Македонските нихилисти немаат намера да негираат сè, инаку, тогаш, тоа би значело негирање на самата можност за негирање, туку тие го негираат исклучиво македонството: постоењето на Македонци во Егеј и во Пирин, постоењето на просторно-временскиот македонски јазичен континуум, постоењето на македонскиот идентитет, македонската култура, македонскиот јазик, постоењето на сè што е македонско. Македонскиот нихилизам се манифестира со етички нихилизам: отфрлање на нормативните и морални гледишта – ним, на македонските нихилисти, сè им е допуштено и со егзистенцијален нихилизам: животот на Македонците нема значење и/или вредност
Денешниов текст е инспириран од извонредниот есеј на Ефтим Клетников „Името: политички или онтолошки проблем?“, објавен во „Нова Македонија“ минатата среда, 19 јуни 2024 година. Зборот „нихилизмот“ (од латински nihil „ништо“) означува, колоквијално зборувајќи, збир на гледишта коишто ги отфрлаат, негираат некои или сите аспекти на мислата и/или животот, па така, во филозофијата се говори за метафизички нихилизам, епистемиолошки нихилизам, етички нихилизам, егзистенцијален нихилизам… Во 19 век, темата нихилизам се среќава особено во делата на германските филозофи и руските книжевници. Терминот нихилизам првпат се среќава во „Отвореното писмо до Фихте“ (1799 г.), во кое Фридрих Хајнрих Јакоби го обвинува Јохан Готлиб Фихте за нихилизам; во писмото Јакоби, повикувајќи се на филозофските текстови на Фихте, ќе рече: „моите [на Јакоби] размисли неизбежно водат кон ‘нефилозофија’, која својата суштина ја има во ‘незнаењето’ исто како што вашата [на Фихте] ‘филозофија’ суштината ја има единствено во знаењето“. Во „Тезите за Фојербах“ (1845 г.) се среќава зародок на мислата за отфрлање на филозофијата, па така, според Луи Алтусер „единаесеттата теза за Фојербах мора да ја сметаме не како прокламација за нова филозофија, туку како изјава за напуштање на филозофијата воопшто“. Во книгата „Волја за моќ“ – книга на афоризми и фрагменти од книжевно-филозофското наследство на Фридрих Ниче (1844 – 1900), објавена првпат по неговата смрт во 1901 г., Ниче го воведува содржајно терминот нихилизам во филозофијата давајќи му онтолошко значење, иако фрагментирано, што допушта можности на различни толкувања. Според Ниче „нихилист е човек што проценува дека светот таков каков што е не треба да постои и дека светот каков што треба да биде не постои“. Творештвото на Ниче за нихилизмот, сепак, не чини филозофски систем – таков систем изгради Мартин Хајдегер триесетина години по смртта на Ниче.
Посебниот статус на литературата во руската култура во 19 век, особено по нејзината професионализација во почетокот на 19 век, придонесе таа делумно да ја преземе улогата на црквата како посредник на вистината, а романсиерот (поетот), кој поседува социјална харизма, доби можност да дејствува како гласноговорник на народот, толкувајќи ги предизвиците на општеството. Тоа поттикна создавање антинихилистички книжевен жанр. Во овој жанр, пред сè, припаѓаат делата на Иван Тургењев, Фјодор Достоевски, Иван Гончаров и Николај Љесков – да спомнам неколку значајни имиња, при што, сепак, треба да се направи разлика помеѓу отворено полемичните антинихилистички романи „Никаде“ (1864) на Љесков и „Бесови“ (1872) на Достоевски, од една страна, и романите „Татковци и деца“ (1862) на Тургењев и „Браќата Карамазови“ (1880) на Достоевски, од друга страна, коишто се осврнуваат на нихилизмот, до одреден степен – сепак станува збор за антинихилистички романи, со разбирање и емпатија. За разлика од другите форми на нихилизам, рускиот нихилизам не подразбира, што можеби треба да се очекува од чисто семантичка гледна точка, универзална „негација“, туку негација на конкретен политички, социјален и естетски режим (царската автократија, религиозното православие, ликовната уметност), меѓутоа, најзначајно, рускиот нихилизам подразбира негација на идеите, ставовите и обичаите на постарата генерација. Според тоа, рускиот нихилизам е, пред сè, сместен во меѓугенерациски општествен и културен конфликт, оттука и насловот „Татковци и деца“.
Насловот на романот на Тургењев на англиски јазик гласи „Татковци и синови“. Не случајно. Не случајно, според Сигмунд Фројд во „Достоевски и таткоубиство“, три епохални литературни дела се занимаваат со тема во којашто се пресликува сржта на односот меѓу татковците и синовите, имено со темата за таткоубиството: „Кралот Едип“ од Софокле, „Хамлет“ од Шекспир и „Браќата Карамазови“ од Достоевски. Таткоубиството во „Кралот Едип“ се извршува без свесна намера на јунакот (херојот): неговиот несвесен мотив се трансформира во судбина. Сепак, јунакот не се обидува да се ослободи од обвинението повикувајќи се на судбината, туку тој го признава чинот како да станува збор за свесно дело. Во „Хамлет“ јунакот не го извршува таткоубиството, туку некој друг, за кого чинот на убиство нема значење на таткоубиство. Меѓутоа, иако јунакот може да се одмазди за делото, тој се чувствува, на чуден начин, неспособен за тоа, па така чувството на вина се пресликува во восприемање на сопствената незрелост за извршување на одмаздата. Во „Браќа Карамазови“ не е важно кој го извршува делото, важно е, всушност, кој го посакува таткоубиството и кому таткоубиството му е добредојден чин, поради што сите браќа, со исклучок на Аљоша, се еднакво виновни: импулсивниот развратник, скептичниот циник и епилептичниот криминалец.
Во Македонија, во последниве триесетина години, се изнедри посебен нихилизам: македонски нихилизам, којшто се манифестира со стремеж кон ништожноста. За Аристотел, онтологијата – науката што се занимава со проблемот на постоење, суштествување, е „првата филозофија“, првиот и најзначаен дел на метафизиката. Тргнувајќи од прашањето за значењето на зборот „да се биде“, филозофите и мислителите изградија онтолошки (филозофски) систем, којшто служи како основа, повеќе од 2.000 години, на метафизичката мисла. Во македонскиот јазик зборовите со коишто се опишуваат онтолошки термини се изведуваат од два глагола: „суштествува“ и „биде“, па така, зборуваме за суштествување, суштина, суштински, сушт, суштост, суштество, суштествувачко, суштествен, суштественост и битие, бит, битност. Ако „и сè е јасно, а во центарот на битието е Името“ (Ефтим Клетников), тогаш негирањето на Името е негирање на нашето битие, на нашето суштествување, на нашата суштественост, па оттука, негирањето резултира во ништожност. Македонските нихилисти немаат намера да негираат сè, инаку, тогаш, тоа би значело негирање на самата можност за негирање, туку тие го негираат исклучиво македонството: постоењето на Македонци во Егеј и во Пирин, постоењето на просторно-временскиот македонски јазичен континуум, постоењето на македонскиот идентитет, македонската култура, македонскиот јазик, постоењето на сè што е македонско. Македонскиот нихилизам се манифестира со етички нихилизам: отфрлање на нормативните и морални гледишта – ним, на македонските нихилисти, сè им е допуштено и со егзистенцијален нихилизам: животот на Македонците нема значење и/или вредност. Појавата, во 19 век, на нихилизмот во Русија поттикна создавање антинихилистички книжевен жанр. Посакувам појавата на македонскиот нихилизам во Македонија да поттикне бран на антинихилистички книжевни творби, инспирирани од македонската голгота во последниве триесетина години. Чинот на негирањето на македонството за Македонците имплицира разнебитување, додека, пак, за нихилистите Македонци, тој чин се трансформира во лична беда, неуспех, можеби фиктивно таткоубиство. Оттука, не само што Фројд „би можел да има дополнителен богат материјал на атрофирана свест и етика за неговиот брилијантен есеј ‘Нелагодноста на културата’“ (Ефтим Клетников), туку нашите книжевни творци би можеле да имаат богат материјал за нивното творештво.
Во Македонија, во последниве триесетина години, се изнедри посебен нихилизам:
македонски нихилизам, којшто се манифестира со стремеж кон ништожноста
Во изминативе месец и половина, по инаугурацијата на претседателката на Македонија, македонската јавност беше и сѐ уште е, според моето мислење, опседната со Договорот со Грција. Договорот со Грција – „правниот Франкенштајн во меѓународното договорно право“ (Христо Ивановски), за што сум пишувал многупати, впрочем овој текст се однесува и на тој договор, е изворот на сите наши проблеми. Меѓутоа, да не го заборавиме Договорот со Бугарија. Нашето битисување, нашето духовно постоење, може да се оправда само преку милениумското постоење на македонски јазик и на македонскиот идентитет, не само на територијата на денешна Македонија, туку и пошироко, во Грција, во Бугарија и во Албанија и насекаде каде што живеат Македонци. Ако, прво, државата Бугарија и натаму отворено ги негира македонскиот јазик и македонскиот идентитет и, второ, по 2022 година, бугарското негирање на македонскиот идентитет стана дел од процесот на пристапување на Македонија во ЕУ, со цел да се загарантира негирањето на македонството, што значи целосен помор на сѐ што е македонско, тогаш првиот чекор што новата Влада на Македонија треба да го направи е едноставен: раскинување на Договорот со Бугарија.