Фото: ЕПА/Илустрација: „Нова Македонија“

ВО КОМИТЕТОТ ЗА НАДВОРЕШНА ПОЛИТИКА НА ЕВРОПСКИОТ ПАРЛАМЕНТ (АФЕТ) ИЗГЛАСАН ИЗВЕШТАЈОТ ЗА НАПРЕДОКОТ НА НАШАТА ЗЕМЈА: ДЕНОМИНИРАЧКИТЕ ПРЕДЛОГ-ОДРЕДНИЦИ НА БУГАРСКИТЕ ЕВРОПАРЛАМЕНТАРЦИ ПАДНАА

Тони Гламчевски,
наш дописник од Франција

Вчера, вторник (24.6.2025), беше денот кога Комитетот за надворешна политика на Европскиот парламент (АФЕТ) гласаше за усвојувањето на извештајот за напредокот во интеграциите… на нашата земја, претходно одложен по жестоко противење на бугарските европратеници.

Резултат: Извештајот беше одобрен од парламентарната комисија за надворешни работи (АФЕТ) со 40 гласа „за“, 19 гласаа „против“, а 10 беа воздржани. Имено, европратениците во АФЕТ дадоа зелено светло за извештајот откако унгарски европратеник го блокира амандманот конципиран од бугарските европратеници членови на Комитетот, со кој би се менувал текстот со кој се признава македонскиот идентитет. За издвојување е дека, всушност, на гласање не беше ниту ставен амандманот што усно го предложи германскиот европратеник Михаил Галер од ЦДУ, односно од Европската народна партија – за тоа пред „македонски јазик и идентитет“ да се додаде терминот „модерен“. Против тој амандман се изјаснија шестмина европратеници (беше потребно минимум петмина), што, според правилата на ЕП, значеше дека за тој (бугарскиот) амандман воопшто не се гласаше!

Според процедурата, извештајот одобрен од АФЕТ (Комисијата за надворешна политика на Европскиот парламент) натаму оди на пленарна седница на Европскиот парламент на гласање (на 8.7.2025 година).

Текот на седницата на Комисијата за надворешна политика на Европскиот парламент (АФЕТ)

Наредното гласање за извештајот (на Вајц) ќе се случи на пленарната сесија на Европскиот парламент. На комисијата АФЕТ, извештајот помина онака како што е конципиран од известувачот Томас Вајц, и тоа откако шест члена на Комисијата се спротивставија на предлогот на германскиот европратеник Микаел Гахлер од редовите на европската народна партија во нејзино име, со вербално поднесен амандман, да побара пред зборовите од извештајот „македонскиот јазик и идентитет“ да се стави придавката „модерен“. Откако беше отфрлен неговиот амандман, тој најави дека „овој амандман поддржан од народните партии, социјалистите, Обнова и зелените ќе биде поднесен на пленарната сесија во јули, кога конечно ќе треба да биде усвоен извештајот на Томас Вајц“.

Со оглед на тоа што минатата година воопшто не беше усвоен извештај за Македонија во ЕП, за известувачот Томас Вајц и самото поминување на првата пречка за извештајот беше – успешно во целост.
– Денес го усвоивме првиот извештај за С. Македонија од 2022 година во Комитетот за надворешни работи. Горд сум на целата напорна работа што беше вложена во наоѓањето компромиси за да можеме да го донесеме овој добро избалансиран извештај со широко политичко мнозинство. ЕУ мора да остане обединета со своите соседи во предизвикувачкиот геополитички пејзаж со кој се соочуваме. С. Македонија припаѓа во ЕУ. По 20 години преговори, мора да го одржиме моменталниот добар моментум за понатамошно унапредување на процесот на проширување – соопшти Вајц преку прес-службата на ЕП.

На гласањето му претходеше нервозна атмосфера, која се почувствува и во обраќањето на претседавачот на АФЕТ, Дејвид Мекалистер, кој веднаш нагласи дека лани еднаш не бил усвоен извештај за Македонија и дека се надева дека тој ќе помине денес – бидејќи на ЕП ѝ треба позиција за ова прашање од Парламентот.

Тој гласно и јасно се огради од нападите врз известувачот Томас Вајц оценувајќи ги дека се засновани на неточни тврдења дека неговите оценки во извештајот се пристрасни, т.е. договорени со нашата држава. Наедно тој издвои и дека некои напади кон Вајц биле недозволиви и со личен карактер.
– Сите страни заслужуваат да бидат сослушани пред да се заземат позиции за кои било прашања – им упати порака Мекалистер на бугарските пратеници што приговараа и ги осудија како „нешто неприфатливо за ЕП средбите и разговорите на известувачот со македонски политичари и функционери“. (!?)

Амандман на пленарната сесија претставува газење на врховното (јус когенс) право од страна на бугарските европратеници

Всушност, ова е дебакл на Стразбур и Брисел, кои за да ја задоволат Софија прават „компромиси“ на сметка на македонскиот идентитет и јазик. За жал, останува неизвесно каков ќе биде крајниот епилог во ЕП поради големиот број членови на ЕНП, социјалистите, зелените и Обнова во Парламентот, иако Вајц нагласи дека денес му се приклонило широко мнозинство, кое гласало извештајот да биде без одредницата „модерен“, која сакаа да ја вметнат бугарските европарламентарци. Последниве, всушност, со одредницата „модерен“ (или нов и „современ“ македонски јазик и идентитет) токму беа на линијата на негаторската политика на Софија кон македонскиот јазик, историја, култура, идентитет, сакајќи да стават временска рамка на нашето постоење од 1944 година, бришејќи ги вековните традиции, корените и постоењето на засебниот македонски супстрат, не признавајќи го македонскиот народ.
(!?)

Но, за волја на вистината, треба да се издвои дека во извештајот на Вајц сепак се потенцира „потребата од одржување на моментумот и кредибилитетот на процесот на европска интеграција“, истакнувајќи ја „важноста на усвојувањето на неспроведените уставни амандмани“, со забелешка дека земјава ќе „продолжи да покажува посветеност на евроинтеграцијата и усогласеност со политиките на ЕУ“.
– Европскиот парламент повикува на брз напредок во преговорите за пристапување, истовремено истакнувајќи ја важноста на усвојувањето на неспроведените уставни амандмани; ги охрабрува сите политички партии во С. Македонија да се вклучат во конструктивен дијалог за да се постигне потребниот консензус за овие амандмани, што би го зајакнало мултиетничкиот карактер на земјата и би го забрзало нејзиниот напредок кон членство во ЕУ – се потенцира во предлог-извештајот на Вајц.

Исто така, во извештајот се наведува дека „политичката поларизација останува пречка за неопходните реформи и дека иако се направени измени во Изборниот законик, сè уште е потребна сеопфатна изборна реформа“, поради што повикува на спроведување на преостанатите препораки дадени од ОДИХР и Венецијанската комисија.

Други забелешки во извештајот на Вајц

· Во извештајот се повикува и на континуирана модернизација на јавната администрација заснована на заслуги, на справување со системските предизвици на политизацијата и транспарентни вработувања.

· Извештајот повикува и да се обезбеди системска одговорност на јавните институции, па дури ги повикува властите на Македонија да се воздржат од „непроѕирни, политизирани отпуштања и назначувања на позиции во независни тела и агенции“.

· Во извештајот којзнае по кој пат се отвора прашањето за подобро регулирање на финансирањето на политичките партии и кампањите. Имено, во извештајот се повторуваат барањата за сеопфатна реформа на правилата што ги регулираат државното финансирање и рекламирањето на политичките партии во медиумите и со загриженост се забележуваат континуираните закани и напади врз новинарите, при што како позитивно се поздравува назначувањето посебен обвинител за овие случаи.

· Со сериозна загриженост се забележува дека резултатите на земјата во борбата против корупцијата се влошуваат, особено поради измените во Кривичниот законик, кои ја ослабнаа правната рамка, што резултираше со прекинување многу тековни случаи, се наведува во извештајот.

· Во извештајот се нагласува „итна потреба од подобрување на квалитетот на воздухот“ и се бара од властите да ги засилат мерките за биолошка разновидност, заштита на водата, воздухот и климата и регионално управување со отпад.

· ЕП ги повикува властите исто така да ги засилат напорите за надградба на транспортната и енергетската инфраструктура и регионалната поврзаност и да се справат со постојаните доцнења во нивниот развој, веројатно со асоцијација на коридорот 8.

Дополнителна, објаснувачка изјава на известувачот Томас Вајц

Предлог-извештајот беше проследен со објаснувачка изјава на Вајц, во која тој наведува дека годините на неуспеси и неисполнети ветувања разбирливо довеле до фрустрација, разочарување и континуиран пад на јавната поддршка за интеграцијата на земјата во ЕУ, но дека во овие времиња на големи промени во меѓународниот светски поредок постои обновено чувство на итност и важна можност за унапредување на процесот на проширување на Унијата.
– Сите политички чинители, особено пратениците од владејачката коалиција и Владата, мора да го искористат овој момент и да се вклучат во конструктивен дијалог за да се постигне консензус за уставните амандмани. ЕУ и нејзините земји членки мора целосно да го поддржат овој потфат, вклучително и со давање гаранции дека уставните измени нема да доведат до дополнителни билатерални барања – истакна Вајц, кој претрпе напади како ниту еден известувач за Македонија досега.

Австрискиот европратеник во изјавата додава и дека за да се надмине бугарското вето за почеток на пристапните преговори на земјава, во 2022 година ЕУ „ги вклучи барањата на Бугарија во заклучоците на Советот поврзани со пристапувањето на С. Македонија, при што ЕУ дејствуваше како гарант за нивното спроведување“.
– Таканаречениот француски предлог, сепак, постави загрижувачки преседан, дозволувајќи пристапниот процес да се користи за решавање на културните и историските спорови – потенцира Вајц меѓу другото во изјавата.


Бугарските историчари и филолози пред празна сала ја претставуваа „вистината за Македонија“ во Европскиот парламент

  • Случувањата во Европскиот парламент во кој бугарските претставници, парламентарци, нивната дипломатија и други сакаат да ги прикажат македонскиот јазик и идентитет како вештачка творба не се нови. За потсетување, ова е системски континуитет на Софија за кој треба да бидеме целосно свесни. На пример, во јуни 2022, бугарските историчари и филолози пред празна сала ја претставуваа „вистината за Македонија“ во Европскиот парламент
  • Ако се земе во предвид посетеноста на овој „научен настан“ во Стразбур, европратениците покажаа дека не се заинтересирани многу за такви случувања. Но денес во Брисел видовме дека заради политичките интереси на европратениците, за да ги задоволат нивните бугарски колеги во наоѓањето други компромиси, некои од нив пак ќе се обидат на жртвениот олтар да ја принесат – Македонија

Бугарските историчари и филолози во Европскиот парламент (ЕП) тогаш ги презентираа причините за бугарското вето за Македонија. Главниот настан, едночасовната „научна конференција“ за „вистината за Македонија“ не предизвика некое големо внимание кај европратениците, конференцијата на која се зборуваше за „бугарската вистина“ за Македонија и на која беа претставени добропознатите бугарски ставови, беше следена само од неколкумина од нив, под претседателство на тогашниот еропратеник Ангел Џамбаски.

Овој настан не беше на официјалната агенда на Европскиот парламент. Организиран од бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски од групата „конзервативци и реформисти“, настанот беше пренесуван на неговиот јутјуб-канал.

Можеме само да се запрашаме зошто истакнати бугарски професори прифатија покана на европратеник што доаѓа од редови на екстремистичка партија, да учествуваат и да пласираат само нивни тези за историјата и јазикот на Македонија, без да има дебата со нивни неистомисленици. Но одговорот го имаме самите во изминативе три години и повеќе – во Бугарија сите размислуваат исто, со чесни исклучоци кога станува збор за Македонија.

Професорите се обидоа во текот на еден час да ја претстават нивната „вистина за Македонија“. Во нивните излагања тие, во траење од еден час, ставија акцент на две познати теми за македонската јавност – до 1944 година Бугарија и С. Македонија имаат заедничка историја, како и политичката природа на промената на литературниот бугарски јазик.

Ана Кочева се зафати со објаснувањето на тоа дека македонскиот јазик потекнува од бугарскиот.
– Кога ја анализираме лингвистиката, мора да ја покриеме историјата на јазикот: Историјата на современиот северномакедонски јазик е јасна. Тоа е книжевна норма што произлегува од бугарскиот – рече таа.
– Фалсификувањето на историјата има многу реални последици, како актите на омраза против Бугарите. Последен пример е палењето на бугарскиот културен клуб во Битола – рече меѓу другото Пламен Павлов.

Спас Тасев се осврна меѓу другото и на пописот во Македонија.
– Добивме голем број сигнали за неправилности од Бугарите во Северна Македонија, кои не беа изброени на пописот; при што властите активно одбивале да ги вбројат како бугарски – рече тој.

За Николај Овчаров „не постојат историски извори што наведуваат некое одвоено етничко македонско постоење до 20 век: царот Самуил бил бугарски цар, а Гоце Делчев самиот се идентификувал како Бугарин“.

Професорот Владимир Митов нагласи дека „Грција ја блокираше Македонија 28 години, а никому не му беше грижа: Сега Бугарија, која го прави истото тоа, е прикажана како негативец“. Тоа, според него, е „лицемерство“:
На крајот Ангел Џамбаски најави дека ова е само првата од серијата вакви настани за прикажување на „вистината за Македонија“, која очигледно повеќе е насочена кон бугарското јавно мислење отколку кон европското.

Фактот што во салата беа повеќебројни излагачите од слушателите покажува дека на некој начин беше бојкотирана од европратениците, бидејќи имаше само неколкумина внатре.

Контекстот на овој настан е специфичен поради два важни настана. Минатиот месец, на 19 мај 2022, Европскиот парламент со огромно мнозинство го усвои извештајот со кој се повикува на брз почеток на пристапните преговори меѓу Република С. Македонија и Албанија.

При што европратениците, исто така, велат дека блокирањето на разговорите претставува сериозна закана за политиката на проширување.

Ако се земе предвид посетеноста на овој „научен настан“ во Стразбур, европратениците покажаа дека не се заинтересирани многу за вакви случувања. Но денес во Брисел видовме дека заради политичките интереси на европратениците, за да ги задоволат нивните бугарски колеги во наоѓањето други компромиси, некои од нив пак ќе се обидат на жртвениот олтар да ја принесат – Македонија.