Ефрат Барух Алтарац

ПОВЕЌЕ ОД СЕЌАВАЊЕ ЗА ХОЛОКАУСТОТ: КАКО ЕФРАТ БАРУХ АЛТАРАЦ ОТКРИ МОЌНА ПРИКАЗНА

  • Тоа сонце е Рашела Сион од Штип, која на своја осумгодишна возраст била одведена заедно со целото нејзино семејство во Монополот,
    за потоа да бидат транспортирани со возовите на смртта во нацистичкиот логор во Треблинка. Судбината сакала таа да се спаси во последен момент, а потоа само таа знае зошто својата тајна ја чувала закопана во себе цели 60 години

Приказната за малата Еврејка од Штип, Рашела Сион (Шела Алтарац), е сторија за преживување на холокаустот, но и доказ за едно од најголемите злосторства во историјата на човештвото – нацизмот. Но самата Рашела, која денес е на 90-годишна возраст, е многу повеќе од една ваква новинарска сторија или заокружена мисла. Таа е една голема детска тајна, но и повреда, која само таа знае како и зошто ја чувала заклучена во својата душа повеќе од 60 години. Таа е поттик за сите што ја изгубиле довербата во себе и во своите можности дека со добра волја сѐ е можно. Животот создал таква фасцинантна судбинска врска што придонела токму приказната на Шела да ја открие нејзината снаа Ефрат Барух Алтарац, која деновиве престојуваше во Македонија. Притоа, во рамките на одбележувањето на Светскиот ден на сеќавањето на холокаустот, таа одржа серија предавања за драматичното патешествие на осумгодишното девојче од Штип што се спаси од смртоносната канџа на нацистичките злосторници, кои на 11 март 1943 година ги собрале македонските Евреи во Монополот во Скопје. Потоа биле одведени во нацистичкиот логор на смртта во Треблинка, од каде што никој не се вратил жив. На тој список на патници во возовите на смртта била и осумгодишната Рашела, но….

Како се спасила Шела?

– Таа заедно со нејзиното семејство на 11 март 1943 година во 4 часот била насилно извлечена од куќата, а потоа сите собрани штипски Евреи, 551 на број според архивските документи, биле однесени во скопскиот Монопол. Таму биле сместени во многу лоши услови, лежеле на дрвени полици, и во такви услови таму биле затворски чувани три недели. Во таа очајна и тешка атмосфера, одненадеж еден од војниците повикал: Која е Бела Коен? Бела е постарата сестра на Шела. Таа се јавила, а војникот ѝ рекол дека таа е од Приштина, а бидејќи таа територија била под италијанска администрација, има италијански пасош и може да си оди слободно. Тогаш нивната мајка ја турнала Шела во прегратките на Бела и на јазикот ладино ѝ рекла: Земи го девојчето (Toma a la chica). Бела во тоа време имала 24 години, штотуку мажена на Косово, кое било под италијанска администрација – вели Ефрат.
Тие зборови од мајка ѝ, кажани инстинктивно за да ја спаси својата ќерка, Шела ќе ја прогонуваат целиот живот. Двете сестри останале пред Монополот до наредното утро и биле сведоци како сите Евреи од кампот ги товарот во вагони. Врескања, викања, грозоморни звуци е последното нешто што го слушнале од тие над седум илјади македонски Евреи. Тие не знаеле зошто ги товарат на вагони и каде ги носат.
Двете сестри потоа одат во Приштина, каде што Бела дознава дека нејзиниот сопруг, кој бил вклучен во партизанските редови, е заробен. Наскоро таа, не можејќи да ја поднесе состојбата во која се нашла, се самоубива. Шела на само осумгодишна возраст останува сосема сама. Апсолутно сама.

Таа ги гледала последните минути од животот на нејзината сестра, која зела отров. Потоа е згрижена во едно албанско семејство на една фарма во близината на Ѓаковица, каде што се крие од Италијанците. Не ја најдовме таа фамилија. Шела во тој период се разболува од тифус, па ја пренесуваат во болница, каде што за несреќа некој војник разбрал дека е Еврејка и ја однеле во затвор, а потоа во логор за принудна работа. Шела таму запаѓа во многу тешка состојба, изгладнета, не можела ни да работи, била сведок на егзекуции. Кога бил ослободен кампот, таа останала сосема сама затоа што немала каде да оди. Сама, без семејство, па затоа ја сместуваат во дом за сираци за преживеани еврејски деца во Белград. Таму за првпат по долго време се почувствувала како човечко суштество, одела и на училиште.
На нејзина 14-годишна возраст таа прави „алија“ и на брод заминува за Израел. Таа била последниот станар на сиропиталиштето, кое потоа го затвораат. Шела во Израел се сместува во кибуц и почнува сосема нов живот, создава семејство со Абрахам Брацо Алтарац, кој потекнува од Босна. Но ниту Брацо ниту кој било од нејзиното семејство речиси ништо не знаел за нејзиното минато, за нејзиното детство без детство и за тоа како се спасила од сигурната смрт во Треблинка.

Откривајќи ја вистинската Рашела Сион

Како се случи токму вие да ја откриете тајната на Рашела?

– Ова е добро прашање и морам да кажам дека во тоа ми помогна мојата професија – јас сум адвокатка и знам да ги поставувам вистинските прашања, но и чувствував нешто дека има некоја тајна од минатото. Затоа истражував за Евреите на Балканот, но и почнав полека да копам по корените на семејството, преку мојот сопруг Мики Алтарац. Поставував прашања и трагав по некој преживеан од семејството Сион. За жал, не пронајдовме никого, сите од Штип биле ликвидирани во Треблинка. Одеднаш таа ми се отвори. По цели 60 години, на нејзина 70-годишна возраст, таа реши да го прекине молкот. Приказната ни ја раскажа мене и на луѓето од музејот „Јад Вашем“.

Рашела на 4-годишна возраст

Тоа сигурно биле длабоко емотивни моменти, веројатно имало и некои шокирачки информации?

– Решивме да одиме во Штип и да копаме по архивите. По цели 60 години се вративме во нејзиниот роден град и го пронајдовме тоа што го баравме. Шокот беше што ја најдовме во списокот Рашела Сион и нејзиниот ден на раѓање, кој таа го заборавила. На тој список таа е заведена како умрена затоа што била на списокот за Треблинка. Одеднаш имаме повеќеслојна приказна и за преживување и за борба и за страдање. Таа плачеше и плачеше. Целиот живот живееше во траума, но и со гнев создаден од мајка ѝ. Зошто ме остави? Тоа се зборовите што ја прогонувале целиот живот и често преживувала кошмари. Откако дојдовме дотука, откако се откри тајната, таа се смири. Нејзиниот сопруг ми кажа дека оттогаш ги немала кошмарите.
Својата потрага по минатото на Шела, нејзината снаа ја заокружува со книга посветена на нејзиниот живот, насловена „Македонско сонце“ (Macеdonian sun“), објавена пред четири години. Насловот е повеќезначен. Првин на еврејски „сан“ значи свекрва, ни објаснува Ефрат. Насловот затоа е многу симболичен. Потоа, тука се секако нејзиното македонско потекло и сонцето како симбол на Македонија, кој е и на знамето.
– Ја напишав книгата за да го покажам патувањето на Шела, но и на другите. Да им кажам на сите други што чуваат тајни да се отворат и да го решат проблемот. Затоа сметав дека е важно да се напише книгата, но и да им се искаже благодарност на Албанците што ја спасиле. Книгата е преведена на албански јазик, а наскоро ќе излезе од печат и на македонски јазик. Книгата е и за надежта, за преживувањето, но и за тоа дека треба да размислуваме добро и да правиме добри дела.


Да бараме светлина дури и кога е многу темно

Филозофот Фридрих Ниче рекол: Оној што има „зошто“ да живее, може да го поднесе речиси секое „како“. По холокаустот, рековме „никогаш повеќе“. Потоа дојде масакрот од 7 октомври 2023 година, врз нас во Израел, и ни ја врати траумата од холокаустот. Хамас и многумина од Газа упаднаа во нашите заедници, убија, силуваа, обезглавија, искасапија над 1.200 граѓани и зедоа 250 заложници во Појасот Газа, и така започна војна во која бевме принудени да се бориме.
Додека беше во заробеништво на Хамас, Хирш Голдберг Полин им ја кажа на своите созаробеници оваа мисла на Ниче, а денес знаеме дека им даде многу сила да преживеат. Надежта и значењето – се движечка сила во справувањето со страдањето. Денот на сеќавањето на холокаустот е можност за нас да размислиме за нашето справување со тешкотиите и да ја бараме смислата што ќе ни даде сила да продолжиме. Да не се откажуваме од наоѓањето светлина – дури и кога е многу темно. Но, исто така, тоа е можност да размислиме за последиците од злосторствата и актите од омраза. Нека остане за навек споменот на сите жртви на омразата и да не се повтори, порачува Ефрат Алтарац. Х.И.