Грчка и македонска народна носија

Вековна традиција што ги претставува идентитетските карактеристики на македонскиот народ

  • Според академик Катица Ќулавкова, македонските народни носии се еден вид историја во мало, не само на македонската култура туку и на македонскиот народ и неговите типични идентитетски исконски карактеристики. Дека македонската народна носија е нешто исконско потврдува и двотомна книга од 1581 година, која денес се наоѓа во музејот на уметноста „Метрополитен“ во Њујорк
  • Првиот дел од книгата го носи насловот „Носиите на различните народи во светот“ („Habitus variarum orbis gentium“). Таа се состои од насловна страница, информации за авторот, посвета и 67 носии, кои илустрираат 182 народносни стилови на облекување. Станува збор за раскошна публикација, но и една од најстарите книги во кои се претставени носиите на народите низ светот

Македонската народна носија има повеќевековна традиција и е неразделен дел од материјалната култура на сите припадници на македонскиот народ без разлика на нивното место на раѓање или живеење. Македонската носија е колективна творба на целиот македонски народ, творба што се пренесувала од генерација на генерација. За ова прашање, академик Катица Ќулавкова вели дека потеклото на македонската народна носија, онаква каква што е зачувана, денес на тлото на Македонија, односно на етничка Македонија, е подлабоко отколку што можеме да го замислиме. Според неа, јазикот на македонските народни носии е многу сложен, повеќеслоен, при што се пишувале нови слоеви врз старите. Така што се зачувани многу артикли и повеќето од нив може да бидат предмет на толкување и истражување во една митска перспектива.
– Македонските народни носии се еден вид историја во мало, не само на македонската култура туку и на македонскиот народ и неговите типични идентитетски исконски карактеристики – нагласува академик Катица Ќулавкова.
Дека македонската народна носија е нешто исконско потврдува и двотомна книга од 1581 година, која денес се наоѓа во музејот на уметноста „Метрополитен“ во Њујорк. Првиот дел од книгата го носи насловот „Носиите на различните народи во светот“ („Habitus variarum orbis gentium“). Таа се состои од насловна страница, информации за авторот, посвета и 67 носии, кои илустрираат 182 народносни стилови на облекување. Станува збор за раскошна публикација, но и една од најстарите книги во кои се претставени носиите на народите низ светот. Долго била подготвувана, а била објавена од Жан Жак Боасар под влијание на Никол и Луиз де Виен, на кои книгата им е посветена. Плочите биле изгравирани од Јулиус Голциус, чиј потпис стои на седмата плоча. Оваа публикација вклучува носии на благородници, граѓани, куртизани, вдовици и селани од Венеција и другите поголеми градови во Италија, Баварија, Швајцарија и Франција и неколку области од Османлиската Империја.

Вториот дел од ова издание е именувано „Секоја носија на народите од Европа, Азија, Африка и Америка“ („Omnium pene Europae, Asiae, Aphricae atque Americae Gentium Habitus“). Ова дело се состои од насловна страница, белешка до читателот, посвета и 75 носии што се поделени во два дела. Во првиот дел се претставени 58 носии на различни народи од Западна и Централна Европа, Османлиската Империја и од Америка. Во вториот дел се претставени 17 носии на различни религиозни редови. Првиот дел од сетот е објавен во 1580 година, а вториот дел во 1581 година, со дизајни создадени од Абрахам де Брујн.
Меѓу другото, низ страниците на ова раскошно издание може да се видат носиите на неколку западноевропски народи, но и на балканските народи, како што се Грците, кои тогаш живееле во рамките на Османлиското Царство. На страница 47 може да се забележи македонска женска носија, а жената што ја носи носијата е именувана како Македонка. Оваа издание од 1581 година е потврда дека македонската народна носија имала свои особености уште пред неколку века, кои биле забележани од странските посетители, кои биле живи сведоци на македонската автентична носија,како нешто одделно. Колку и да звучи чудно, носијата што е претставена во оваа книга од 1581 година многу наликува на носиите што беа објавени во научниот труд „Македонски народни носии“ од проф. д-р Владимир Јаневски од Одделот за етнокореологија и универзитетскиот ансамбл „Македонија“ при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип. Д.Ст.


Карактеристики на македонската носија

Во повеќе делови на источна и југоисточна Македонија за изработка на горната облека голема примена имала лито ткаена ригеста волнена тканенина „алаџа“ или „антерија“. За разлика од горните облеки, долните машки и женски облеки: кошулите и гаќите, главно се изработувале од домашно ткаено бело конопно, ленено и памучно платно. Во одделни пределски целини овие облеки се изработувани и од платно чија бела памучна основа е комбинирана со тесни појаси од свилена преѓа – во вид на риги – „кенари“, по што и самото платно е познато како „кенарлија платно“. Поретко, на пример во делови од Пиринска Македонија и Егејска Македонија, некои од горните женски облеки – „саите“ се кроеле од домашно ткаено платно во сина боја. Кројот речиси на сите облеки е доста едноставен, условен од ограниченоста на ткаенините ткаени (главно на тесен хоризонтален разбој) во широчина што варира од 38 до 42 сантиметри, во ретки случаи и до 48 сантиметри. Подреден на ткаенините со вакви димензии истиот тој е приспособен на анатомијата на човековото тело.

Omnium pene Europae, Asiae, Aphricae atque Americae Gentium Habitus“ (секоја носија на народите од
Европа, Азија, Африка и Америка)