Ако Брисел има интерес, тогаш тој формира и волја, а ако има волја, наоѓа и начин

  • Поради недостиг од политичка волја, Брисел не може да донесе политичка одлука за прием на македонската држава во ЕУ, а тоа пред сѐ се должи на фактот дека по големите проширувања во 2004, 2007 и 2013 година, интересот кај клучните земји членки значително се намали… Со тоа, критериумите за интеграциите станаа растегливи и аморфни и се трансформираа повеќе како „евроинтеграциска брана“ отколку како „интеграциска принципиелна апсорпција“. Дополнително, тука се и војната во Украина, енергетската и економската криза, како и миграциските бранови, па, оттука, проширувањето за Брисел останува на маргините на политичката дебата
  • Сега ЕУ се обидува да се реформира. Брисел бара начин да се одржи. Ваков како што е, тој (Брисел) само пропаѓа. Тој е во состојба на декаденција (опаѓање и губење на виталните и на творечките способности), што доведува и до неможност од носење политички одлуки, што е причина за блокадата на евроинтеграциите, велат нашите соговорници

Македонија има статус на кандидат за членство во Европската Унија од 2005 година, но поради апсурдните историски и идентитетски прашања што се наметнати од Бугарија доаѓа до застој во однос на пристапните преговори. Во македонското општество има убедување дека Софија е носителот на тежишната опструкција, но, рака на срце, според повеќе консултирани аналитичари, „повеќе европски центри на моќ си го зеле делот, и Софија и Брисел и Париз, а консензуалното одлучување и процедурите се посебен проблем“. И така, во недостиг од дополнителни гаранции дека во иднина Бугарија нема да ја уценува Македонија, замрзнат е процесот за отворање на преговарачките поглавја. Но подлабока анализа укажува дека недостигот од нештата во Брисел (споменати во наднасловот) е една од главните причини за незапочнувањето на нашите преговори со Европската Унија. Неколку параметри потврдуваат дека во овој момент во Брисел нема политичка волја за постојана и одлучна посветеност за започнување на нашите пристапни преговори. Оттука, и сите европски заложби за започнување на преговорите и нивно успешно завршување, со што Република Македонија ќе стане рамноправна членка на ЕУ, се само декларативни.

Недостиг од политичка волја во Европската Унија

Факт е дека клучните чекори за европска интеграција на Македонија се состојат од потребата од спроведување суштински реформи што треба да ги исполнат Копенхашките критериуми и acquis communautaire, односно усогласување со корпусот на правото на Европската Унија. Секако дека се потребни и стабилни институции што гарантираат функционирање на правосудството и борба против корупцијата на сите нивоа, заштита на слободата на медиумите, новинарите и граѓанското општество, како и отворање и затворање на сите 35 преговарачки поглавја, вклучувајќи ги оние за владеење на правото, енергетиката и транспортот.
Сепак редовните позитивни извештаи и оценки од Европската комисија за напредокот или успешноста на реформите на јавната администрација за зголемување на ефикасност и транспарентност за Македонија не се клучни. Напротив, бугарските апсурдни историски и идентитетски прашања се покажаа како пречка за започнување на македонските преговори, а бугарското вето и правната процедура, односно едногласната одлука на сите членки за почнување преговори за пристапување, ги донесоа т.н. француски предлог и условувањето за промена на македонскиот устав, без притоа да се дадат гаранции дека нема да има нови уцени и барања од бугарска страна.
– Поради бугарските блокади, кај пошироката македонска јавност се создаде впечаток дека Република Бугарија е главниот кочничар на нашата евроинтеграција. Вистина е дека официјална Софија ја злоупотребува постојната поставеност во ЕУ, но една поопсежна анализа на состојбите укажува дека зајакот лежи и во либералните елити на Брисел, чии интереси за Македонија сега се повеќе од минорни и, следствено на тоа, политичката волја се сведува на декларации и тапкање по рамо. Сега ЕУ се реформира. Сега Брисел бара начин да се одржи. Ваков како што е, тој (Брисел) само пропаѓа. Тој е во состојба на декаденција (опаѓање и губење на виталните и на творечките способности), што доведува и до неможност од носење политички одлуки, што е причина за блокадата на евроинтеграциите – велат нашите соговорници.

Проширувањето не е главна тема на агендата на Брисел

Според добро упатени лица, политичката волја е суштествена за секое политичко битисување, вклучувајќи ги и политичките процеси што се поврзани со проширувањето на Европската Унија. Неколку параметри потврдуваат дека Брисел не сака да донесе политичка одлука за започнување на преговорите и прием на Македонија во ЕУ. Тоа се должи на фактот дека по првото големо проширување во 2004 година, Брисел покажува намален интерес за нови членки.
– Се намали и демократскиот простор за прием на земји поради апсурдни билатерални прашања, како што се оние на Република Бугарија, со што се отежнува носењето заеднички одлуки – велат нашите соговорници.
Истовремено е намален и стратешкиот интерес за проширување на Европската Унија, односно централни теми во Брисел се војната во Украина, енергетската и економската криза, миграциските бранови и последиците од пандемијата, а проширувањето не е главната агенда на Брисел. Не смееме да забораваме дека преговарачкиот процес бара и усогласување со повеќе од 35 поглавја на acquis communautaire, што значи децении вложување и континуирано спроведување реформи во судството, администрацијата и економијата, нешто што предизвикува политички замор и скептицизам кај земјите членки на ЕУ.
– Новите предизвици во европската надворешната и внатрешната политика водат кон капацитетна граница за водење стратешки процеси од страна на Брисел. За ново проширување на Европската Унија е потребна општа согласност на сите членки дека станува збор за општ интерес, но, за жал, во нашиот случај нема таква кохезија – велат нашите соговорници.


Кога сака, Брисел може да носи политички одлуки!

Тогашните европски лидери го гледале Балканот како огромно ресурсно поле на интерес до кое веќе дошле на дофат на рака, но Балканскиот Регион им требал како мирно подрачје, а не во војна, за да можат мирно да соработуваат (читај: да ги експлоатираат ресурсите од регионов). Затоа, тие ја гледале југословенската држава во повеќе форми на егзистенција (федерација, лабава федерација, конфедерација, асиметрична државна творба или каква било друга форма на егзистирање на засебни држави што полесно може да се контролираат), но да нема тежок и долготраен меѓусебен конфликт или, поточно, да има конфликт од послаб интензитет, кој може да се контролира, а Брисел да стане клучен медијатор за мир и стабилност

Кога постои политичка волја, Брисел може да донесе политичка одлука, а тоа се потврдува со примерот на поранешна СФР Југославија. Имено, непосредно пред распадот на југословенската федерација и воените конфликти во Хрватска или Босна, тогашната Европска економска заедница, денешна Европска Унија, ѝ понуди на Југославија започнување преговори за целосен пристап. Европскиот предлог предвидувал јасно поставен пат до кандидатски статус и полноправно членство, а Југославија требало да го имплементира целокупниот т.н. acquis communautaire, како и слобода за движење на стоките, услугите, луѓето и капиталот.
– Вклучувањето на Југославија требало да оди паралелно со политичкото затишје и економските реформи, но иницијативата наишла на неодобрување кај некои од тогашните политички лидери – велат нашите соговорници.
Поранешниот македонски претседател Киро Глигоров во едно од своите интервјуа говореше за овој предлог на Европската Унија. Според него, непосредно пред распадот на Југославија, како последен обид да се спречи војна меѓу републиките, тројка од Европската Унија пристигнала во Белград. Во неа бил вклучен и Жак Делор, тогашен претседател на комисијата на Европската Унија.
– Жак Делор, систематски, како да е научник, го запиша и го прочита со точки. Ова не е мој предлог. Ова беше на Советот на министри на Европската Унија и беше договорено. Тој вели, прво, со политичка одлука, Југославија ќе биде примена во Европската Унија. Сега. Второ, ако реформата на Анте Марковиќ успее, ќе добиете 5,5 милијарди долари од буџетот на Европската Унија – кажа Киро Глигоров за иницијативата на Европската Унија.

Тогашната понуда на Европската комисија за Југославија била политички мотивирана бидејќи Брисел гледал во државата клучен фактор за остварување свој конкретен интерес

– Една подлабока анализа вели дека ЕУ била политички мотивирана за понудата до Југославија. Тогашните европски лидери го гледале Балканот како огромно ресурсно поле на интерес до кое веќе дошле на дофат на рака, но Балканскиот Регион им требал како мирно подрачје, а не во војна, за да можат мирно да соработуваат (читај: да ги експлоатираат ресурсите од регионов). Затоа, тие ја гледале југословенската држава во повеќе форми на егзистенција (федерација, лабава федерација, конфедерација, асиметрична државна творба или каква било друга форма на егзистирање на засебни држави што полесно може да се контролираат), но да нема тежок и долготраен меѓусебен конфликт или, поточно, да има конфликт од послаб интензитет, кој може да се контролира, а Брисел да стане клучен медијатор за мир и стабилност. Истовремено тоа беше во согласност со тогашната геополитичка положба, Европската Унија по падот на Берлинскиот ѕид се стремеше да го дополни политичкиот вакуум што настана по распадот на Советскиот Сојуз и Варшавскиот пакт, а на поддршката на Балканот од страна на европските институции се гледаше како на зајакнување на економскиот простор (и безбедносниот) во цела Југоисточна Европа – заклучуваат нашите соговорници. Д.Ст.