Во суштина, ниту Германија, ниту, пак, Франција, уште помалку Холандија, сакаат нови членки во услови кога Унијата внатрешно е разединета и кога европските либерални елити го губат тлото под нозете пред налетот на суверенистите, кои сакаат во Европа секој народ и нација да бидат рамноправни и почитувани
Засега, сепак повеќе противници отколку поддржувачи на процесот на проширување
Процесот на проширување на Европската Унија реално никогаш нема да се случи додека официјален Брисел не го врати на вистинскиот колосек, односно земјите кандидати да напредуваат во согласност со исполнувањето на Копенхашките критериуми, наместо напредокот да се цени според тоа колку се задоволени билатералните каприци на некои земји членки.
Она што низ европските кулоари подолго време се заговара е да нема никакви проширувања сѐ додека ЕУ внатрешно не се реформира, односно додека не се постават нови правила на игра, а во меѓувреме да продолжи да се говори за проширувањето како активен процес за да се зачува европското влијание на овие простори. За смирување на страстите е финансискиот пакет на ЕУ за Западен Балкан.
Во суштина, ниту Германија, ниту, пак, Франција, уште помалку Холандија, сакаат нови членки во услови кога Унијата внатрешно е разединета и кога европските либерални елити го губат тлото под нозете пред налетот на суверенистите, кои сакаат во Европа секој народ и нација да бидат рамноправни и почитувани.
Албанија и Црна Гора се само мамка за прифаќање на уцените
Тоа што во моментот Европа потенцира колку Албанија и Црна Гора одат брзо напред и дека за година-две би можеле да ги завршат преговорите и да станат дел од Европската Унија, не е ништо друго туку обичен пиар на официјален Брисел, со кој сака да покаже дека процесот на проширување не е мртов, во исто време и да испрати порака до другите земји кандидати да ги прифатат билатералните уцени ако сакаат да го забрзаат својот пат кон Унијата.
Но она што останува во заднина на целата оваа „успешна“ албанско-црногорска приказна во евроинтеграциите се барањата што пред финишот на преговорите ќе им бидат дополнително испорачани на Тирана и на Подгорица ако сакаат да станат дел од елитното европско друштво. Тие ќе бидат ставени буквално пред свршен чин, земи или остави. Имено, не е исклучено Албанија да мора да ги прошири мигрантските капацитети по барање на Италија, но и да се согласи на некои инвестициски зделки со италијански компании. Грција, пак, ќе продолжи да уценува со дополнителни отстапки околу територијалните води и да го прошири својот територијален опсег на море уште подлабоко во она што сега се албански територијални води. Понатаму, официјална Атина ќе притиска и околу статусот на грчкото малцинство на југот на Албанија, негова поголема автономија, поголема вклученост во политичките одлуки и слично, што на среден рок би можело да има сериозни импликации врз централните политики на Тирана над југот на земјата. Впрочем, се покажа дека Албанија доби вето поради тоа што реши да постапува против градоначалник со грчки корени, па за почеток на преговорите мораше да потклекне под грчкиот притисок. И за Црна Гора приказната е слична. Земјата беше технички подготвена да затвори четири поглавја, но Хрватска беше против затворање на поглавјето за надворешна, безбедносна и одбранбена политика. Според дипломатски извори, двете земји треба да ги решат прашањата за сопственоста на тренинг-бродот „Јадран“, меѓусебната демаркација, гонењето на воените злосторства, потрагата по исчезнати лица, како и прашањето за називот на градскиот базен во Котор, кој го носи името на поранешниот ватерполист Зоран Гопчевиќ, за кого Хрватска тврди дека бил воен злосторник. Ова се дел од барањата што ја чекаат Црна Гора во следниот период, но колку и да изгледаат банални, она што е клучно ќе биде статусот на Превлака, односно барањето таа целосно да влезе под хрватска надлежност, во спротивно ќе следува блокада. Со други зборови, Црна Гора ќе мора да отстапи територија ако сака во ЕУ, што нема да биде лесен процес и веројатно ќе предизвика внатрешни превирања.
Сето ова јасно говори дека проширувањето на ЕУ не е предвидлив процес, туку една голема енигма, чие решавање ќе зависи исклучиво од тоа колку секоја земја кандидат е подготвена да жртвува дел од националниот суверенитет.
Односот на ЕУ кон билатерализацијата на евроинтеграциите говори дека проширувањето е фарса
Ако Црна Гора и Албанија жртвуваат дел од својот територијален суверенитет, она што се бара од Македонија е да го жртвува идентитетот на македонскиот народ, односно тој да се самоизбрише и да прифати дека е нова „северномакедонска“ нација без своја вековна историја, без свој јазик и без своја култура. А кога ќе се избрише македонскиот идентитет, тогаш територијата Македонија станува административна област над која утре многу лесно ќе пројават право на владение многу околни играчи, кои сега се најжестоки противници на нејзиното зачленување во ЕУ.
Лежерниот однос на ЕУ токму кон уцените, кои не треба да бидат својствени за европското друштво, всушност покажува дека Европа генерално не сака ново проширување, иако декларативно се изјаснува дека сака да се прошири со земјите од Западен Балкан.
Сијарто: Членките на ЕУ што се против проширување се мнозинство
Иако од водечките европски челници не може да се слушне изјава против проширувањето, во заднина се одвиваат процеси што се контра новите проширувања, особено со земјите од Западен Балкан. Бугарија во моментот ја блокира Македонија, а во тоа сесрдно ѝ помага Грција, која иако доби ексклузивитет над името „Македонија“ со Преспанската спогодба, сега поддржувајќи ја бугарската блокада сака да се осигури дека некои нови генерации нема повторно да го стават овој договор на тест. Затоа и официјална Атина и Софија работат со своите сојузници да се забави процесот на проширување, а во случајот со Македонија, тој никогаш и да не се случи.
– Во овој момент членките на ЕУ што го поддржуваат проширувањето во насока на Западен Балкан се малцинство. Не треба да се залажуваме дека повеќето кога доаѓаат овде ви зборуваат јавно со убави зборови колку многу го поддржуваат зачленувањето, но кога остануваме сами ние 27-те членки, тогаш мнозинството веднаш почнува да зборува за тоа зошто не би можел да се зачлени Западен Балкан – изјави унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто за време на неговата неодамнешна посета на земјава.
Тој ги обвини претставниците на западните држави дека ја „залажуваат“ јавноста кога зборуваат дека се за интеграција на балканските држави и рече дека Бугарија не е единствената пречка за Македонија.
Аналитичари: Ако вистински нѐ сакаат, тогаш и ќе нѐ примат
Дел од познавачите на евроинтегративните процеси се категорични дека или целиот Западен Балкан ќе влезе во ЕУ или никој. За нив е клучно Македонија да не влезе во замката на еден непредвидлив процес во кој она што ќе го загуби ќе биде многу поголемо од она што ќе го добие.
– Унгарскиот министер Сијарто отворено ни кажа дека има многу други противници на проширувањето. Хипотетички и да ги направиме уставните измени, тогаш ќе излезе некоја трета земја членка и ќе стави вето. Ова се многу несигурни времиња и треба пет пати да се измери пред да се направи некој чекор. Мојата теза е дека или сите земји од Западен Балкан ќе влезат во ЕУ или ниту една. Ова со наводното напредување на Албанија и Црна Гора во евроинтеграциите е само залажување на другите земји кандидати да прифатат сѐ што се бара од нив. Едно се територијални отстапки и некои други бенигни концесии, но друго е барање за промена на идентитетот. Тоа за нас како народ би било погубно. Затоа е добро да се опстои на ставот за предвидливост и гаранции. Ако за десетина дена не се усвои извештајот за напредокот на Македонија во Европскиот парламент, тогаш тоа значи дека Европа се согласува со бришење на Македонците. Тогаш зошто уставни измени, зошто евроинтеграции воопшто? Добро е што нашата дипломатија и целиот државен врв инсистираат на македонскиот идентитет, што бара предвидливост на процесот на пристапување и што бара да се оценува исполнувањето на Копенхашките критериуми, а не на условувањата од страна. На крајот од краиштата, ако вистински нѐ сакаат, ќе најдат начин да нѐ примат и покрај сите заткулисни работи што се прават – заклучуваат аналитичарите.