Фото: Од архивата на „Нова Македонија“

По жестоки тридневни борби, на 14 ноември 1944 година, „Нова Македонија“ на своите страници го објави прогласот на Градскиот народноослободителен одбор
во кој беше истакнато: „Скопје, престолнината на Македонија е ослободена. Крвавиот германски, фашистички, окупатор е истеран од нашиот град“. На 15 ноември
штабот на Првата корпусна зона го информира Главниот штаб на НОВ на Македонија со следните зборови: „Вашата наредба за ослободување на историскиот град, престолнината на Македонија, нашето убаво Скопје, ја извршивме“

Денеска е 13 Ноември, 80 години од Денот на ослободувањето на скопје

Ослободувањето на Скопје започнало на 11 ноември 1944 година, кога 42-та Народноослободителна дивизија и Третата македонска бригада ги нападнале одбранбените позиции на германската армија во правец на Сопиште-Кисела Вода. Вечерта, по жестоките борби, македонските партизани успеале да ги поразат германските војници на линијата Лисиче-Сопиште и Кисела Вода-Бел Камен. Истовремено, 50-та Народноослободителна дивизија ја разбила германската одбрана кај Катланово и се создале услови за напредување кон Петровец. По овие успеси, следниот ден силите на Народноослободителната војска и партизанските одреди на Македонија, предводени од генералот Михајло Апостолски, ги продолжиле борбите. На 12 ноември борбите започнале да се одвиваат на скопските улици, а 42-та Народноослободителна дивизија се борела во јужните делови на Скопје. Третата македонска бригада успеала да се пробие од Кисела Вода кон центарот на градот, поточно кај денешното македонско собрание, а на 12 ноември се воделе борби и кај старата железничка станица, учителската школа и поштата. Паралелно се воделе борби и за мостовите, каде што германските војници жестоко давале отпор и биле подготвени да ги уништат со експлозив.
За овие настани Михајло Апостолски вели:,,Во текот на ноќта помеѓу 12 и 13 ноември се развија жестоки борби; одделни згради како Народната банка, поштата и други, по неколкупати преминуваа од раце во раце. Во тие борби голема улога изиграа ударните групи од градот… се појавија и со самопрегорен елан ги нападнаа Германците в грб и в бокови, се поврзаа со нашите единици и вршеа улога на незаменливи водачи, оти точно го познаваа не само градот туку и организацијата на германската одбрана, та со тоа им укажуваа огромна услуга на нашите единици“.
Борбата за Скопје продолжила и на 13 ноември 1944 година, меѓутоа германската команда ја согледала реалната состојба на теренот и одлучила да повлече еден дел од германската армија кон Качаник. При повлекувањето на германската војска од северниот, североисточниот и западниот дел од Скопје биле употребени и германски оклопни тенковски единици, меѓутоа тие не успеале да ги извлечат германските војници од центарот на Скопје. Оттука само еден дел од германската војска успеал да се повлече, а другите биле опколени од силите на Народноослободителната војска и партизанските одреди на Македонија што се бореле во Скопје.

Сведоштва на директните учесници во ослободувањето на Скопје

Во дневникот на Шеснаесеттата македонска ударна бригада е запишано: „Партизаните со нетрпение го чекаа часот за тргнување. Појдовме со песна. Војниците не сакаа да се одморат, за да стигнат што поскоро во Скопје. Се слушаа рафали од тешките митралези во височината над селото Нерези. Сликата беше прекрасна. Партизаните, кои цели три години не виделе град, сега маршираа слободно во својот роден град. Слободата како крај на борбите“.
„Подготовките за ослободување на Скопје биле завршени со големо нетрпение“, истакнува Ангеле Михајловски-Ѓаче, директен учесник во борбите за ослободување на Скопје во своите спомени објавени во 1968 година.
Ослободителите, силно мотивирани за остварување на исконските стремежи на својот македонски народ, го очекувале денот кога ќе пристигне наредбата за напад на Скопје. Вечерта помеѓу 11 и 12 ноември била соопштена наредбата. Борбите за Скопје започнале да се водат изутрината на 12 ноември. Според Ангеле Михајловски-Ѓаче, германските сили сакале Скопје „наполно да го запалат и да го уништат“, но во тоа биле спречени на 13 ноември.
Анѓа Џувалековска, соборка на Ѓаче и прва репортерка на „Нова Македонија“, во своите спомени од 1964 година истакнува: „Една од градските ударни групи ја држеше целата позиција од Железниот до Камен мост. А таа имаше само 20 лица. Бестрашни и смели, вооружени само со пушки и карабини, ударниците прескокнуваа преку ѕидови, претрчуваа преку улици и дворови и се фрлаа во огнот“. Џувалековска исто така забележува: „Македонскиот борец се бореше бидејќи синџирите на ропството му отежнале, не можеше повеќе да ги гледа тие ’културни‘ вандали како му го разурнуваат градот!“
По дводневните улични борби, единиците на 42-та и 50-та дивизија, како и на 16-та Македонска бригада, го ослободуваат Скопје. Германските воени сили имале поставено мини во сите јавни објекти, вклучувајќи го и на Камен мост, меѓутоа партизанските единици со помош на населението го спречуваат нивното уништување. Во текот на борбите, железничката станица била освоена без да биде уништена, притоа биле запленети неколку локомотиви и вагони натоварени со топови, кои Германците не успеале да ги спасат.
На 14 ноември 1944 година „Нова Македонија“ на своите страници го објави прогласот на Градскиот народноослободителен одбор, во кој беше истакнато: „Скопје, престолнината на Македонија е ослободена. Крвавиот германски, фашистички, окупатор е истеран од нашиот град“. Скопјани исто така биле информирани дека Градскиот народноослободителен одбор како орган на народната власт и единствен толкувач на народната волја ја презема власта во свои раце. На 15 ноември штабот на Првата корпусна зона го информира Главниот штаб на НОВ на Македонија со следните зборови: „Вашата наредба за ослободување на историскиот град, престолнината на Македонија, нашето убаво Скопје, ја извршивме“. На 15 ноември во 12 часот сите бригади биле построени на плоштадот. Командантот на Главниот штаб на НОВ на Македонија генерал-лајтнант Михаил Апостолски извршил смотра на построените борци. По извршената смотра, Апостолски одржал говор и им оддал признание и благодарност што учествувале во борбите за ослободување на Македонија и на Скопје.
Пет години по ослободувањето на Скопје, бугарската историографија се обидела да им даде еден поинаков наратив на настаните, имено дека бугарската армија има заслуга во ослободувањето на Скопје. Меѓутоа овој наратив се отфрла од многу директни ученици во борбите за ослободувањето на Скопје. Меѓу нив е и генералот Михајло Апостолски, кој во своите спомени вели дека не само што не учествувале во битките за ослободување за Скопје туку не биле вклучени во ниту еден од направените воени планови.

Според командантот на Народноослободителната војска и партизанските одреди на Македонија, Радио Софија секојдневно ширела дезинформации низ бугарските медиуми дека нивните војски играат ослободителна улога во Македонија. Тоа со гнев било увидено од страна на Апостолски, кој тогаш издал наредба со која им се забранило воопшто да влезат во Скопје, а не пак да парадираат. Оние што се појавиле откако завршиле битките им било дозволено од генералот Апостолски да се одморат во касарните и да се вратат назад во Бугарија, без никакво право за нивно парадирање на улиците на слободниот град Скопје.
За овие случувања во своите мемоари говори и Боро Чушкар, македонски првоборец и генерал. Чушкар исто така потврдува дека Радио Софија ги манипулирала бугарските граѓани дека бугарскиот генерал Стојчев лично го ослободил Скопје. Меѓу другото, Чушкар за овие настани вели: „Стигнавме кај железничката станица во последна минута. Бугарските осмореди само што не беа тргнати по главната улица на параден марш. Рипнавме од коњот и Ѓуро и јас. Му пријдовме на најстариот по чин офицер. Беше тоа командант на дивизијата, а по чин беше генерал-мајор. Сув, слабичок и некако жолт, како лимон. Отидов и го прашав: Знаеш ли дека ова не е царска Бугарија? Знаеш ли ти, генерале, дека се наоѓаш во Југославија? Знаеш ли ти дека војуваме против вас четири години? Да ви… фашистичка! Знаеш ли ти, ѓубре едно.., ако направите уште еден единствен чекор кон градот, дека ќе наредам да се пука кон вас од сите оружја и орудија што ги има во градот!? Се влечете како лешинари по нас и јавувате по радио како ја ’ослободувате Македонија’!? Каде вие испаливте куршум за ослободување на Велес и Скопје, да ви… Што ви дава за право така гадно и подло да се лажете себеси и светската јавност!? Сместа во овој момент ќе ѝ наредите на војската да се сврти налево круг и сите да се вратите во касарните од каде и дојдовте. Дали разбравте, генерале? Со нас шали ќе нема!, а кога завршив, видов дека сѐ уште го држам за градите како детска играчка“.


Фалсификаторскиот бугарски наратив

Бугарската ревизиска историографија постојано се обидува да ја наметне приказната дека Скопје било ослободено од Првата и од Четвртата бугарска армија. Меѓутоа историските документи го побиваат тоа во целост. Имено, историските записи и извори недвосмислено сведочат дека македонската војска го ослободила Скопје, пред пристигнувањето на бугарските вооружени сили, кои, по капитулацијата на Бугарија, преминале на страната на сојузниците.
Според извештајот на Главниот штаб на НОВ за Македонија до Врховниот штаб на Југославија, дознаваме дека по борбите во текот на 12 и 13 ноември, македонската војска на 14 ноември „завладеа со целиот град и ги пречека бугарските сили, кои доаѓаа во колони по патот Куманово-Скопје“.
Лажната вест беше лиферувана од Радио Софија на 14 ноември, кое објави дека генералот Стојчев, на 14 ноември, во 6 часот го ослободил Скопје, а како претходница бил генерал-мајорот Генчев. Според ГШ на НОВ за Македонија, ваквата постапка на Бугарите предизвика „оправдан револт кај нашите борци и народи, пред чии очи се случува ова. Молиме, ако е можно, да се протестира кај Отечествениот фронт, да се демантира веста на Радио Софија преку Слободна Југославија. Исто така молиме бугарските трупи што побргу да се повлечат од Македонија“. На 15 ноември штабот на Првата бугарска армија се обидел да одржи парада во Скопје, меѓутоа не му било дозволено. Д.Ст.