Фото: „Нова Македонија“

Денеска, кога се навршуваат 103 години од раѓањето на овој великан не само на македонскиот јазик туку и на македонскиот национален идентитет, се наметнува
прашањето дали Македонците се доволно на штрек во поглед на секаквите диверзии и напади кон македонскиот јазик, од каде и да доаѓаат. Дали Македонците во доволна мера го вардат јазикот свој македонски, својата „единствена целосна и идеална татковина“?

Чествување на 103-годишнината од раѓањето на Блаже Конески

Оние што ја негираат македонската национална индивидуалност сакаат да создадат впечаток дека македонскиот литературен јазик нема свои историски корени и оти е само продукт на некаква политичка комбинаторика. Македонци, бидете на штрек пред таквите „правни“ диверзии, од каде и да идат! За нас, повеќе отколку за многу други во светот, јазикот претставува најголемо приближување до идеалната татковина, со сѐ што е на него создадено како говорен и пишуван текст. Поправо, јазикот е единствената наша целосна татковина. Сѐ додека го чуваме, го негуваме, го вардиме јазикот наш македонски – ќе може да сметаме дека ја имаме и татковината, има порачано Блаже Конески во еден свој текст од јуни 1986 година.
Четири години подоцна, значи три години пред смртта во 1993 година, Kонески повторно ќе ја истакне важноста на македонскиот јазик за македонскиот народ, каде и да живее. Во врска со нападите кон македонскиот јазик од Атина преку брошурата на А.Е. Папагеоргиу со наслов „Таканареченото македонско прашање“, Конески нагласува дека главниот удар е ударот врз јазикот.
– Тоа не е прв напад врз нашиот јазик со цел меѓу неупатените во светот да се рашири заблудата дека е измислен прекуноќ, како да не се работи за процес со длабоки корени во минатото и за една долга јазикотворечка традиција – нагласил тогаш Конески.
Денеска, кога се навршуваат 103 години од раѓањето на овој великан не само на македонскиот јазик туку и на македонскиот национален идентитет, се наметнува прашањето дали Македонците се доволно на штрек во поглед на секаквите диверзии и напади кон македонскиот јазик, од каде и да доаѓаат. Дали Македонците во доволна мера го вардат јазикот свој македонски, својата „единствена целосна и идеална татковина“?
Оваа социолингвистичка реалност во Македонија, инсталирана во 2018 година со потпишувањето на Преспанскиот договор со Грција и на Договорот за добрососедство со Бугарија, се обидува целосно да ги поништи делото и јазичната оставина на великанот од Небрегово, неговото животно и научно завештание кон сегашните и идните поколенија на македонскиот народ.

Во 2018 година им се случи на Македонците и македонскиот јазик „преспанската саботажа“. Со Преспанскиот договор се кине природната поврзаност на македонските дијалекти и поддијалекти во Егејска Македонија со македонската јазична матица. Се дроби живиот организам на македонскиот јазик и токму затоа овој денешен добрососедски договор на извесен начин претставува своевиден „јазичен Букурешки договор“. Преспанскиот договор поставува остра граница меѓу македонскиот јазик што се говори во Македонија и во Грција. Ова најдиректно значи дека Преспанскиот договор ја распарчува дијалектната целина на македонскиот јазик, оти од неговиот дијалектен систем отцепува цела една подгрупа наречена „јужни говори“ во составот на македонската дијалектна целина. Јужните говори, сочинети од поголем број дијалекти и поддијалекти, се зборуваат од македонското домородно население токму во Егејска Македонија, денес во северниот дел на Грција.
Преспанскиот договор се обидува на македонскиот народ да му го одземе културно–историското наследство, кое за Конески претставуваше непресушна ризница за неговото поетско творештво, потпрено на долговековните традиции на македонскиот народ.
Спротивно на ставот на Конески за „длабоките корени во минатото“ и за „долгата јазикотворечка традиција“, тие корени во минатото на македонскиот јазик, но и самото негово постоење, му ги негира не само Преспанскиот договор туку и Договорот за добрососедство со Бугарија.
Уште во 1948 година Конески им одговори на сите великобугарски напади кон македонскиот јазик, посочувајќи „колку мизерно звучат лагите, кажани на бугарски јазик“.
– Великобугарската теза е јасна: нема македонска нација, нема македонски јазик. Сето тоа е измислица. Ним поради нешто им ги боде очите самото постоење на тој јазик, како основно средство за изградбата на македонската народна култура. Но нека знаат едно таквите луѓе: тие можат колку сакаат да го презираат македонскиот литературен јазик, тврдејќи дека неговата појава значи регрес. Македонскиот литературен јазик нема од тоа да биде помалку жива историска стварност, без оглед дали и како на некои им ујдисувало… колку мизерно звучи лагата…, искажана и на бугарски јазик…“ – нагласи великанот од Небрегово уште пред 76 години.
Но, сепак, истите удари врз македонскиот јазик продолжуваат и денес, а денес веќе се чинат секакви напори да се спроведе завршниот чин и на „санстефанската диверзија“ кон македонскиот јазик, кажано со терминологијата на Конески, откако и ако би се спровеле уставните промени, па нека се и со одложено дејство. Ама во пакет со „добрососедскиот договор“, со „преговарачката рамка“, протоколите и особено со едностраната „декларација“ на Бугарија за македонскиот јазик.
Во таа декларација, испратена во ЕУ на 18 јули 2022 година, Бугарија јасно наведува: „Создавањето на ‘македонскиот јазик’ во 1944-1945 година во поранешна Југославија беше чин на секундарна кодификација (рекодификација) врз основа на бугарскиот литературен јазик, дополнително ‘збогатен’ со локални форми, со што се симулираше ‘природен’ процес, заснован врз дијалектна форма“.

„Генерацијата на сонцељубивите“ против „северната“ социолингвистичка реалност

Денес на делото на Конески треба да му се пријде творечки и дејствително, во онаа иста смисла како што тој своевремено повика да се зачува македонскиот јазик и нашата идеална татковина, со други зборови кажано, да се раскинат Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство со Бугарија, за да се одбрани и да се зачува македонскиот јазик како столб на македонскиот идентитет. Да се спречат „преспанската“ и „санстефанската диверзија“ против македонскиот јазик и да се елиминираат сите досегашни последици од нив.
Означувајќи го Конески како „национален мислител од највисок формат, кој твори и се бори за Македонија како клучен стратег на нејзината автономна суштина“, Гане Тодоровски го наредува Конески „во поворката на сонцељубивите Македонци, веднаш покрај Миладиновци, Прличев, Мисирков, Рацин“ и ги цитира неговите зборови од статијата „Една ситуација и едно лично становиште“, диктирана на академик Зузана Тополињска кратко време пред неговата смрт: „Ние, мојата генерација, тргнавме во животот посветени на македонската идejа, готови да ѝ служиме како на нешто свето и светло, загрижени за судбината на својот народ“.
Македонскиот народ му останува должен на својот национален мислител, но со право може да се каже и на својот преродбеник Конески: не само декларативно да го чествува туку да започне и конкретно да се бори против обидите да се уништи неговото дело и завештание – да се чува јазикот македонски, да се чува својата „единствена идеална татковина“. Крајно време е од пазувите на овој народ со древни традиции, кои сакаат да му ги приграбат „добрите соседи“, што поскоро да се извишат и други „сонцељубиви Македонци“, коишто ќе ја испратат „северната социолингвистичка реалност“ на ѓубриштето на историјата.

За „јазичната дембелаана“ во Македонија

Денеска, кога се чествува 103-та годишнина од раѓањето на Блаже Конески, има уште еден важен аспект поврзан со неговата јазична дејност. Тој неретко ја критикуваше „јазичната дембелаана“ кај одделни родени говорители на македонскиот јазик. Конески своевремено посочи на богатството содржано во „лексичкиот резервоар“ и на македонскиот народен гениј, создавано низ вековите, укажувајќи на потребата во тој литературен јазик „да дојде до поголем израз речничкото богатство на народниот јазик и живите начини на зборообразување во него“. Така што, зборовниот фонд на македонскиот јазик ќе продолжи да се збогатува и на тој начин што одделни народни зборови ќе започнат да развиваат нови, дополнителни или апстрактни значења.
– Ние треба да се обрнеме кон народниот јазик, да се прашаме дали ни е во него сè познато од зборовите, што можат да изразуваат одредена апстрактна содржина и дали не можеме во ред случаи по патот на творење нови зборови од корени и наставки, дадени во народниот јазик да го доизградуваме речникот на литературниот јазик – има укажано Конески.
Но што се случува денес? „Јазична дембелаана“ на секој чекор! „Инвазија“ на англискиот јазик во медиумите, но и на србизми во секојдневниот говор. „Инклузија“, „наратив“, „имплементација“ и многу голем број странски зборови се навлезени во зборовниот фонд на македонскиот јазик, а не се вложуваат никакви напори за нивна замена со домашни зборови, јасни и разбирливи за народот. Ние денес честопати само напразно зборуваме за личноста и делото на Конески, а не го сфаќаме како патоказ за тоа каков треба да биде нашиот личен придонес кон збогатувањето на јазикот, не го сфаќаме како патоказ за градењето и јакнењето на нашата македонска јазична свест и нашата македонска јазична култура.


Делото на Конески како „лингвистичко послание“ до секое македонско поколение

Во својата реч во МАНУ по повод 80-годишнината од раѓањето на Конески, Гане Тодоровски резимираше: „Во поимска смисла, во духовната историја на Македонците Конески претставува меѓник, налик на оние крајаголни камења што ги разграничуваат епохите. Во редоследот на монументалните вредносни знаци на македонската културна историја нему ќе му припадне со право чест да ја омеѓи епохата на македонската модерна историја, оној временски интервал наречен регуларен тек во развојот на македонската литература“.
Денес Конески ја добива улогата на „крајаголен камен“ – меѓник, но и многу повеќе: улога на лингвакултурен столб – насочник кон наредните децении на 21 век. На 103-та годишнина од раѓањето на овој голем Македонец може да се констатира дека тој претставува во уште поголема мера не само крајаголен камен – разграничник на епохите, туку и столб на македонската колективна, национална лингвакултура (клучна категорија во антрополошката лингвистика со значење: јазик во културата-култура во јазикот).
Но неговото творештво не треба да биде читано како некакво неменливо „лингвистичко евангелие“, туку многу повеќе како „лингвистичко послание“ до сегашните и наредните македонски генерации, кои ќе треба како своја колективна, заедничка грижа да го преземат сопствениот мајчин јазик, да го сакаат, да го почитуваат и активно и креативно да се однесуваат кон него.

Свето Тоевски