Фото: Маја Јаневска-Илиева

„Електронска трговија“ во државава

Македонскиот е-купувач е сличен на балканскиот, добро е поврзан со интернет, но главно го користи за социјални медиуми, телефонирање, видеоповици… Најчесто прави нарачки до 50 евра и купува облека. Притоа, тоа не му е навика, туку го прави еднаш-двапати во три месеци, што значи дека е „случаен онлајн купувач“. Генерално плаќа во готово при достава и прави зделки со домашни продавачи.
Како што рече денеска претседателката на Асоцијацијата за е-трговија, Нина Ангеловска Станков, некои од причините за ваквите карактеристики се немањето доволно дигитални вештини, ниското ниво на користење е-банкарство, немањето навики за плаќање со картичка, како и немањето доверба дали ќе стигне производот.
Врз е-трговијата, оцени Ангеловска Станков, многу влијае и доставата. Според последната анкета, која опфатила 40 компании од Западен Балкан, најголем предизвик се токму брзината на доставување, флексибилноста, доверливоста и недоволната професионалност на доставувачите, кои многу влијаат врз креирањето на искуството кај граѓаните од онлајн купувањето.
Најновите податоци покажуваат дека во земјава над 86,6 отсто од домаќинствата имаат пристап до интернет, а 88,3 проценти од популацијата се активни интернет-корисници.
Земјите од Западен Балкан имаат напредок во е-трговијата, но и покрај растот, се рангирани најниско во споредба со европските држави. Н.М.