Повод: 129 години од смртта на Ватрослав Игнациј Облак, словенечки и австриски лингвист, славист и македонист

Денеска се навршуваат 129 години од смртта на Ватрослав Игнациј Облак, словенечки и австриски лингвист, славист и македонист, кој дел од својата научна работа посветил и на проучувањето на македонските говори во околината на Солун, исчезнати по 1.500 години постоење.
„Дијалeктот на Суха ѝ припаѓа на југоисточната група на македонски дијалекти, во која изговорот на старото ‘к’ е независен од карактерот на следниот слог и акцент“, запишал Облак, покрај другото, уште во 1891 година во своето знаменито дело „Македонските студии“. Тој престојувал во Солун и во неговата околина во текот на три и пол месеци, каде што вршел теренски истражувања на македонскиот јазик и неговите долновардарски говори, употребувани од Македонците што живееле тогаш во околината на Солун. Облак ги посетил македонските села Суха, Грдабор, Вардаровци, Бугариево и Ново Село и разговарал непосредно со Македонците од овие села, забележувајќи ги карактеристиките на нивниот дијалект.
Денешната 129-годишнина од смртта на Ватрослав Облак е соодветна пригода за осврнување кон придонесот на овој дијалектолог за македонскиот јазик, како аргументација од непроценливо значење, која ги отфрла сите обиди на Грција и Бугарија да го прикажат како непостоен јазикот на македонскиот народ. „Македонските студии“ се траен споменик на македонскиот јазик за неговото постоење и богатство, кој му го подигна Ватрослав Облак.

„Македонските студии“ на Облак – изворни докази за посебноста на македонскиот јазик на мапата на балканските и европските јазици

Ватрослав Игнациј Облак (15.5.1864 – 15.4.1896) е виден словенечки и австриски славист од 19 век. Во родното место учел гимназија, матурирал во Загреб, а студирал во Виена споредбена и славјанска филологија (1886–1891). Има објавено повеќе работи, но најзначајни се „Македонските студии“ (Macedonische Studien: die slavischen Dialecte des südlichen und nordwestlichen Macedoniens), кои се отпечатени посмртно во 1896 година. Иако тешко се снаоѓал во пропагандите од соседните земји, сепак во својата студија Облак оставил изворни сведоштва и научни согледувања, кои се докази за посебноста на македонскиот јазик на мапата на балканските и европските јазици.
Облак бил заинтригиран од тезата за македонското потекло на старославјанскиот јазик и по препорака на хрватскиот славист Ватрослав Јагиќ во есента 1891 година заминал да ги проучува македонските дијалекти во најјужната точка на славјанскиот свет – во Солун. Интересот на европската славистика за солунскиот македонски дијалект се јавува уште во текот на 1863 година, по објавувањето на познатата дописка од солунското село Висока во цариградскиот весник „Съветник“, во која има многу примери за сочуван назализам (носовки во изговорот), а потоа се засилил со поновите публикации на Кузман Шапкарев, Петар Драганов и др.
По доаѓањето во 1891 година во Солун, Облак спровел теренски истражувања и меѓу месното население собирал автентични јазични материјали за да може емпириски да ја потврди теоријата на Јагиќ за потеклото на Кирилометодиевиот јазик. Набљудувањата му биле насочени на солунскиот говор – село Суха, соседно на Висока (од неписмен чирак) – и на дебарскиот говор – селата Галичник (од овчар во Солунско), Клене (од десетгодишник, кој пристигнал во Солун како првокласник) и Обоки. Во почетокот на март 1892 година Облак го започнува своето прво патување на север од градот и ги истражува говорите во селата Ново Село, Градобор, Бугариово, Ватилак и Вардаровци. Таму тој ги испрашува возрасните жени, кои не ги напуштале своите родни места. Меѓутоа, на петтиот ден од истражувањето Облак бил уапсен во Вардаровци од османлиските власти под обвинение дека се занимава со подготовка на востание. По интервенција на австроунгарскиот конзул во Солун, Облак е ослободен, но е принуден веднаш да ја напушти империјата.
Сепак при патувањето во Македонија Облак ги открива сите карактеристични фонетски црти на старославјанскиот јазик во наречјето источно од Солун, кое се говори во селото Суха. Облак повторно го поставува прашањето за татковината на славјанскиот литературен јазик, која е Македонија, според него.
Во 1894 година, не можејќи да се снајде во пропагандите на соседните земји, во „Сборникот за народни умотворения, наука и книжевност“ Облак го издава трудот „Придонес кон бугарската граматика“. Меѓутоа целиот труд е главно врз основа на македонските дијалекти, кои се наречени од Облак „бугарски македонски говори“. Во него Облак забележува дека по зачуваниот ринизам (носовките во изговорот – л. заб.) зборовите во јужна Македонија се наоѓаат во непосредна близост со татковината на старославјанскиот јазик.

Со „Македонските студии“ Облак ја урива Панонската теорија за потеклото на Кирилометодиевиот јазик и ја докажува Македонската теорија за потеклото од Солунско

По смртта на Облак, во 1896 година Јагиќ ги редактира и ги објавува неговите „Македонски студии“, на кои им додава и единаесет исклучително интересни писма што му ги пишува Облак од Солун. Со своето истражување Облак успеал да ја урне таканаречената Панонска теорија, според која Кирилометодиевиот јазик е јазикот на панонските Славјани. Докажувајќи го вистинското потекло на македонскиот јазик, на тој начин Облак ја потврдил Македонската теорија. Аргументите на Ватрослав Облак за земјата на Кирилометодиевиот јазик се прифаќаат како конечни и тоа преставува „најзначајно откритие во славистиката во 19 век“.
Иако Облак точно ја лоцира татковината на старославјанскиот јазик, тој тешко се снаоѓа во пропагандите на соседните народи насочени кон Македонија, па затоа му препушта на македонскиот народ самиот да се изјасни. Во своите писма издадени во „Македонските студии“, Облак се осврнува на прашањето за јазичната припадност на македонското говорење и наведува дека ова не е проблем на лингвистиката: „Славјанските дијалекти на Македонија се од особен интерес за славјанската филологија од повеќе причини. Особено, тие се одлучувачки по прашањето за татковината на старославјанскиот јазик. Конечната одлука на старославјанското прашање не е можна без точно познавање на јужномакедонските дијалекти, особено на дијалектот што се зборува во реонот на Солун. Во поново време интересот за македонските дијалекти е поврзан главно со нивниот став кон бугарската и српско-хрватската дијалектна група. Тоа е контроверзно прашање: дали македонските Славјани им припаѓаат на Бугарите или на Србите. Од филолошка гледна точка прашањето треба да се постави вака: Ја потврдува ли поголемиот дел од истакнатите специфики на различните македонски дијалекти нивната поблиска врска со бугарската или српско-хрватската дијалектна група? Дали жителите се чувствуваат како Бугари или Срби – тие можат да одлучат сами. Тоа не е проблем на славјанската филологија“.
На ова прашање, оставено како отворено од Ватрослав Облак, Македонците уште оттогаш се изјаснуваат сѐ до денешни дни дека не се ни Срби, ни Бугари, ни Грци, туку народ македонски со свое прадревно македонско име, историја, јазик и култура.
Покрај карактеристиките на дијалектот на Македонците од споменатите солунски села, во „Македонските студии“ Ватрослав Облак запишал и повеќе од сто збора говорени во тие солунски села, кои се карактеристични за македонскиот јазик на целата територија на неговото распространување и говорење. Меѓу многубројните типични македонски зборови, во споменатиот труд може да се сретнат и следните: бев, беше, бевме, печев, печеше, печевме, печевте, криев, криеше, криевме, крие, пеев, пееше, пеевме, пеевте, пее, купував, фалев, фалеше, пливав, знаев итн.

Фостер: Облак опиша македонски дијалекти во последните години од нивното исчезнување, откако постоеја 1.500 години

Анализирајќи ги „Македонските студии“ на Облак во својот труд „Оставината на ‘Македонските студии’ на Ватрослав Облак за македонските студии“ од 1995 година, американскиот лингвист и славист Пол М. Фостер јуниор истакнува: „Студијата на Облак ја задржува својата вредност како изворно и важно дијалектолошко истражување. Тоа има и своја историска функција, бидејќи опишува неколку македонски дијалекти во последните години од нивното исчезнување во нивните 1.500 години, откако постојат… Од далечната Виена Облак испланира напорно патување со намера да ја посети цела Македонија: од Дебар на северозапад до Битола и Костур на запад, преку Струмица и Дојран, источно до Серес, Драма, Неврокоп, па дури и планината Света Гора (денес Атос)“.
Овој труд на Фостер е важен заради согледување на контекстот во кој треба научно да се анализираат погубните последици од примената на Преспанскиот договор врз македонските дијалекти во Егејска Македонија, денес во Грција. Затоа наведуваме уште неколку констатации на овој американски славист од неговиот научен труд: „…масовната имиграција на грчки доселеници од Мала Азија, грчката Граѓанска војна, како и грчката политика кон македонското словенско малцинство во голема мера повлијаеја врз демографскиот состав на северна Грција и врз статусот на македонските дијалекти. Некои дијалекти што постоеја во тој регион во времето на Облак веќе одамна исчезнаа. Богданската група на дијалекти (од селата Сухо, Висока, Зарово и Негован) се најдоа под огромен, страотен притисок… Селото Зарово беше запалено од грчката армија во Втората светска војна, а славјанското население избега во Пиринска Македонија. Денес тоа село е населба наречена Никополис и е населена од грчки имигранти“.
Фостер во својот труд навел и дека Мјечислав Малецки, првиот полски македонист и истражувач на јужнословенските дијалекти, ги посетил Суха и Висока во 1933 година и оти Малецки тогаш утврдил дека „голем број од населението не се идентификувале себеси како Бугари, ниту го знаеле грчкиот јазик“.
„Ситуацијата и денес останува во голема мера иста во тој регион, и по повеќе од еден век од работата на Облак таму, освен тоа што сега извршителите на опструкциите и блокадите не се повеќе Турците, туку грчката влада, која решително и постојано го негира постоењето на македонското малцинство во Егејска Македонија“, заклучува американскиот лингвист и славист Пол М. Фостер Јуниор во својот споменат труд за „Македонските студии“ на Облак.
Мјечислав Малецки во своите истражувања на македонската дијалектологија се надоврзал на истражувањата и резултатите на Ватрослав Облак во „Македонските студии“. Во триесеттите години на 20 век Малецки исто така вршел интензивни истражувања во Егејска Македонија, денес во Грција. Резултат на неговите истражувања се неколку расправи и две книшки: текстови од Сухо и Висока во Солунско (Краков, 1934) и речник на тие два говора (Краков, 1936).
Потпирајќи се врз Облак и трудови од други автори од областа на македонската дијалектологија, Малецки констатира дека македонските дијалекти претставуваат поединечен дијалектен тип што може да се нарече македонски јазик. „Во однос на прашањето дали македонските дијалекти се српски или бугарски, би одговорил дека тие не се во целост ниту српски ниту бугарски, но дека повеќето од нив му припаѓаат на поединечен дијалект, што може да се нарече македонски јазик“, констатира овој полски македонист и дијалектолог во својата научна студија „За прашањата на македонската дијалектологија“, објавена во 1938 година. С.То.