Реакција на Друштвото на писателите на Македонија

Реакција по повод негирањата на македонскиот јазик стигна од Друштвото на писателите на Македонија, потпишана од актуелниот претседател на асоцијацијата, Христо Петрески.
– ДПМ е еснафска, т.е. писателска асоцијација, која иако не се занимава и нема да се занимава со политика, секако дека се занимава и ќе се занимава со културна политика. Наша основна алатка е јазикот и тој за нас, како што со право и убаво истакнуваше и нашиот претходник, учител и родоначалник Блаже Конески – е нашата татковина! Ние сме Македонци, наш мајчин и татков јазик е македонскиот и ние нема потреба никому да му докажуваме дека сме Македонци и дека нашиот јазик е македонскиот. Македонскиот јазик има дијалекти, но нашиот македонски јазик не е никаков и ничиј дијалект – се вели во писмото.
Оттаму порачуваат дека и во иднина, како и досега, членовите на Друштвото на писателите на Македонија ќе создаваат литературно творештво и ќе се трудат тоа да биде со високи естетски и културолошки вредности.
– Македонскиот писател и македонската книга се и ќе бидат и во иднина во центарот на вниманието на активностите, заложбите и проектите на Друштвото на писателите на Македонија. Притоа особено треба да се залагаме за читањето на македонските автори и дела зашто непрочитаните книги исто како и да не се објавени. Македонските писатели се единствени во грижата и одбраната на македонскиот јазик и македонското книжевно творештво, кое се создава во државата, но и на Балканот, Европа и во светот. Македонскиот јазик е еден и единствен и македонските писатели создаваат токму на тој јазик. Тоа е јазикот на нашите татковци и мајки, предци и наследници, а нашите литературни дела се значајни и вредни – токму затоа што се создадени на тој наш, роден, изворен, матичен и единствен јазик. Нашите творби и дела се траен влог, сведоштво и доказ за минатото, сегашноста и иднината – апелира Петрески.