Фото: Игор Бансколиев

Сите барања и услови што ѝ се поставуваат на Македонија, почнувајќи од Тиранската платформа пред неколку години, францускиот предлог потоа, па до новата средба пак во Тирана, се спакувани во некаква европска обланда, која, патем, нема никакви допирни точки со европските вредности и стандарди. Најдобра потврда за тоа е што токму Тиранската платформа и воведувањето на двојазичноста тогаш беа остро критикувани од Венецијанската комисија, исто како што и францускиот предлог е во спротивност со Копенхашките критериуми. Во вакви услови, што може да донесе ново и позитивно новата седенка на Рама со лидерите на албанските партии од Македонија? Политичките аналитичари се едногласни дека токму овие надворешни влијанија повеќе функционираат како вируси што го разградуваат македонското национално ткиво, а македонската јавност се прашува колкава е резистентноста на македонските политичари на овие „вирусни дејства“ однадвор

ТИРАНСКА ПЛАТФОРМА БРОЈ 2 КАКО УШТЕ ЕДЕН УПАД ВО НАШИТЕ ВНАТРЕШНИ ПРАШАЊА

Најголем дел од албанската политичка елита во Македонија денес ќе отпатува во Тирана, на средба со албанскиот премиер Еди Рама. Неколку дена откако е упатена поканата на Рама до албанските политички лидери од Македонија, во македонската јавност не се посочуваат ниту поводот ниту причините ниту темите за кои би се разговарало на средбата, која веќе колоквијално е наречена „тиранска платформа 2.0“. Но она што е повеќе од јасно е дека повторно некој друг однадвор ќе се обиде да ја крои и прекројува македонската судбина, да влијае и дава насоки за прашања и теми што се исклучиво македонски и ги засегаат македонските граѓани. Водејќи се од искуството на рефлексиите од претходниот состанок, пред пет години, во сличен формат, наречен „Тиранска платформа“ (за кој учесниците на таа средба до ден-денес велат дека всушност не постои), извесно е дека од Тирана ќе бидат испорачани одредени очекувања и барања што ќе се однесуваат на внатрешната политика на Македонија.
Сепак, претходната Тиранска платформа воопшто не е далечно минато, туку во голем дел реализирана реалност во македонската држава. Најеклатантен случај на реализација на етноцентристичките барања, претставени како „дополнителна европска вредност“ од Тиранската платформа од 2017 година, е усвојувањето на Законот за употреба на јазиците. Патем, токму за овој закон, Венецијанската комисија (правно советодавно тело на Советот на Европа) се изјасни дека во голем дел е неприменлив, нефункционален и не е во никаква корелација за некакво надградување на европските вредности. Од тогашниот министер за евроинтеграции (денес за надворешни работи) Бујар Османи беше ветено дека ќе бидат имплементирани забелешките на Венецијанската комисија, но ништо од тоа не е исполнето. Законот за употреба на јазиците, со сета своја вградена контроверзност, е дел од македонскиот правен систем.
Според политичките аналитичари, со Тиранската платформа практично започна „трендот“ на прекројување на внатрешното политичко уредување на Македонија според барања на надворешни политички фактори, односно наметнување услови од соседните држави. Иронијата е во тоа што сите овие етноцентристички (па и шовинистичко-иредентистички барања) се претставуваат како чекори за приближување на Македонија до вредностите на ЕУ, иако во суштина сите тие надворешни услови и уцени се целосно антиевропски, антицивилизациски и противправни. Почнувајќи од Тиранската платформа, па до францускиот предлог.
Набрзо по првата Тиранска платформа се случи Договорот за добрососедство со Бугарија (август 2017), кој сега е основа за т.н. француски предлог на ЕУ за отворање на поглавјата во преговорите на Македонија за полноправно членство во Унијата. Со тој предлог се бараат нови промени во Уставот на Македонија, и покрај сите болни уставни измени што се случија со прифаќањето на Преспанскиот договор со Грција.
Сите овие барања што ѝ се поставуваат на Македонија, спакувани во европска обланда (која нема никаква поврзаност со стандардните Копенхашки критериуми за проширувањето на ЕУ), предизвикуваат прашања за сериозно преиспитување на отпорноста на македонските политички елити на надворешни влијанија, кои се покажуваат како штетни за македонските национални интереси, а не се ефикасни ниту за евроинтегративните процеси. Овие влијанија повеќе функционираат како вируси што го разградуваат македонското национално ткиво, а македонската јавност ја загрижува резистентноста на македонските политичари на овие „вирусни дејства“ однадвор.

– Во последниве пет години, за жал, не може да се говори за некаква конзистентност на македонските политички фактори во смисла на заштита на македонскиот национален интерес, ниту за покажан отпор за нешто што се барало од надворешни политички центри. Од 2017 година, нашето внатрешно уредување практично целосно е под контрола на странски сили, а власта работи според принципот да се издејствува тоа што се бара од неа, без разлика колку е тоа штетно за националниот интерес и сувереноста на Македонија. Од најновата средба на албанските политички лидери од Македонија со премиерот на Албанија, Еди Рама, не може да се очекува ништо добро. Во тоа согледувам почеток на затегнување на обрачот за да се издејствуваат уставните измени што се бараат со т.н. француски предлог, но секако во интерес на албанските барања, за албанскиот јазик да добие статус на втор официјален јазик во македонскиот устав. Освен што е понижување што албанските политички лидери од Македонија одат по „свое мислење“ во друга држава, тоа е и отворена демонстрација дека сме држава без суверенитет. Секако, „консултации“ со политички лидери од друга држава, со намера да се влијае врз нејзиниот устав, се мешање во внатрешните работи на земјата, што е спротивно на принципите на меѓународното право. Уште попоразително е што политичките елити од т.н. македонски блок партии, особено од актуелната владејачка гарнитура, немаат никаков имунитет за ваквите надворешни влијанија и барања. Се дава сѐ што ќе се побара однадвор, како услов или уцена, само за да се опстане на власт. Сите политички фактори размислуваат и балансираат само околу формирањето коалиции, за да се остане или да се освои власта – вели професорката Солза Грчева, лидерка на Глас за Македонија.
Историчарот Александар Литовски заклучува дека отпорноста на македонските политички елити спрема влијанија штетни за македонската државност е сериозно нагризена од сервилноста кон странскиот фактор и опортунизмот за коалицирање со албанскиот политички фактор од земјава.

– Разочарувачки и загрижувачки е што Македонија како држава не презема ништо за пресретнување и спречување на дејствата на надворешни и внатрешни политички фактори за кои е извесно дека ќе имаат штетно влијание врз македонските национални интереси. Не е првпат албанските политички лидери од Македонија да одат во Албанија, т.е. кај албанскиот премиер Еди Рама да им ги формулира барањата и условите што ќе ги поставуваат во македонската држава. Од една страна, тоа покажува колку е ниска лојалноста кон македонската држава на албанските политички партии. Нивната „лојалност“ е голема само кога треба да имаат придобивки од државата Македонија, како места во власта, вработувања за нивните партиски членови и симпатизери и низа други бенефиции, но не сметаат дека треба да го заштитат суверенитет на државата каде што ги остваруваат сите граѓански права и привилегии. За жал, македонската политичка елита, и од левиот и од десниот блок, не покажува отпорност спрема ваквото однесување на албанскиот политички фактор во државава, односно дејствува по линијата на помал отпор. Спрема влијанијата што доаѓаат од надворешните центри на моќ, македонските политички фактори се однесуваат целосно послушнички и сервилно, додека спрема албанскиот политички фактор настапуваат со опортунизам, со прагматичност за да се биде власт – вели Александар Литовски.
Политикологот Панче Наумов, пак, оценува дека е преценето влијанието на албанскиот политички фактор за стабилноста на Балканот и дека состаноците од форматот на „тиранската платформа“ се уште една самоохрабрувачка парада на „сеалбанството“.
– На албанскиот политички фактор од одредени познати причини и заради одредени глобални крупни интереси несоодветно и неприродно му се припишува премногу значајна улога на Балканот, која тој реално ја нема. Самата идеја тој фактор да се промовира до ниво на регулатор (наводно) на рамнотежата на односите внатре во таа геополитичка конфигурација е дестабилизирачка. Каде води тоа? Еве вака, на пример, се организира вечера во некој елитен ресторан во Тирана, на која присуствуваат Еди Рама, Курти, Али Ахмети, Гаши, Касами Таравари…, на која овие личности за да ја разбијат вообичаената досада разговараат за ланскиот снег на Брезовица.
Што можат да смислат тие или, пак, да направат нешто? Ајде да бидеме реални – коментира Панче Наумов.


Тирански средби секогаш околу Божиќ?

Во целиот контекст на мистериозност во манифестацијата на сеалбанска обединетост и регионална влијателност на албанскиот фактор, преку Тиранската платформа, забележително е дека двете „големи средби“ од овој формат на премиерот на Владата на Албанија, Еди Рама, со лидерите на албанскиот политички блок од Македонија, се случуваат во периодот на празниците во Македонија за чествување на православниот Божиќ. И онаа средба во 7 јануари 2017 година, а и денешнава, на 10 јануари 2023. Ако првата средба во 2017-та можеше да помине како „непланирана коинциденција“, по годинешното совпаѓање со православниот Божиќ и состанокот на тиранската платформа, станува повод за толкување некакви симболики и можни пораки од изборот на датумите.


Колкави се кредибилитетот и авторитетот на Рама

Уште една индикативност се наметнува по средбите во Тирана на албанската политичка елита од Македонија со албанскиот премиер Еди Рама. Имено, досега не е забележано Рама во таков сличен формат да ги покани на средби кај себе лидерите на албанските политички партии од Косово, што би било логично доколку сака да манифестира некакво лидерство на сеалбанскиот фактор во регионот.
– Косовските лидери си ги примаат наредбите директно од центрите на моќ, така што Рама не им е потребен како посредник. Од друга страна, Рама знае отворено да критикува и да се спротивстави на политиките што ги спроведува ЕУ во однос на проширувањето, така што и за европските фактори тој не е „неопходен посредник“ за водење на политичките процеси во Косово. Но и косовските лидери не покажуваат безрезервна доверба кон Еди Рама, особено во неговата посветеност на проектот Отворен Балкан, односно отворената соработка и со Србија, наспроти отворените прашања што со оваа земја ги има Косово – вели професорката Солза Грчева.
Редица албански аналитичари деновиве коментираат и дека премиерот на Албанија, Еди Рама, има нарушен кредибилитет и авторитет и внатре во својата земја, но и пошироко, во рамките на ЕУ, поради редица правни и политички прашања. Дали можеби со најновата тиранска средба тој сака да си го поправи својот рејтинг?