Експертите и познавачите со кои се консултиравме велат дека откажувањето на македонската држава од сопственото малцинство во околните држави, како и откажувањето од македонскиот јазик што се говори надвор од границите на државата, последователно низ одреден временски период доведува до „исчезнување на нацијата и во сопствената држава“!

ЕКСПЕРТИТЕ КАТЕГОРИЧНИ

Политичките тези и изјави со кои се доведува во прашање вековниот временски и просторен континуитет на македонски јазик и надвор од границите на Македонија, како и постојаните негации од страна на Бугарија и на Грција за непостоење на македонското малцинство кај нив, и згора на сето тоа внатрешните тенденции на нашето (сопствено) национално автоденоминирање (со постојаното менување на Уставот и откажување од малцинствата, со Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство со Бугарија, како и со последниот француско-бугарски пакет) се бесмислени и апсурдни во нивната суштина, но истовремено се и многу опасни за Македонија како матична татковина, а опасни и за македонскиот народ како национален матичен супстрат! Со ваквите тврдења се загрозуваат егзистенцијата и на македонската нација и суштествувањето на сите нејзини идентитетски белези, кои се резултат на повеќевековен процес.

Државите што немаат национални малцинства во соседните држави
немаат нација ниту во сопствената држава

Експертите и познавачите со кои се консултиравме велат дека откажувањето на македонската држава од сопственото малцинство во околните држави, како и од македонскиот јазик што се говори надвор од границите на државата може да доведе до исчезнување на македонската нација и во сопствената држава.
Според проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев, можеме да се соочиме со ретрограден процес што може да доведе до исчезнување на атрибутите на македонската нација. Според него, македонската нација е резултат на историски процес низ вековите, на територијата надвор од границите на денешната македонска држава. Историски гледано, во преродбеничкиот процес, илинденските борби, антифашистичката борба во Втората светска војна, како и во создавањето на македонската држава учествувале Македонци што биле родени и живееле во одреден период надвор од границите на современата македонска држава, вели Ванчо Ѓорѓиев. Тој како пример ги посочува македонските револуционери и дејци Јане Сандански и Димитар Влахов, Македонци родени надвор од македонските државни граници. Првиот, еден од највеликите заштитници на македонската самобитност и фанатичен борец за самостојна држава, а вториот, еден од основачите на асномска Македонија.
Доколку се земе предвид искажаното, откажувањето од македонското малцинство, како и стеснувањето на границите на македонскиот јазик, се ретрограден процес што може да доведе до исчезнување на македонската нација. Според некои од познавачите, во оваа насока е и оној дел од протоколот во кој се бара осуда и извинување на југословенските комунистички власти против граѓаните врз основа на нивното етнополитичко самоопределување, вклучувајќи ги и Бугарите.

Софија преку негирањето на македонскиот народ, малцинство и јазик има цел од Македонија да создаде втора бугарска држава?!

За оваа проблематика, проф. д-р Наташа Котлар-Трајкова вели дека во периодот 1945-1991 година, тогашните власти не ги гонеле граѓаните поради нивната етничка припадност, туку поради нивната идеологија. Некои од експертите посочуваат дека формулацијата за гонење на граѓаните поради нивното самоопределување како Бугари има цел да ја наметне тезата дека во периодот по 1945 година во Македонија имало процес на насилна бугаризација.
Доколку се земе предвид ова, како и непризнавањето на македонското малцинство и стеснетите граници на македонскиот јазик, тогаш бугарската страна и понатаму може да тврди дека Македонците се вештачка нација, која нема сопствена историја, јазик, култура и обичаи. Познавачите велат дека бугарската државна политика преку негирањето на македонското малцинство и јазик, како и обидот преку извинување за гонење на Бугарите поради нивното самоопределување имаат цел од Македонија да создадат втора бугарска држава, која на крајот ќе се приклучи кон мајката Бугарија.
– Неспоменувањето на дијалектите на македонскиот јазик од другите територии на Македонија, апсолутно, води кон постепено разградување на македонското национално ткиво. Употребата на македонскиот јазик не само историски туку и во денешнината се користи и надвор од нашите граници и не треба да се ограничува само на територијата на сегашната држава. Негирањето на постоењето на македонско малцинство во соседните земји и сега откажување од дијалектите на овие простори се одраз на негаторските политики од нашите соседи за непостоење на посебен македонски народ – ни изјави поранешен вршител на високи јавни функции во судството, кој сакаше да остане анонимен.