен, среде буџетот“

Среде дискусиите за буџетот, францускиот претседател се соочува со невиден вакуум во власта и повици за негова оставка

Оставката на премиерот сега е чиста формалност. Седумдесет и тригодишниот поранешен еврокомесар во говор обележан со тага и горчина веќе се збогува од парламентарците и од неговите министри, кои ги собра во Матињон за да им се заблагодари. „Беше многу достоинствен“, подвлекува министерот за внатрешни работи Бруно Ретајло. Мисијата на Барние, шеф на влада без мнозинство, на милост и немилост на Националниот собир (РН), беше опасна, речиси невозможна.
– Соочени со силите на хаосот, беше тешко да се отелотворат силите на надежта – резимира пратеникот (од републиканците – ЛР) за Лоара, Антоан Верморел-Маркес, за париски „Ле монд“.
Сепак, поранешниот преговарач за брегзит до последниот момент замислуваше да ја избегне оваа санкција, која ја смета за неправедна.
– Не го знаеш ли најдоброто? Пред 20 минути Мишел Барние ме праша дали има уште нешто што може да се направи за да се избегне цензура – му рекол Габриел Атал, претседател на ренесансните пратеници, на еден од своите блиски среде гласањето во собранието.
Премиерот го знаеше единствениот излез: да ѝ понуди на РН нова победа со враќање на индексирањето на пензиите на инфлацијата. Мишел Барние ја одби оваа премногу скапа отстапка; реафирмирајќи изутрината јасно „не“ пред пратениците на Комисијата за финансии.
– Ако бидам повторно назначен, ќе мораме да разговараме – му рече тој непосредно пред гласањето на Борис Вало, претседател на групата социјалистички пратеници во Националното собрание, замислувајќи дека има шанса да остане на чело на земјата и да ги внесе социјалистите во нивната „заедничка база“.

Претседателот на Франција повеќе нема право на грешки

Времето на Мишел Барние помина. Шефот на државата, во повлекување од почетокот на учебната година, се враќа во центарот на играта.
– Гласањето на предлогот за доверба значи враќање на контролата на Емануел Макрон – потсети, од говорницата на палатата „Бурбон“ центристичкиот пратеник Шарл де Курсон.
Претседателот на Франција првично требаше да има телевизиско обраќање синоќа, во 20 часот, „за да се уверат Французите и да се даде видливост“, се наведува од Елисејската палата. Изгледајќи многу сигурно во себе во Саудиска Арабија, дали Макрон веќе го избра четвртиот станар на Матињон од неговиот реизбор во 2022 година? Шефот на државата нема право на грешки и знае дека мора брзо да се придвижи за да не дозволи барањата за негова оставка и чувството на вакуум на власта да цветаат, додека буџетот не е усвоен.
– Претседателот седум години ги напаѓаше сите носечки ѕидови на нацијата – рече Марин Ле Пен од говорницата на Националното собрание.
Истата вечер во вестите во 20 часот на TФ1 таа додаде дека „само тој ќе го има последниот збор ако сака Французите повторно да гласаат пред 2027 година или ако по секоја цена сака да остане на коњот“.
Матилда Пано, претседателката на пратениците на Бунтовна Франција, од своја страна го молеше претседателот „да си оди“. „Дури и со Барние на секои три месеци, Макрон нема да издржи три години“, додаде на X водачот на „бунтовниците“, Жан-Лук Меланшон.
Веќе две недели Макрон се подготвуваше за падот на човекот што ги доближи избраните функционери на ЛР до неговиот табор. Предупреден од еден од неговите неофицијални советници, кој редовно комуницира со Марин Ле Пен, претседателот на Републиката стана свесен дека заканата од цензура на РН е реална кога полета за Аргентина на 16 ноември. И почна да размислува потоа. Мораме да развиеме „пакт на идеи и единство“, им напиша тој на блиските.

Дали Макрон ќе назначи премиер близок до себе?

Имињата на можните премиери протекуваа уште пред да се изгласа цензурата. Но кој да се избере? Историјата на претседателскиот камп го повикува шефот на државата да не попушта пред искушението да назначи „макронист“, за да ѝ покаже на земјата дека го забележал поразот на неговиот табор на парламентарните избори на 7 јули.
– Ако Емануел Макрон назначи некој близок до себе, тоа ќе му се врати ако работите излезат од контрола – поддржува сенаторот Ерве Марсеј (Сојузот на демократите и независните), кој исто така повикува на ревизија на начинот на обраќање на екстремно десничарските избрани функционери.
Во средата вечер, за време на состанокот на групата, кој следуваше по гласањето за цензура, пратениците на Ренесанса беа речиси едногласни во барањето да се прошири „заедничката основа“ кон социјалистичката левица, да се олабави контролата со РН и Марин Ле Пен.
– Таа го избра хаосот, единственото решение е да ги собори социјалистите -вели Рено Музелие, претседателот (од Ренесанса) на регионот Прованса-Алпи-Азурен Брег, загрижен дека земјата запаѓа во непознат хаос.
Земјата запаѓа во политички хаос. Ако не е изгласан буџетот, постојат законски решенија за да се спроведе истиот буџет од 2024 година, но Франција на пазарот на парите поскапо ќе ги плаќа кредитите, како што е веќе случај, а од друга страна претседателот Макрон не само што не е омилен кај Французите, со рекордна непопуларност, туку го губи и меѓународното влијание. Инаугурацијата на обновената „Нотр Дам“ во Париз, која е закажана за утре, на која се очекуваат голем број шефови на држави и влади, меѓу кои и новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, ќе биде само илузија и покрај почитувањето на рокот од пет години, даден од Макрон, за нејзина обнова. Т.Г.