Историјатот на кодифицирањето на еден јазик може да се следи со многу поголема точност од историјатот на говорниот народен јазик. Поради тоа, тешко е да се одредат почетоците на одделните јазици. Современите словенски јазици, на пример, некогаш имале наднационална припадност, што е видливо кога ќе се погледнат потеклото и развојот на прасловенскиот јазик во рамките на групата индоевропски јазици.
Старословенскиот јазик е кодифициран пред 12 века, врз наречјата на словенските Македонци од Сухо и Високо (солунско), за потребите на Моравската мисија. Таа мисија е иницирана од Византиската Империја. Старословенскиот јазик тогаш немал етнички предзнак во современа смисла на зборот.
Старословенскиот јазик и неговото писмо се признаени и благословени, на почетокот на 868 година, од папата Адријан, поглавар на тогаш неподелената Христијанска црква (расколот се случува на 16 јули 1054), како јазик достоен за богослужба и за превод на сакралните христијански текстови. Тогаш се официјализира и глаголицата и глаголичката писменост, која најдолга традиција има на македонските и хрватските етнокултурни и црковни простори.
Пространиот многуброен словенски „народ“ низ историјата се служел со повеќе писма за да го искаже својот јазик: глаголица, кирилица, подоцна латиница, грчкиот алфабет, а од 19 и 20 век и одделните национални кирилични и латинични писма.
Во 7, 8, па и 9 век, Словените населени на широк европски простор се разбирале меѓусебно без превод (Петар Хр. Илиевски), но, со текот на времето, се зголемувале говорните разлики и, соодветно, се создале посебни јазични и граматички системи.
Славистиката го нарекува периодот од зачетоците на словенската писменост до 12 век старословенски, додека периодот од 12 век до оформувањето на одделните јазични словенски верзии (12-18 век) го нарекува црковнословенски период. Црковнословенскиот јазик опстанува најдолго, независно од диференцијацијата и кодификацијата на националните словенски јазици во 19 и 20 век. Тоа говори дека христијанскиот и јазичниот идентитет на словенските народи биле историски тесно поврзани. Може да се каже дека токму црковнословенскиот јазик е најотпорното споделено место на словенскиот и христијанскиот културен идентитет во Европа.
Словенските народни говори, некогаш обединети со заедничката писменост и ставени во функција на црковните и сакралните христијански потреби, благодарение на развојот на живата профана реч, ги издвоиле своите посебни граматички системи, кодифицирани од нововековните држави на словенските народи.
Некои национални јазици се кодифицирани порано, некои подоцна, но тоа не значи дека постои хиерархиска и вредносна надреденост на еден словенски јазик над друг. Официјалната кодификација на сите национални јазици е државотворен чин заснован врз лингвистички начела и конвенции. Денес сите словенски национални јазици ја сочинуваат заедничката крошна на словенската група јазици, зад којашто се наоѓа заедничката индоевропска матрица.’
Македонскиот јазичен систем, значи, има своја долга индоевропска, прасловенска, старословенска, црковнословенска и нововековна усна и писмена, народна и национална, историја. Историјата на македонскиот јазик ги надминува границите на македонската современа држава. Историјата на македонскиот јазик од древните епохи, преку средновековието, па до денес, треба да се проучува како предмет од посебен национален и државен интерес.
***
Тука доаѓаме до современата состојба во којашто се наоѓа македонскиот јазик. И се соочуваме со некои деликатни состојби и противречности за коишто државните и научните институции треба да најдат соодветно решение. Во оваа пригода би укажала на некои од нив:
– Невообичаен и неприфатлив е фактот дека македонскиот јазик во македонската држава во којашто е усвоен како официјален службен, за меѓународна употреба и работен јазик уште при создавањето на македонската република во составот на југословенската федерација во 1945 година, како и во независна Р Македонија во 1991 година, да го изгуби стекнатиот статус со поддршка на акти на истата таа држава. Правилото дека она што е стекнато историски и уставно во една држава не смее да се одземе, за жал, изгледа не важи за македонскиот јазик. Пред овој парадокс не смее да се молчи, затоа што статусот на јазикот во една држава е да интегрира, а не да ја фрагментира нацијата. Ние се соочуваме со екстремна ситуација во којашто македонскиот јазик е маргинализиран општествено, образовно и институционално, со услови за негово натамошно потиснување.
– Интересот за студирање на македонскиот јазик на државниот универзитет „Св. Кирил и Методија“ е драстично опаднат, како последица на несоодветните образовни и високообразовни политики, но и како последица на несоодветните законски решенија зацртани во Законот за употреба на јазиците, со којшто се фаворизира институционално јазикот на малцинството од над 20 отсто.
– Озаконетиот јазичен паралелизам не е во согласност со вообичаените и доминантни европски обрасци за решавање на јазичните права на малцинствата, што доведува до ситуација повеќејазичноста да биде извор на дезинтеграција на нацијата со сите дополнителни последици кои произлегуваат од тоа. Поради тоа, неопходно е итно да се донесе единствен закон за употребата на македонскиот јазик како државен и на малцинските јазици како локални и регионални јазици на образованието и културата. За задоволување на јазичните и комуникациски потреби на граѓаните од различно етничко потекло денес постојат голем број дигитални и други алатки. Учењето на македонскиот јазик во Македонија треба да биде култна граѓанска обврска на сите македонски државјани.
– Сите знаат дека јазикот е жива материја, дека постојано се збогатува со нова лексика, дека постојат разни видови граматика, од елементарна и семантичка до функционална, дека секој јазик прима и врши влијание врз и од јазиците со коишто доаѓа во допир во простор, но денес малите јазици особено се под влијание на медиумскиот и интернет-просторот на англискиот јазик, кој се наметна како глобален јазик, така што е модифицирана и самата идеја за „ареалната лингвистика“ – просторот не е веќе локално-регионална туку глобална категорија. Присуството на англизмите во македонскиот јазик секојдневно се зголемува, некогаш и поради тоа што не постои волја за соодветно калкирање на англиската терминологија на македонски јазик, нешто што го прават самосвесните и институционално добро организирани држави. Тоа се гледа особено во сферата на медицинската, техничката, политичката и терминологијата на социјалните мрежи и на интернет-мрежата…
– Од друга страна, и понатаму е речиси патолошки присутна колективната стигма, особено меѓу стручната лекторска фела, во врска со т.н. србизми во македонскиот јазик. Се заборава дека и српските термини во голема мера имаат прасловенско и старословенско потекло и дека тоа потекло го споделува и македонскиот јазик. Понекогаш се оди во крајност, па се запоставуваат и се отфрлаат одредени лексички решенија кои, всушност, би го покажале богатството на македонската јазична морфологија и семантика. Парадоксот да биде поголем, поради автоматските преводи од српски јазик, на пример, но и од англиски, се усвојуваат некритички и буквално, типично српски и англиски изрази, фразеологизми и синтаксички решенија. За овие пропусти треба да седнат заедно стручните, научните, медиумските кадри и соодветните институции и да најдат цивилизирани и лингвистички оправдани решенија.
– Преводот на научната, па и на уметничката, литература во Македонија ја достигна својата најниска точка и затоа треба да се подобри статусот не само на преведувачите, туку и критериумите за превод, а пошироко и на севкупната издавачка дејност.
– Неопходно е архаизмите, дијалектизмите, туѓизмите и идиомите да се прикажат интегрално во еден нов речник на македонски јазик и да се допушти нивната употреба за одделните практични функции во секојдневниот колоквијален говор, во разни професионални говори, во книжевниот говор и сл.
– Неопходно е државата да предвиди соодветни фондови и да го стимулира учењето на санскритот, со цел да се прошират историските хоризонти на споредбено проучување на македонскиот јазик.
– Неопходно е да се работи интензивно и ефикасно на изработка на етимолошки речници на македонскиот јазик.
– Неопходни се стимулативни мерки за активно учество на македонски кадри на меѓународната славистичка и лингвистичка сцена, а во тој поглед и целосна поддршка на долгорочните проекти на МАНУ поврзани со Атласот на словенските и Атласот на европските јазици. Не може проекти од национално значење да зависат само од добрата волја и ентузијазмот на младите кадри и истражувачите. Треба да биде видлив и интересот на државата за напредокот и реализацијата на ваквите научноистражувачки проекти.
Се чини дека имаше право академик Георги Старделов кога кажа дека „јазичното прашање и јазичната политика воопшто се фундаментално прашање на нашата епоха“. Македонија денес е пред епохален предизвик: или ќе го зајакне општествениот, образовниот, научниот, културниот, комуникацискиот и институционалниот статус на македонскиот јазик, или ќе биде нем сведок на неговиот историски пад.
Да се надеваме дека ќе преовлада здравиот разум и ќе се создадат услови за развој и подем на македонскиот јазик.
Беседа во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“