Македонија се наоѓа во перманентна, сеприсутна, повеќеслојна криза веќе триесетина години. Што треба македонската јавност, интелектуалците, творците и мислителите да направат за да излезат политичарите од неопределената состојба (ни угоре ни удолу, ни на небо ни на земја) во која одамна удобно се сместени и конечно да преземат вистински мерки потребни за справување барем со дел од проблемите со кои се соочува Македонија? Дали работата на секоја нова влада на Република Македонија по нејзиниот мандат ќе се опише концизно со синтагмата „веќе видено“ – арогантност, самобендисаност, лукративност? Дали е воопшто возможно искуствата, согледувањата, размислите од нашето минато, минатото на нашите соседи и минатото на човештвото да помогнат во градењето иднина на Македонија? Ако одговорот е афирмативен, како?
Зборовите често имаат повеќе значења, различна временска концептуализација, а неодамнешните лингвистички студии покажуваат дека, дури и во секојдневна употреба, општите именки може да имаат меѓу десет и триесет различни значења. Витгенштајн тврдеше дека зборовите немаат значење надвор од дадената јазична игра, додека, пак, според Дерида не постои одлучувачко значење на зборовите во ниту една околност, оттука, при деконструирање на речениците може да се идентификуваат неопределен број можни значења. Различните семантички екстензии што ги поседуваат кинеските знаци, во зависност од контекстот, го прават кинескиот јазик алузивен и полн со симболизам.
Во англискиот јазик, зборот „криза“ за првпат се појавува во англискиот превод (од латински јазик) на трактатот „Голема хирургија“ (1363 г.) од францускиот хирург Ги де Шолиак, околу 1425 година, со значење „пресвртна точка во болеста“. Зборот потекнува од грчката именка κρίσις (кризис) „одделување, разликување, дискриминација, одлука, судење“ што е изведена од глаголот κρίνω (крино) – „оддели, одлучува, суди“, кој, пак, има праиндоевропски корен *krei-, што значи „просејување“, оттука „дискриминира, разликува“. Значењето „витално важна или одлучувачка состојба на нештата, точка до која мора да дојде промената, на подобро или на полошо“ првпат се среќава во англискиот јазик во 1627 година како фигуративно продолжување на оригиналното медицинско значење. Кинескиот збор за „криза“ (wēijī, 危机) е составен од два знака: wēi – „опасност“ и jī – „почетен момент, критична точка“, па оттука, зборот означува „латентна опасност“ – момент кога не се бараат предности и придобивки, и укажува на ситуација кога треба да се биде особено претпазлив, а можноста за крајно непожелен исход треба да е најважна во умот на личноста што се повикува на овој термин.
Концептуализацијата на зборот „напредок“ е интересна: латинскиот збор progressus „одење напред, напредување“, од progredi „да се оди напред“ – составен од pro „напред“ (од праиндоевропскиот корен *per- „напред“) и gradi „да чекори, оди“, од gradus „чекор“ (од праиндоевропскиот корен *ghredh- „да одиме, оди“) за разлика од именката profectus „раст, напредување, зголемување, напредок“, во теологија „духовна придобивка“, од глаголот proficere „оствари, направи напредок“, составен од pro „напред“ и facere „да се направи“ (од праиндоевропскиот корен *dhe- „да се постави, да се стави“), добива ново значење во неговите неолатински, француски и англиски опкружувања: отвореноста на иднината којашто истовремено се сфаќа како сè поконтролиран прогрес.
Македонија се наоѓа во перманентна, сеприсутна, повеќеслојна криза веќе триесетина години. Што треба македонската јавност, интелектуалците, творците и мислителите да направат за да излезат политичарите од неопределената состојба (ни угоре ни удолу, ни на небо ни на земја) во која одамна удобно се сместени и конечно да преземат вистински мерки потребни за справување барем со дел од проблемите со кои се соочува Македонија? Дали работата на секоја нова влада на Република Македонија по нејзиниот мандат ќе се опише концизно со синтагмата „веќе видено“ – арогантност, самобендисаност, лукративност? Дали е воопшто возможно искуствата, согледувањата, размислите од нашето минато, минатото на нашите соседи и минатото на човештвото да помогнат во градењето иднина на Македонија? Ако одговорот е афирмативен, како?
Кризата во Македонија, веќе триесетина години, не успева да иницира фундаментална промена на системот. Македонската криза е генерирана од повеќе чинители: надворешни (непризнавање на македонскиот идентитет, економски надворешни кризи што се прелеваат во државата, еколошки кризи, здравствени кризи, геополитички превирања) и внатрешни (економски нарушување што потекнуваат од внатрешната структура на економијата и ненавременото адресирање на економските предизвици и политички нарушувања, што имаат свои корени во привидно признавање – или непризнавање на државата Македонија од една етничка заедница, а што се манифестира во нефункционална демократија). Мотивите за пишувањето на денешниов есеј произлегуваат од моето опипливо чувство на фрустрација, потиштеност, дезориентација, апатија. Зошто? Крајното прашање што надвиснува над сите нас е дали оваа перманентна, сеприсутна, повеќеслојна криза ќе придонесе за распад на Македонија, за распад на македонизмот или, конечно, Македонците успешно ќе се соочат со предизвиците, незначително наведувајќи се, наместо да се скршат од ветровите на промените и притисоците однадвор и ќе обезбедат прогрес. Зборот „криза“ не треба да значи само опис на нарушената состојба и време за стекнување предности и придобивки (ловење во матно), што е причина за опстојување на кризата, туку и одговорност да се преземат решителни чекори за надминување на кризата – одлучување во критичен момент, додека, пак, зборот „прогрес“ треба да значи посакуван, што може да се контролира и од Македонците, напредок, при што, според моето мислење, тоа имплицира само едно: опстојување на македонизмот.
Кризата во Македонија, веќе триесетина години, не успева да иницира фундаментална промена на системот. Македонската криза е генерирана од повеќе чинители: надворешни (непризнавање на македонскиот идентитет, економски надворешни кризи што се прелеваат во државата, еколошки кризи, здравствени кризи, геополитички превирања) и внатрешни (економски нарушување што потекнуваат од внатрешната структура на економијата и ненавременото адресирање на економските предизвици и политички нарушувања, што имаат свои корени во привидно признавање – или непризнавање на државата Македонија од една етничка заедница, а што се манифестира во нефункционална демократија). Мотивите за пишувањето на денешниов есеј произлегуваат од моето опипливо чувство на фрустрација, потиштеност, дезориентација, апатија. Зошто?
Откако ќе се нотираат сите чинители на македонската криза, како понатаму? Во однос на економските предизвици, паралелно со имплементацијата на петте столба за економски развој: (1) Заокружување на темелните принципи на пазарната економија и јакнење на институционалните капацитети на државата; (2) Инвестиции во иновации и човечки капитал; (3) Развиена и функционална патна, железничка и енергетска инфраструктура; (4) Модерна индустрија и конкурентен извозен сектор и (5) ЕУ-интеграции и регионална соработка, според моето мислење, Владата треба да започне, за што сум пишувал многупати, со реализација на следните чекори: (1) Слабеење на позициите на извршната власт и администрацијата, па затоа е потребно да се намали бројот на ешалони на извршната власт, но и да се ограничи па дури и да се изземе извршната власт од раководење на јавните претпријатија, јавните установи и акционерските друштва во сопственост на државата (на пример, ЕМС, МЕПСО, Пошта и други); (2) Намалување на ингеренциите на извршната власт во подрачја што според Уставот се утврдени за автономни сфери на општеството (образование и наука, култура, здравство итн.); (3) Намалување на бројот на вработени во јавните институции и администрацијата и воспоставување мериторен систем за вработување во јавните институции и администрацијата.
Што се однесува до идентитетските предизвици, тргнувајќи од фактот дека „бугарската политика и црква чекорат по исти стапки“ (Јасминка Павловска) – целосна негација на сè што е македонско, на Владата на Република Македонија ѝ преостанува само една опција. Впрочем, таа е обврзана, водејќи се од „Резолуцијата за утврдување на македонските државни позиции во контекст на блокадите на европските интеграции“, усвоена од Собранието на Република Македонија на 29 јули 2021 година, во наредните сто дена, да го раскине Договорот со Бугарија и да започне преговори за потпишување праведен и достоинствен (или горд – ако го искористиме зборот од предизборната кампања) договор со Бугарија. За Договорот со Грција, читајте во мојот следен есеј.
Јанѕа ме обзема од помислата дека Владата на Република Македонија ќе ги забошоти, ќе ги прикрие, ќе ги занемари желбите, посакувањата, соништата на Македонците за одбрана на македонизмот. Таа, со раскинувањето на Договорот со Бугарија, има единствена шанса да влезе во праведната, пишувана од Македонци, историја на Македонија. Но, ако не се случи тоа, што тогаш? Македонците, разочарани, апатични, демотивирани, ќе продолжат да се иселуваат, а прогресот во Македонија, ако под прогрес се подразбира напредок што го контролира македонизмот, ќе се распадне како меур. За да се спречи тоа, според моето мислење, се потреби демократски и, во рамките на институциите на Македонија, движења и активности што, од една страна, ќе имаат иманентно нарушувачки предзнаци, а, од друга страна, ќе ги предизвикуваат перманентно носителите на моќ – властодршците.
Мериторниот систем за вработување во јавните институции и администрацијата во Кина вклучувал, во минатото, стекнување диплома еквивалентна на доктор на науки, со полагање повеќе предмети: еден од тие предмети бил пишување!!! (не толкување) поезија. Тоа, според моето мислење, не е случајно – поезијата е тесно поврзана со емпатијата. Каде ќе беше сега Македонија ако, барем малку, ги слушавме поетите: од Прличев, преку Рацин, Конески и Котески, до Ќулавкова и Клетников (однапред им се извинувам на неспомнатите)?