Речиси синхронизирано, како по договор, почнаа нападите од Атина, но и во земјава, со намера да се минимизира или целосно да се девалвира успешната посета на македонската делегација на САД. Правејќи фројдијанска грешка, Грција покажа дека има уплав од македонското прашање, кое, според неа, а не според Македонците, било – решено!?

Грчката дипломатија најчесто реагира со рефлекс на револвераш од Дивиот Запад – настојува прва да го извади дипломатскиот пиштол и да пука, надевајќи се дека така има поголеми шанси да преживее, односно за успех. Така и неодамна реагираше на една изјава на македонскиот премиер Христијан Мицкоски искажана пред еден значаен собир во Њу Џерси – на средба со македонската дијаспора кажа дека македонското прашање не е решено. И тоа е факт што не може да се побие, иако се смета, пред сѐ во Грција, дека е тоа еднаш засекогаш и за сите времиња (амин!) решено со Преспанскиот договор. Тие што малку повеќе го знаат овој проблем и генезата на лабораторискиот изум наречен Преспански договор, знаат дека тоа не е и не може да биде така. Образованиот свет веројатно никогаш не видел и нема да види договор насловен „Конечна спогодба за решавање“… Со ваков наслов и Господ може да им позавиди, оти не се знае дали и Господ има таков конечен договор со нас.
Јавноста почека да слушне што сакал Мицкоски да каже и не чекаше долго на тоа, иако во меѓувреме Атина го испука дипломатскиот пиштол испраќајќи нота до Македонија и барајќи објаснување што кажал македонскиот премиер во Њу Џерси, и тоа веднаш по средбите со влијателни луѓе во американската политика и бизнисот што беа на инаугурацијата на Доналд Трамп.

КАДЕ СЕ ПРЕПОЗНАЛА ГРЦИЈА?

„Не знам каде се препознале. Дали можеби имаат гризење на совеста, па работи потсвеста, Фројд е чудна работа. Но јас нема да навлегувам во таква дебата“, изјави премиерот Мицкоски, одговарајќи на новинарското прашање што подразбира под македонско прашање бидејќи од Атина го обвинија за иредентизам.
Тој истакна дека македонското прашање нема никогаш да биде затворено додека главните и стратегиските цели не се реализираат, а тоа е полноправна членка на Европската Унија.
– Второ, вие знаете дека Судот за човекови права има донесено плејада пресуди што се однесуваат на човековите права на македонската заедница во нашиот источен сосед, а кои не се почитуваат. Зборуваме за 21 век, зборуваме за земја членка на Европската Унија, која не ги почитува човековите права на македонската заедница. И тоа е нешто што претставува сериозен проблем. Вие гледате дека во 21 век сè уште е предизвикан и македонскиот идентитет. Би било неодговорно, несериозно, издајнички од мене ако кажам дека македонското прашање е затворено. Не е затворено и ќе се борам за македонското прашање сè додека ја вршам оваа улога што ја вршам, а тоа е претседател на македонската влада, бидејќи граѓаните тоа го очекуваат од човекот што ја предводи македонската влада – изјави премиерот Мицкоски.
– Јас знам дека во минатото имало луѓе што ја предводеле македонската влада, на кои македонското прашање воопшто и не им било ни меѓу првите 10 приоритети, но ќе ве молам да се навикнете на влада во која прв приоритет на претседателот на Владата му е македонското прашање – заклучи Мицкоски.
Сепак, колку за потсетување, Европскиот суд за човекови права ако не плејада, тогаш има донесено и неколку пресуди во корист на македонското малцинство во Грција, кои Атина ги нема спроведено. Затоа, секогаш е добро да се потсетува и јужниот сосед на обврските. Ништо помалку не е наивно и прашањето со црната листа на Атина на која се наоѓаат десетина Македонци што живеат во Македонија, а некои во САД, Австралија или во Канада.

СТРАТЕГИЈА НА ПОСТОЈАН НАДЗОР И ЗАКАНИ

Пред Атина да изреагира за говорот на Мицкоски во САД, првин бомбастично во некои медиуми објавија дека тој е поканет официјално да присуствува на заклетвата на Трамп. Очигледно тоа им се закачило како коска во грло. Потоа, според неофицијални извори, со писмо до Светската ракометна федерација бараат македонското шеснаесеткрако сонце да не смее да се вее на трибините во Вараждин. Информацијата не успеавме докрај да ја провериме и да имаме увид во писмото, но ефектот го гледаме – од трибините е протерано шеснаесеткракото сонце, а се протерани и голем број од македонските навивачи, кои се поврзани идентитетски со тоа знаме. И тоа е дел од дипломатската стратегија на Атина кон Македонија, која трае со децении. Познато е дека за време на владата на Зоран Заев, македонските дипломати добивале инструкции да не се сликаат во дијаспората таму каде што е знамето од Кутлеш и тоа било по барање на Грција. Но такво нешто е невозможно да се направи во дијаспората, затоа што насекаде се вее токму тоа знаме. Грчките дипломати дури се обидуваат да направат случај и во Австралија барајќи санкции за македонски граѓански здруженија, кои слободно секаде го истакнуваат сонцето од Кутлеш, симболот на Македонците со векови. Тој хералдички нема апсолутно никаква врска или блискост со грчките хералдички симболи.
Атина во четвртокот излезе со официјален одговор на неодамнешните изјави на македонскиот премиер. Нивното МНР соопшти дека тој „се обидува да врати во преден план едно прашање што е решено, како што знаеме, конечно и неотповикливо“.
– Грција потсетува дека натамошниот напредок на билатералните односи со Северна Македонија и непреченото продолжување на европскиот курс на соседната земја бараат целосно почитување на Договорот од Преспа и, се разбира, воздржување од иредентистички прокламации и претензии кон соседните земји – велат од министерството.
Кратко и јасно, за Грција тоа било провокација.

ДИПЛОМАТСКИ МАНЕВРИ ВО НОВАТА ГЕОПОЛИТИКА

Дали Атина ќе го прифати како задоволувачко објаснувањето на Мицкоски е сосема неизвесно, но не и толку важно. Во заднината на ваквата жестока реакција стојат некои геополитички потези што ги влечат и двете земји. Македонија се обидува да излезе од ископаниот гроб, оставен од политичките носители во претходната влада, а Грција да ја држи под секаква контрола Македонија. Таа, освен Преспанскиот договор, кој не го почитува во целост, на располагање има и контрола на енергетски ресурси, потоа настојува да ја зајакне оската со Софија и со Букурешт (практично да се заобиколи Македонија од коридорот 10), а со влегувањето во шенген на Романија и Бугарија тој план може да се забрза. Дипломатските куршуми од Атина стрелаат, а медиумите не го кријат тоа: блиските и усогласени односни на Мицкоски со Орбан, потоа „очигледната поддршка од американските конзервативни кругови“ и на крајот го вадат зајакот од шеширот на дипломатскиот магионичар во грчкото МНР – руското влијание во Македонија како алармантен фактор за европската стабилност. Не е првпат Атина вака да нѐ бламира пред светот и за ова македонското МНР треба итно да реагира. Динамиката на овие дипломатски пораки треба да оди во друга насока, а иницијативата да ја преземеме ние.
Од сето ова, јасно е и очигледно дека и покрај потпишаните договори со Грција и со Бугарија, двете држави воопшто не водат пријателска политика кон Македонија како рамноправен сосед. Напротив – сакаат да ја стават во подредена положба и ја насочуваат кон целосен идентитетски пораз.


Преспанскиот договор е извор на кризи

Преспанскиот договор е една монструозна спогодба што ги нема основните принципи на меѓународното договорно право. Првин тој не е израз на добрата волја на двете страни (bona fide), ова особено се однесува на македонската, а тоа е еден од основните услови според Виенската конвенција. Тој е постигнат со присилни средства, па дури има и наводи за корупција, што ако се докаже во некоја идна постапка поведена да го утврди тоа, веднаш може еднострано да се раскине. Во тој договор флагрантно се крши универзалниот принцип на самоопределување и се измислува нов двозначен етникум од кој едниот е невиден срам и за ОН, кои дозволиле нешто такво да се депонира во нивната архива – „Граѓанин на Република Северна Македонија“.
И конечно, го нема принципот на реципроцитет. Токму затоа тој не може да го реши македонското прашање. Него можат да го решат само Македонците и никој друг. И тој е универзален принцип, но и универзално право што секој субјект или ентитет мора да го почитува – правото на самоопределување.


Средби на Мицкоски со луѓе од периметарот на Трамп

Премиерот Христијан Мицкоски за МРТ изјави дека во САД имал навистина содржајни средби каде што биле претставени приоритетите на Владата, кои се потенцијалите на државата, но истовремено и предизвиците со кои се соочувавме во минатото и со кои ќе се соочуваме во иднина. Мислам дека испративме порака дека оваа влада како стратегиски партнер на САД има намера да ги јакне врските меѓу двете земји уште повеќе и на уште повисоко ниво, а тоа значи сигурна иднина за македонските граѓани, порача премиерот Христијан Мицкоски.
Тој рече дека се видел со луѓе што се „глас“ во периметарот на претседателот Трамп, дел беа покажани во јавноста преку официјалните средби што се објавуваа преку владините соопштенија, но потенцираше дека за дел од средбите македонските граѓани дополнително ќе дознаат, бидејќи уште не се именувани, а се значајни за нас како држава.
Тој ги потенцираше средбите со Дан Бонгино и со Девин Нунес, за кои, како што рече, се најголем „глас“ во периметарот на претседателот Трамп, исклучително блиски луѓе, чие мислење многу значи за претседателот на САД.
– Би сакал да кажам дека треба на самиот почеток на администрацијата на Трамп да ги поставиме работите и би рекол дека никогаш немате втора шанса за прв впечаток. Многу е важно да го оставиме првиот впечаток и да бидете тука на самиот почеток на функционирањето на оваа администрација и мислам дека ние успеавме. Во периодот што следува, голем дел од тие средби дополнително ќе ги објавуваме, како и резултатите од сето ова. Мислам дека испративме порака дека оваа влада како стратегиски партнер на САД има намера да ги јакне врските меѓу двете земји уште повеќе и на уште повисоко ниво – додаде Мицкоски.
Тој ја спомена и средбата што ја остварил со Крис Павловски, сопственикот на компанијата „Рамбл“, со македонската дијаспора, како и со Ричард Гренел, поранешниот шеф на Националната разузнавачка служба, при што меѓу другото, се разговарало и за предизвиците на Балканот.