Формално одделени од матицата, нашинците низ светот се самоорганизираат
На 4 јуни 2025 година, во 11 часот, пред Европскиот парламент во Брисел, македонската дијаспора ќе одржи мирен протест. Во повикот, кој е објавен од повеќе македонски друштва и организации, се повикуваат сите Македонци што живеат и работат во европските држави масовно да му се приклучат на протестот.
– Овој протест е израз на нашето национално достоинство и поддршка за признавањето на македонскиот јазик и македонскиот идентитет како рамноправен дел од културното и јазичното богатство на Европа. Иницијативата произлегува од самите нас – Македонците што живееме надвор од татковината – од убедување дека сега е клучниот историски момент да го изразиме нашиот глас. Сакаме јасно да порачаме дека македонскиот јазик не е дијалект, туку официјален јазик со своја историја, структура и културна тежина, а македонскиот народ е посебен и достоен член на европското семејство – се вели во повикот.
Според повикот, протестот е со поддршка од македонските институции, но тој произлегува од народот, од секој Македонец што верува во своите корени и има одговорност да ги заштити. Ги повикуваме сите присутни да донесат сопствени транспаренти, плакати и знамиња со пораки за поддршка на македонскиот јазик, култура и национален идентитет. Да покажеме дека сме обединети, свесни и достоинствени, се вели во повикот до македонската дијаспора.
Во Пустец одржан настан под мотото
„Розите што зборуваат на јазикот на Европа“
Под мотото „Розите што зборуваат на јазикот на Европа“ денеска во Пустец беше одржан настан во рамките на Европската недела. Општина Пустец во соработка со училиштето „Трајан Ѓорѓиовски и Митре Колевски“ организираше едукативна и симболична активност: „Паркот на европските рози“, со финансиска поддршка од Европската Унија, спроведена преку проектот „EU4GoodGovernance“, објави Општина Пустец на официјалната фејсбук-страница.
Во дворот на училиштето беа засадени 28 рози, по една за секоја земја членка на ЕУ и една за Албанија како земја кандидат.
– Паркот на европските рози ќе остане симбол на посветеноста кон европските вредности и едукативен простор за идните генерации – изјави Пали Колефски, градоначалник на општината.
На настанот присуствувале Кристина Вредберг, раководителка на проектот за техничка асистенција на ЕУ за добро управување, Висар Силај, менаџер на проект во Агенцијата за поддршка на локалната самоуправа, како и ученици и наставниот кадар од училиштето.
Македонската заедница во Германија го одбележа Св. Методиј
Претставници на делегацијата на македонската заедница во Германија ја продолжија традицијата на одбележувањето, со полагање свежо цвеќе на спомен-плочата во замокот каде што Свети Методиј бил заточен во обидот да се спречи во неговата просветителска мисија меѓу источните народи.
Во македонската делегација беа претставници на македонската православна црковна општина „Свети Кирил и Методиј“ од Штутгарт и македонската православна црковна општина „Пресвета Богородица“ од Синделфинген-Боблинген. Свежи цвеќе положи и делегација на Македонскиот национален совет во Германија.
– Саможртвата на нашите просветители светите солунски браќа Кирил и Методиј – за Македонците е инспирација за нашето постоење. Ние Македонците сме нивни достојни наследници, ќе продолжиме со традициите да ги одржуваме споменот и поменот за нив и нивните ученици. Веруваме дека денес и Свети Методиј во царството небесно е благодарен за споменот и поменот за нив од нас Македонците во Елванген – изјавија Македонците од делегацијата на македонската православна црковна општина „Свети Кирил и Методиј“ од Штутгарт, македонската православна црковна општина „Пресвета Богородица“ од Синделфинген-Боблинген и Македонскиот национален совет во Германија.
Годишен концерт на македонското културно -уметничко друштво
„Јане Сандански“ во Австралија
Македонското културно-уметничко друштво „Јане Сандански“, во чест на роденденот на големиот македонски револуционер, војвода и еден од раководителите на ТМОРО, Јане Сандански, патрон на друштвото, на 18 мај, во престижниот Шелдон Рисепшан го одржа својот годишен концерт. На концертот настапија и членовите на културно-уметничкото друштво „Светлост“ од Мелбурн. Македонското културно-уметничко друштво „Јане Сандански“ и македонското културно-уметничко друштво „Светлост“ од Мелбурн изразија голема благодарност до „Холивуд стајл продакшнс“ за убавите слики и видеа од нивниот настап со прекрасните македонски народни песни и ора.
Членовите на македонските културно-уметнички друштва ги воодушевија присутните гости со прекрасните рецитации и македонски народни песни и ора за славното македонско минато. Програмата беше подготвена до перфекција, а членовите на културно-уметничките друштва оставија силен впечаток, публиката со нетрпение го очекува нивниот следен настап.
Годишниот концерт продолжи со општонародна веселба со убави стари и новокомпонирани македонски народни песни и ора.
На годишниот концерт присуствуваа повеќе од 600 гости и повеќе од 250 игроорци, задоволни од менито и програмата. Организаторот упати благодарност до македонското културно-уметничко друштво „Илинден“ од Мелбурн и македонското културно-уметничко друштво „Бисер“ од Џилонг, кои позајмија дополнителни носии за многубројните учесници во програмата. За очекување е годинава МКУД „Јане Сандански“ од Мелбурн од 5 до16 јули да оствари голема турнеја со голем број настапи во Македонија.

Страницата ја подготви: Далибор Станковиќ