Посочени перспективите за производство и снабдување со електрична енергија
- На 14. Меѓународен форум за енергија за одржлив развој (14-ИФЕСД), во организација на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, УНДП и петте регионални комисии на Обединетите нации, присуствуваа владини претставници, експерти, претставници на меѓународни организации, финансиски институции и индустриски лидери – клучните луѓе што ја обликуваат енергетската иднина на регионот и пошироко
Процесот на интеграција на Западен Балкан во електроенергетскиот пазар на ЕУ и важноста од усогласување на правната и регулаторната рамка, како и техничките унапредувања на преносните мрежи, интерконекциите и системските операции беа во фокусот на панел-сесијата „Енергетска поврзаност, отпорност и безбедност: регулаторни и правни аспекти“, во рамките на 14-от Меѓународен форум за енергија за одржлив развој (14-ИФЕСД), која ја модерираше Мартин Мартиновски – експерт за електрична енергија и статистика во Енергетската заедница.
На панелот се обратија управителот на Националниот оператор на пазарот на електрична енергија, МЕМО ДООЕЛ Скопје, Зоран Ѓорѓиевски, заедно со колеги од регионот – управители на берзите за електрична енергија на Унгарија, Србија и на Црна Гора, како и претставници на регулаторни тела. Ѓорѓиевски истакна дека од мај 2023 година, кога МЕМО го започна пазарот „ден однапред“, постигнат е значителен напредок во развојот на транспарентен и ликвиден пазар.
– Денес има 38 активни учесници – речиси сите домашни производители и снабдувачи, како и повеќето регионални трговци. До септември годинава се истргувани околу еден терават/часа електрична енергија, што претставува над 21 отсто од националната потрошувачка и раст од над 40 отсто во однос на 2024 година – јасен показател за зголемена ликвидност и доверба во пазарот. Постигнатите цени реално ги одразуваат состојбите на понудата и побарувачката и се во корелација со регионалните пазари, што ѝ овозможува на Македонија своја референтна пазарна цена на електрична енергија – важен сигнал за идни инвестиции. Со новиот Закон за енергетика, МЕМО повторно е назначен како номиниран оператор на пазарот на електрична енергија (НЕМО) за следните четири години, со што се обезбедува континуитет и институционална стабилност како предуслов за европската интеграција – истакна Ѓорѓиевски.
На сесијата се дискутираше и за техничките основи за поотпорен, меѓусебно поврзан и одржлив електроенергетски систем во Југоисточна Европа, при што беа идентификувани регионалните приоритети и можностите за подлабока интеграција меѓу ЕУ и Западен Балкан. Покрај организираниот пазар, МЕМО активно го развива системот за гаранции за потеклото на електричната енергија, воспоставен во април, со цел следливост и доверба во потеклото на зелената енергија.
На 14. Меѓународен форум за енергија за одржлив развој (14-ИФЕСД), во организација на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, УНДП и петте регионални комисии на Обединетите нации, присуствуваа владини претставници, експерти, претставници на меѓународни организации, финансиски институции и индустриски лидери – клучните луѓе што ја обликуваат енергетската иднина на регионот и пошироко. Над 500 учесници од повеќе од 70 земји дискутираат за новите насоки на енергетската транзиција, иновациите и одржливите решенија што ќе ја дефинираат енергетската политика на иднината. Е.Р.
































